ПОЕЗИЈА – Тихомир Јанчовски

/, Литература, Блесок бр. 119/ПОЕЗИЈА – Тихомир Јанчовски

ПОЕЗИЈА – Тихомир Јанчовски

Калта е од земја и вода
Игла и конец
Убавината ќе го спаси светот
Писмо
Недвижнина
Троножец


ТРОНОЖЕЦ

Кога учев да одам со патерици
одев непара, буквално
со една своја и две нозе помагала
нешто како дете
на точак со помошни тркала
Се присетив тогаш, бев кај еден столар
не толку одамна, и разговаравме
ми требаше столче, без наслон, просто,
помошен стол за приседнување…
и така…
На три или четири нозе, праша
а јас му реков: Ти знаеш…
на колку е постабилно…
Тогаш на три, нема ни да мрдне.
Тоа го рече, така кажа, и ми се виде чудно,
Откаде сега ова, три да е подобро од четири,
повеќе нозе, јасно – повеќе рамнотежа,
имав таква логика… бестрага и јас и логиката
Четири се две со две, и сите, мора да се исти
инаку клатат, само една да е различна…
а уште и подлогата мора да е рамна,
без тоа столчето веднаш зјае, се накривува…
А со три, непар, како да ги ставиш,
дури, и трите да се неисти (една со друга)
столот сепак никогаш нема да се клати…
сегде фаќа лежиште, нема рамно-нерамно
ни потставање тапа, хартивче,
на нерамна подлога…
Види стварно! Проверив, и така е,
стол, маса ли на три нозе, нема мрдање…
ич ни да мрдне… ни-ка-ко…
па зошто тогаш прават столови со четири
наместо со три нозе… исто и за масите?
Естетика ли е, традиција, заговор ли е некој
против човештвото, наместо на стол со три,
да ги мачиш луѓето, со векови да седат
на столови, со два пара ногарки?
И си мислам тогаш нешто:
А човекот да беше со три нозе создаден
замисли, замисли само – да имавме по три нозе?
На таквиот тогаш не ќе му требаше
Ни стол за седење, ни кревет за лежење
ни газ би му требало, ни грб би го болело;
Оди си на две нозе , третата одморај ја
а одиш ли со три, средната напред
другите две заедно
ќе одат складно, еден-три, еден-три…
И сево ова од што јас
учев да одам со помагала
и ја следев здравата нога, со двете патерици
таа в средина, тие отстрана,
таа сама, тие заедно
таа напред, тие назад…тројна синхронија
После,
кога размислив, гледам – многу е сложено!
(многу гужва, ц,ц,ц…ептен комплицирано)
Тоа со човекот, нема да оди, не би одело.
Ако се три нозе, ќе требаат и три раце,
јасно за симетрија, а без неа нема ништо…
тоа нешто со три раце, ќе испадне чудовиште.
Не е столче човекот…
(не е… ни-ка-ко)

Дури го усовршував одењето со патерици
се лизнав трипати, на водено, еднаш и паднав
а потоа се научив, одев многу вешто
сега… чекам да проработи… милата ми нога…
ни три ни четири… две си се две
и мои си се

АвторТихомир Јанчовски
ПреводТихомир Јанчовски
ПреводДијана Комленац
2018-09-25T09:23:50+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 119|Tags: |