Македонија = Каледонија (?!)

/, Звук, Блесок бр. 21/Македонија = Каледонија (?!)

Македонија = Каледонија (?!)

Blues & Soul Festival (4-7 јули 2001)

Со програма исклучиво нурната во блузот како една од универзалните институционални музички категории, годинешново издание на Фестивалот го апострофира сопственото сигурно „проодување“, но и натаму ја остави отворена дилемата околу трансформацијата во навистина силна регионална Манифестација што условно би раскрстила и со дадената рамка во која се случува.

#1 Петтото (веќе „јубилејно“) издание на Blues & Soul Festival-от, како една од рожбите на „Скопско лето“, се обистини во востановениот термин (4–7 јули) во амбиент на воени дејствија и атакувања врз самобитноста на државава – Република Македонија. Од таму, сосема разбирливо е што успешната реализација на овој (во друга пригода единствено музички) настан безусловно ќе се мери и со поинаков (изнуден) аршин. Без ниту едно откажување од планираните учесници и со присуство на публиката што оди во прилог на нагорната линија, Фестивалот заради убавата можност да се стори бегството од високата напнатост безусловно мора да биде бележан со крајно позитивен предзнак. Во зло време само за трепет – два бевме во позиција да се свртиме кон индивидуалните душевни потреби и да го јавнеме ритамот со кој пулсира сиот нормален свет. А, тоа од дадениов замрачен видокруг и не е така мала работа.
Наспроти ваквата актуелна позиционираност, годинешново издание на Blues & Soul Festival–от несомнено стори и благ програмски исчекор што оди во прилог на натамошното етаблирање на Манифестацијата. Иако понудата во оваа пригода исклучиво беше базирана на блузот (што може но не мора да значи и стеснување на концептот) се покажа дека таквата солуција може да функционира ако одбирот е сторен онака како што треба. Од таму, директниот „виновник“ за тоа – уметничкиот соработник Васја Ивановски, како впрочем и организаторот -Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, се веќе во позиција уште посилно да ги артикулираат сопствените размисли околу иднината на Фестивалот и отворената можност допрва да се шири кругот на публиката што го поима блузот како универзална музичка категорија.
#2 Инаку, годинава поместен (заради спецификите на времево-невреме …) под „вршникот“ именуван како Универзална сала во Скопје, Blues & Soul Festival–от претстави звуковно разновиден пресек на случувањата во овој сегмент од музиката. Стартот им припадна на дебитантите од Прилеп – Crossroad Blues Band кои наспроти сопствената импресионираност од чинот со не само локалното поимање на формата (оригиналноста ја допираат со текстовите на македонски јазик) беа сосема солиден вовед во она што следува. А, токму Си Џеј Шанир (инаку син на кралот на “zydeco“ музиката Клифтон Шанир) со наследениот Red Hot Louisiana Band, воведувавајќи современи елементи во неверојатно возбудливиот хибрид на „американско – францускиот блуз“ („народната“ музика на колонистите на Луизијана, САД), цели два часа беше гласноговорник на оптимизмот и прекрасната обичност на танцот. Ветено – сторено.
Камбоџанецот Бони Би, виртуозот на усна хармоника, пак, со своите придружници – главно швајцарски блуз музичари, сторијата за „својот живот како бесконечен блуз“ ја раскажа посегајќи по најдоброто од Чикаго блузот и традиционалната музика од својата татковина. Сепак, неговиот настап беше само „предигра“ за перформансот на дефинитивно новата блуз ѕвезда, до неодамна анонимната белграѓанка, Ана Поповиќ. Со сигурност во вокалната изведба што импонира, и гитарски делници што им приличат на големите мајстори, споменатава придружувана од одличниот пратечки состав од Холандија, со леснотија потврди зошто под свое ја зел продуцентот Џим Геинс (Сантана, Дилан, Стиви Реј Вон…) и зошто за албумот снимен во Мемфис “Hush!“ се кажани толку убави зборови од критичарите, зошто ја има на фестивалите покрај некои од гореспоменативе, Бернард Алисон, WAR… Со право Ана Поповиќ е бележана како голем потенцијал за иднината на блузот.
#3 И, на самиот крај, третата вечер, најнапред локалните блуз херои Wild Bunch, предводници на македонската блуз сцена во повој, со најубедлив настап досега (посебно убедливи во класиката „Каледонија“ што од „патриотски“ причини во случајов беше „преименувана“ во „Македонија“ и каде гостин на усна хармоника им беше еден од членовите на одомаќените Blues Wire). Веднаш потоа уследи и сетот на старите познаници и веројатно една од најсилните блуз постави во Европа – погореспоменатите Blues Wire од соседна Грција, за настанот да кулминира во мигот кога ним на сцената им се придружи легендарниот Ју Пи Вилсон или “The Texas Blues Guitar Tornado“ како што го нарекуваат. Неповторливо.
#4 Конечно, и по годинешново успешно издание на Фестивалот што го заокружува неговото „проодување“, некои дилеми остануваат сепак отворени. Јасно е веќе дека на Манифестацијата ѝ станаа претесни постојните организациони рамки (па, ако милувате, и философијата „со малку пари добра програма“) и заради тоа многу посериозна станува и обврската на Организаторот кон востановената „навика за блуз“. Имено, со нешто малку пообемен буџет и со термини што не би робувале на постојниот (нека биде тоа во мај, јуни или септември, октомври… и што е уште поважно дефинитивно како засебна манифестација), термини што упатуваат на сродните случувања во комшилукот (пример: Фестивалот во Атина…) нема да биде „грев“ копнежот во Скопје да ги видиме и чуеме: мега ѕвездите како Бади Гај, Роберт Креј, Гери Мур… извиканите Џон Мајал, Питер Грин (сите оние чии хонорари и не се којзнае каков бауч) или програмски „екстравагантните“ Брнсајд, John Spencer Blues Explosion… и мнозина други што можат да го разбудат поширокиот интерес и го сторат случувањето во едно од бележитите во овој дел од светот . А, тоа е крајната цел на потписниците на Blues & Soul Festival-от, нели?

2018-08-21T17:21:56+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 21|