Replay

Replay


Тукушто лебдев во некое ноќно море. Темнина наоколу, само далеку над мене блескаше месечината, округла и бледа, и фрлаше тенка линија светлина надолу, каде планктонот се прелеваше како група ѕвезди. Една огромна раја едреше кон мене и ме одмина минувајќи преку мене, толку близу што оддолу можев да го видам нејзиниот бел стомак, шкргите што пумпаа, тесната муцка и очите кои налудничаво зјапаа. За малку ќе ме допреше врвот на една од перките. Оставив лека полека да испливам нагоре и изнуркав. Немаше ветер, а морето кое мируваше небаре е оловно се чинеше бескрајно ширно и црно. Ги затворив очите и останав да пловам. Црнилото постепено се менуваше во темно, а потоа во посветло сино.

А сега… низ моите клепки се пробива топложолта светлина, небаре при пладневно сонце лежам на некоја летна ливада. Отворам очи и ливадата е навистина овде. Лежам гол на тревата а веднаш покрај мене две жени, Кетлин и Лиан. И тие се голи. Стомак врз грб припиени една до друга, се смешкаат озарено во сон, небаре уживаа во нежни соништа …
Големо е искушението да се испружи раката, да се погали Кетлин по челото, со прстот да се помине врз нејзините веѓи, или да се тргне настрана сјајниот прамен од долгата црна коса на Лиан, кој е положен врз нејзините гради како некоја свилена лента. Но, би било залудно. Би посегал во празно.

Колку и да го гледам со задоволство она што го гледам, сепак знам: Не е реално, туку само сеќавање. Тогаш во никој случај не се разбудивме на ливада, туку во округлиот кревет на Кетлин. Ноќта која Лиан ја мина со мене и Кетлин беше пред повеќе од петнаесет години. Остарев оттогаш, а и Кетлин исто, а Лиан, откако оној ден се поздравивме со неа, обајцата ја немаме сретнато.

Секако би било залудно ако сакам да ги допрам двете. Можам да ги видам. Повеќе не е возможно. Зашто она што го гледам е филмска секвенца, одржан миг на среќа, кој мојот UniCom го има снимено и зачувано за мене. Ливадата среде напуштен летен ридски пејзаж го додадов подоцна, а видеото што на тој начин настана, ми едно од најомилените во мојата библиотека со теми за будење, мојата приватна, мојата таинствена Аркадија.

Секое утро се наоѓам себеси во еден сличен миг на среќа, а живописното сеќавање на, веројатно дамнешните секунди на среќа, се меша со сосема актуелна длабока задоволност. Во својот живот имам достигнато фантастични нешта, и чудесно е што токму секундите на будење се оние кои секој ден ме наградуваат за напорите што порано сум ги вложувал.
Никогаш не сум станувал со задоволство. Работата со себе го донесе и тоа, да не можам да отспијам како што доликува. Затоа станувањето ми стана уште потешко. Ништо не ми беше поомразено од сепнувањето од длабокиот сон со звукот на будилникот што нервираше, и потоа како во бунило се наоѓам себеси во темница. Тоа беше одамна, веќе е надминато.
Го сакам она што го создадовме. Го сакам UniCom и доколку би морал да се одлучам што е она кое најмногу го сакам од ова техничко чудо, тогаш ова: што секое утро се будам во рајот.
Не претерувам. Не губам ниту едно единствено сеќавање, кое не го оставам намерно да се загуби. UniCom го слуша и гледа она кое јас го слушам и гледам и го зачувува за мене. Го надгледува и мојот сон. Знае кога би требало да станам и го доближува часот за будење, го активира во една фаза на сонување, во која нашиот сон е најлесен, во едно видео кое е од мене предвидено за тоа. Што и да е она што сум го сонувал, секогаш нежно преминувам од сонот отаде во светлината, во некое сеќавање кое ми е мило, некое сеќавање на еден миг на среќа. Сеедно каде се наоѓам, дали е ужасно рано, а надвор е мрачно и студено, сето тоа не игра никаква улога. Се будам со насмевка.

Беше долг патот до овде, и мислам дека можам да бидам горд на она што сум го достигнал. На почетокот имаше лишувања, надминувања и тешка телесна работа, на што не бев сметал. Денес имплантацијата е само амбулантен зафат. Наутро човек оди трезвен во клиниката. После неколку прегледи се всадува UniCom, и попладне човек е облагороден и си оди дома, надарен со изострени сетила и прикачен во непресушното струење на комуникацијата ширум светот. Само ситните резови зад ушите сведочат за операцијата. Заздравуваат за една недела. После тоа човек го препознава новограѓанинот само по пулсирачкото сино светло на диодите кое на полуминутен такт спокојно засветлува под кожата на слепоочниците – како доказ на просветлението, на облагороденоста, прифаќањето во возвишен слој на упатените, поврзаните, на вистинските граѓани на светот.

За својот витешки потфат морав да направам несоодветни работи. За мене беше сè друго освен обична прошетка. Откако веќе еднаш се бев прeобразил за Матана, сега минував низ друга трансформација, телесна и психичка, а оваа трансформација изискуваше многу повеќе од мене отколку само купување нова облека и посета во храмот за велнес.
Колку и да бев несигурен вечерта при прекинатата шаховска партија, кога Матана ми го понуди својот предлог, дотолку понестрплив бев со своето потврдување следното утро. Се осетив како сноп од страв, сепак ми беше јасно дека морам да потврдам, дека и не може да има друга реакција. Колку луѓе добиваат ваква шанса? Не можев да одбијам. Откако срипав од кревет и ја оттргнав иритирачката халуцинација за јаречко копито, со која се бев разбудил, седнав на компјутер и му испратив порака на Матана.

Јас сум за, напишав, ништо повеќе. И небаре цела ноќ немал друга работа, та седел пред компјутер и чекал да добие потврден одговор од мене, веднаш добив одговор.
Не очекувал ништо друго, прочитав.
Значи беше решено. Веќе нема враќање.
Со фирмата, тоа значи со Матана, набрзина направивме деловна согласност. Се работеше за прашања за надомест. Што би се случило доколку нешто тргне наопаку, на пример доколку го загубам видот или, пак, како последица од тоа се здобијам со други непоправливи оштетувања? При овој таинствен проект не доаѓаше во прашање никакво осигурување. Фирмата ќе мора да се погрижи сама. И тоа и ќе го стори, ме увери Матана. Како што се испостави, тој веќе имаше сè испланирано и подготвено. Адвокатите веќе составиле договор кој ја регулира секоја евентуалност и се чека само на мојот потпис.

Неколку од регулациите кои ги предвидуваше договорот за времетраењето на експериментот, ме изненадија, бидејќи побудуваа впечаток дека треба да бидам ставен во специјална заштита на лица. Ќе добијам свој шофер, бидејќи сè уште не можеме да ги процениме влијанијата на експериментот врз мојата способност за возење, и во никој случај не смееме да ризикуваме. Исто така требаше да добијам некој вид медицински телохранители. Еден тим од одбрани лекари би се грижел за мене, а еден од нив постојано би бил во моја близина, деноноќно. И воопшто, лекарите најпрви ќе го преземат режимот во свои раце.

Цела недела ме прегледуваа детално, ми мереа срцев ритам и мозочни импулси, правеа крвни слики, го посредуваа процентот на маснотии во моето тело и неговата телесна издржливост, ми ги тестираа алергичните реакции и со компјутерска томографија правеа детално отсликување на мојот мозок – во состојба на мирување и во симулирани стресни ситуации. Човек можеше да стекне впечаток дека ќе бидам испратен на мисија на Марс или подготвен за олимпијада. Нешто споредливо со тоа немав доживеано никогаш, а и не сметав на тоа дека некогаш ќе дојдам во ситуација кога до тој степен детално ќе бидам ставен под медицинска лупа. Кога лекарите го приложија својот извештај, се чинеше небаре експериментот беше пропаднал уште пред да започнеме.

Резултатот беше срозувачки. Мојот дух сакаше да биде во форма, но моето тело не беше. При мојот животен пресврт, ми беше потврдено, во кој владее малку сон, запуштена исхрана и обемна количина стрес од многу работа, поскоро сум бил кандидат за срцев удар отколку за експеримент. Освен тоа белите мантили најдоа траги од THC, што мене не ме изненади, а на Матана му беше смешно, но лекарите ги доведе до дилемата дека можеби ќе го руинирам експериментот, доколку во месеците кои се очекуваа да бидат стресни, а кои ми престоеја, би посегнал по џоинт.

АвторБенјамин Штајн
2018-12-19T12:54:34+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 103-104|