Replay

Replay


Мислиш, рече, дека фирмата е слепа?
Не, не мислев така. Како можев само да претпоставам дека Матана беше превидел некој ризик? Значи, сè беше готово? Ќе морам да се разделам со Кетлин со давање некоја наводна причина?

Би морал да се сконцентрирам на програмата за тренинг која ми ја препорачале лекарите, рече Матана со насмевка, која ја сметав за сурова и на граница со варварство. После, сметаше тој, ќе видиме како понатаму.

Ми стана лошо. Морав да седнам. До пред малку мислев дека сум заплашен вљубен човек. Тоа заврши. Од сега натаму, за ова не се лажев, ќе бидам измамник.
Следната средба со Кетлин беше тортура. Таа беше одлично расположена и се шегуваше, но јас се чувствував повлечен во себе како полжав во куќарка. Едвај можев да ја погледнам Кетлин в очи и не успевав да изустам ни една поврзана реченица, бидејќи се плашев дека ќе се издадам. Ми се причини, небаре меѓу нас се беа провлекле облаци од магла и ја прекриваа мојата слика за неа, деталите кои ги гледав и на кои досега им се бев радувал, нејзините очи, усни, русите влакна од косата врз нејзиното чело кои дрско стрчеа. Она што го велеше стигнуваше до мене само пригушено и некако развлечено. Над сето тоа се беше навлекол еден сив занишкан облак, претпоставката дека сето ова се случува за последен пат, дека иднината со неа завршува сега и овде, иако никој од нас не го сакаше тоа.

Кетлин не знаеше ништо, и кога забележа дека сум отсутен, посегна по мојата дланка.

Каде ли си залутал? Запраша. Сигурна сум дека не слушна ни збор од ова што го кажав.

Кимнав, се обидов со насмевка и извинување. Пелтечев нешто за тешка фаза во мојот проект, некој проблем што веќе со денови не сум можел да го решам и дека тоа ме блокира и мене и продолжението на истражувањето.Ќе се изнајде нешто, рече таа. Не биди  толку драматичен! А инаку не било многу шармантно да се мисли на машини додека излегувам со неа.

Гледај, рече, и кокетно се фати за гради: Ова може да те натера да ги заборавиш своите бит-ови обрасци, не мислиш?

Сигурно немаше поим, си мислев, а јас не знаев дали тоа треба да ми олесни или да ме направи уште повиновен.

Утредента ми беше роденден. Со честитките, ме предупреди Матана, нема да има подароци, туку вреќа нови обврски. Немало подобар временски период да отпочнам со својата програма за тренирање. За десет часот ми закажа кај себе во канцеларија, за да ми ја претстави личната инструкторка, која ќе ми помогне да бидам во форма за својата мисија.
Бев точен. Во две минути до десет стоев во холот пред канцеларијата на Матана и ја поздравив неговата секретарка.

Влезете слободно, рече: Ве очекуваат.

Кога ја отворив вратата од канцеларијата на Матана и влегов, ми се причини небаре стапнувам на бина. Погледот ми застана врз Матана, кој зад својата работна маса беше опуштено потпрен на наслонот од кожната фотелја во вид на трон. Како и дента на моето интервју за работа, го извади џебниот часовник и со палецот минуваше врз релјефот со нимфата. Над неговата глава блештеа очите од логото на фирмата и ме зјапаа. Сето тоа делуваше како наместено, една добро промислена инсценација која требаше да ме импресионира. И навистина го стори тоа. Матана го пушти часовникот повторно да исчезне во џебот и со лежерно движење покажа кон гарнитурата за седење, на која пред години ги преговаравме финесите за договорот за работа. Таму веќе седеше некој, една крајно атрактивна жена со руса рамна фризура, сини очи. Под шевот од графитно-синото здолниште светкаа проѕирно-тенки чорапи …

Voilà, го слушнав Матана како вели.
Кетлин стана, а секретарката ја затвори вратата зад мене.
(Извадок, дел 2)

АвторБенјамин Штајн
2018-12-19T12:54:34+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 103-104|