Лекции од животот и уметноста

/, Галерија, Блесок бр. 82/Лекции од животот и уметноста

Лекции од животот и уметноста

(Кон изложбата на Илија Пенушлиски на 19.09.2011 во „Око“)

#1 Некои од најголемите животни лекции ги научив токму во сликарското ателје на Илија Пенушлиски. И сè уште учам многу додека тој раскажува дебармаалски анегдоти, додека дегустирам од неговите фамозни палачинки, додека ги гледам Богарт и Синатра на неговите ѕидови, додека кибицирам како игра шах, и најмногу од се, додека ѕиркам зад неговите раменици кон штафелајот додека слика. Оттаму знам дека врамувањето на сликите не му е баш омилена активност на сликарот, исто како што и мене ми оди тешко обидот да ги врамам моите мисли кога е неговото сликарство во прашање, бидејќи ионака сликарството секогаш го доживувам повеќе на ниво на емоција отколку на рационален суд за делото пред мене.
#2 Можеби и затоа своевремено побегнав од можноста професионално да се занимавам со толкување на ликовната уметност, а се свртев кон литературата која, како што велеше Ернесто Сабато, можеби се однесува на истата визија на светот, но има сосема поинаков начин на изразување. Тогаш не знаев дека сликарството е поздраво од пишувањето, како што од сопственото искуство заклучил овој голем латиноамерикански писател и во исто време сликар, од причини што „сликарскиот начин на изразување е пасиониран, и спасоносен, и среќен.“
#3 И токму тоа е аналогијата по која неговите зборови толку многу ми наликуваат на Илија Пенушлиски, токму таа пасионираност која Пенушлиски ја чувствува кон своето сликарство, токму тој неиздржлив нагон да се повлече потег со четкичката секој ден без исклучок, токму таа радост на творењето не како нешто што се прави за крајниот резултат или за публиката, туку како суштинска креативна потреба да се создава и притоа секогаш одново да се спасува себеси и светот. Уживањето на другите доаѓа само како бонус.
#4 Токму таа страст и таа посветеност на Пенушлиски, заедно со реткиот спој на извонреден интелект, проницлив ум, прецизно око и вонсериска дарба, го прават неговиот сликарски свет толку посебен. И кога уште на овој список ќе ги додадеме неговата енциклопедиска ерудиција и богатото животно и работно искуство, кое не смееме да го испуштиме во оваа прилика бидејќи ние денес сепак го чествуваме неговиот 40 годишен јубилеј од неговата прва професионална изложба, добиваме една експресија која тежнее кон совршенството како императив и квалитет кој ги крева реперите за современото сликарство денес.
#5 Да не заборавиме и дека денешнава изложба е ретко задоволство, бидејќи освен едно претставување во 2008 година (кое се случи по 16 годишна пауза и кое од критиката беше оценето како најзначаен ликовен настан на годината), на Пенушлиски многу повеќе и многу почесто му се восхитуваше светот. Од прва рака можам да ви ги пренесам импресиите од неговото претставување во престижната галерија Барберини во Рим, каде неговите слики беа изложени во палатата чија постојана поставка ја сочинуваат дела на Тицијан, Тинторето и Караваџо, а каде софистицираната и пребирлива италијанска публика со овации го пречека нашиот Маестро. Во тој контекст, верувам дека на сите ви е јасно дека ние вечерва се поклонуваме пред големо име и сериозен сликарски опус, иако добриот вкус и фините манири не му дозволуваат на Пенушлиски помпезност во прославата. Впрочем, како што вели самиот, тој се наоѓа во најубавите години, па има време, ретроспективи ќе прави кога ќе поминат барем уште толку.
#6 Она што мене лично ме фасцинира кај сликите на Пенушлиски кои денес за прв пат се презентираат пред јавноста, е нивниот урбан лик. Следејќи ја низата на неговите претходни остварувања и веќе препознатливи мотиви, ви станува јасно дека ако не е некој детал од Скопје во прашање, тогаш веројатно инспирацијата е Париз, Рим или некој друг метрополис во кој Пенушлиски е подеднакво свој. Притоа, многу повеќе од обид објективно да се наслика еден град, овде има обид да се разбере душата на тој град и неговите лични подвизи, речиси како неговите урбани пејсажи да претставуваат некаков обид за пишување на неговата јавна историја.
#7 Кога велам урбан пејсаж секако не мислам на она што ќе го добиете како прв одговор ако го изгуглате овој термин – некакви совети за идеална зелена градина, иако и тука има и тревни површини, и дрва, и разни води. Пенушлиски во континуитет сепак далеку повеќе го привлекуваат зградите, куќичките, црквите, катедралите, цитаделите, градските предели, мостови, кровови, прозорци, онаа навидум обична архитектура и едноставна структура на објектите, оние актуелни физички претстави, сеедно дали јасно издефинирани или замаглени, сеедно дали златно сјајни или мрачно сиви, сеедно дали реални или имагинарни, сеедно дали насликани во детали, од поширока гледна точка или најчесто со подеднакво внимание и едното, и другото, сеедно дали се тука покрај нас или таму некаде, туку така под облака…
#8 Отсекогаш имам чувство дека тој всушност се обидува да ја прикаже моќта на просторот кој го избира за свој фокус, за потоа да го долови се она што тој простор може да го сугерира како емоција и на крајот тоа да резултира во една специфична метафизичка атмосфера, која се издига над реалноста, над искуствата, која ги брише границите на времињата и световите и не води кон вечните онтолошки категории. Како Пенушлиски да се обидува да му вдахне живот на просторот, но и да го опростори животот и да ја употреби просторната логика во неговото осознавање.
#9 Пред да ве оставам да ја пронајдете својата логика или својата емоција во најновото од четката на Пенушлиски и пред да му посакам да не чекаме долго на следна презентација на неговото творештво, ќе ми дозволите да завршам со алузија на една интимна шега меѓу нас двајцата за прашањето кое постојано му го поставував како дете – „Каде да најдам уште еден како тебе за да се омажам за него?“. Иако во меѓувреме мојата детска вљубеност прерасна во трајна фасцинација од неговото сликарство, едно нешто не се промени – и понатаму верувам дека нема уште еден како Илија Пенушлиски!

2018-08-21T17:20:56+00:00 март 5th, 2012|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 82|