Спектрален поглед врз идеолошките аспекти на творештвото на О. Стоун и С. Ли

/, Галерија, Блесок бр. 19/Спектрален поглед врз идеолошките аспекти на творештвото на О. Стоун и С. Ли

Спектрален поглед врз идеолошките аспекти на творештвото на О. Стоун и С. Ли

Спајк Ли

За разлика од Оливер Стоун, кој поаѓајќи од своите либерални ставови, борбата против естаблишментот и доминантната идеологија ја води индивидуално, при што обично неговите филмови се базираат на еден главен лик, силен и машки, потпора на целото дејствие, Спајк Ли настапува како портпарол на црнечката (или да бидеме коректни: африканско-американската) заедница. Затоа во неговите филмови има мноштво од ликови меѓу кои некои функционираат како вистински антички хорови. Спајк Ли е маркантно црнечки автор, кој во сите свои филмови ги тематизира црнечките проблеми и користи исклучиво Афро-американци како актери. Слично како кај Оливер Стоун, дури и тогаш кога Спајк се занимава со теми коишто не се тесно поврзани со црнечката заедница, тој или користи црнечки актери во водечките ролји (како во „Девојка 6“) или, повторно, на поопшто ниво ги допира црнечките аспекти (како во филмот „Тој ја има играта“ што, иако е спортски филм пред сè, ја третира кошарката во која доминираат Афро-американците и прикажува многу суптилни односи што се во својата социјална основа расно мотивирани.

Портпарол

Рековме, Спајк Ли, иако во некои изјави го порекнува тоа, велејќи дека е само обичен филмаџија, настапува како портпарол на црнечката заедница. Затоа тој не прави само играни филмови туку снима и документарци на многу горливи политички прашања (како што е оној за масакрот на четирите црни девојчиња во 60-тите), снима видео-спотови за типично црнечки бендови и пејачи („Паблик Енеми“, Стиви Вондер, Мајкл Џексон, Принс) и снима рекламни кампањи за црнечките спортски ѕвезди (Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Чарлс Беркли). Дури и неговото продуцентско студио во своето име содржи еден длабок црнечки идиом, „40 акри и мазга“, односно тоа било следувањето што секој црнечки роб требало да го добие по ослободувањето, како (неисполнето) ветување од тогашниот прочуен американски претседател Абрахам Линколн. Освен тоа Спајк Ли е постојано присутен на разни медиуми (радио и ТВ, Интернет), на семинари, на јавни дебати, на прес конференции, на кои што го искажува своето мислење за расните прашања. Поаѓајќи од позицијата гласноговорник Спајк Ли секогаш настапува од маркантно црнечки позиции, но со секој нов филм допира други теми и проблеми од црнечката реалност. Така филмот „Стори го тоа што треба“ дава слика на едно типично црнечко маало, „Треска во џунглата“ зборува за интер-расни љубовни прељуби, „Круклин“ претставува една семејна црнечка драма, „Саатчии“ зборува за црнечкото криминално подземје, „Малколм Икс“е животна сага за познатиот црнечки лидер, „Влегувај во автобусот“ зборува за најголемиот црнечки политички настан последните години – Маршот на милион луѓе, „Тој ја има играта“се однесува на проблемите на младите црнечки спортисти итн.

Мултикултурализам

Но и покрај таа тематска разновидност, во неговиот, веќе богат опус, неколку карактеристични идеолошки аспекти можат да се сумираат како константа во филмовите.
Најпрвин, она што и други го имаат констатирано, Спајк Ли во неговите филмови не ја покажува црнечката заедница како еден монолитен, апстрактен, би рекле згоден за политичка манипулација, феномен, туку секогаш инсистира на нејзиниот динамизам, на нејзината конкретност, разнообразност и на многуте внатрешни противречности. Впрочем, Ли сака да покаже дека црнечката заедница ги има сите атрибути како и белата и која било друга заедница. Од тоа произлегува неговиот базичен идеолошки став: ако нешто не е по ништо посебно поразлично од другото тогаш нама причина тоа да биде дискриминирано или на кој било друг начин третирано поинаку.
Затоа „целото“ на Спајк Ли се состои од „сè“. Тоа е драстично покажано во филмот „Влегувај во автобусот“ каде што не постои прашање актуелно за Афро-американците, а да не е вклучено. Така меѓу дванаесетте луѓе во автобусот има такви што стојат на радикално расни позиции, има луѓе умерени во своите ставови, има мелези, шовинисти, баптисти, хомосексуалци, муслимани, традиционалисти, криминалци, убијци, пијаници, дури и републиканци (кон коишто црнечката заедница е традиционално ненаклонета). Токму секвенцата во која се дискутират позициите на демократите и републиканците во однос на Афро-американците е политички најпровокативно, но и многу луцидно. Во сцената на средбата со две девојки на едно паркиралиште е продискутирано и неучеството на жените во тематизираниот политички настан со што се начнува и феминистичкиот аспект. Дури, во автобусот, дел од патот го вози белец, кој всушност е Евреин, со што и прашањето на белците се деконструира, а се критикува и меѓумалцинската (не)солидарност.
Најопшто, во расната средина, ликовите на Спајк Ли се делат на три групи: едни коишто цврсто се држат до својот расен идентитет, го потенцираат, не се мешаат и не го почитуваат другиот идентитет, најсублимно кажано преку максимата „остани црн“, на ликот Багин Аут од филмот „Стори го тоа што треба“; други коишто се пасивни во однос на својот расен идентитет, на пример Џеј или Градоначалникот во истиот филм и трети коишто се свесни за својот расен идентитет, но тоа не им пречи да другаруваат со другите, како Муки и Вито.
Рековме Спајк Ли инсистира на една мултикултурна додиференцијација, на вклучување и деконструкција на сите микроидентитети. Со неговата позната иронија, во филмот „Стори го тоа што треба“ (кога сме веќе кај него), Афро-американците се нафрлаат врз едно бело момче, велејќи му да се врати во Масачусетс (белечки расен стереотип), а тој одговара дека е роден во Бруклин. Спајк Ли ретко дава класични БАСП Американци, тоа се или Италијанци или Евреи или Порториканци и сл.

Против расните стереотипи

Значи, стојалиштето на Спајк Ли не е унисоно, не е типично расно, тој секогаш настапува од една децентрирана позиција. Затоа неговите филмови изобилуваат со контрадикторности во однос на расните стереотипи. Ја споменавме проблематичноста на категоријата белец, па и црнец. Особено со Евреите коишто и самите се доста активни во движењата за човекови права, борбата против антисемитизмот и својата религиозно-етничка еманципација. Контрадикторен е сексистичкиот стереотип одлично обработен во филмот „Девојка 6“. Таму една млада црнкиња, вработена во телефонската секс индустрија („жешките линии“) мора да се претставува како белкиња или како Јужноамериканка, но и како русокоса со големи гради, или како црнка со сензуални усни. Интересна е сцената во „Стори го тоа што треба“ кога младиот црнец Радио Рахим (припаѓа на првата група ликови „остани црн“) купувајќи батерии од Кореанците, сакајќи да се постави во супериорна, расистичка позиција, им вели да зборуваат англиски. Или во истиот филм кога на белецот (Италијанец) Пино (и тој припаѓа на првата група ликови) најомилени идоли му се црнците (кошаркарот мајкл Џордан, пејачот Принс, актерот Еди Марфи) а тој не може да ги поднесе црнците. Притоа се брани несмасно, велејќи дека неговите идоли не се баш црнци. Со тоа доаѓаме до онаа класична дијагноза за расизмот и шовинизмот според која не се мразат индивидуите, особено истакнатите припадници на расата, туку се мрази општиот поим, групата, колективитетот, како таков.
А најдетален приказ на расните стереотипи и борбата против нив е филмот „Треска од џунглата“ во која се дадени разни крос-етнички и крос-расни релации преку кои што се разобличуваат расните стереотипи. Таму има ситуации кога на брачното неверство доколку е во рамките на расата не се гледа негативно, а ако е меѓу различни раси (како меѓу Енџи и Флипер, Итало-американка и Афро-американец) тогаш и црнците и белците се против. Или, во истиот филм, кога Френки дава сексистичко расни квалификации за аферата меѓу Поли и г-ѓа Гуд, мора да ја брани како белечка својата медитеранска црномурност.

Контроверзи

Постојат две контроверзи што критичарите ги забележуваат кај Спајк Ли. Едната е сензационализмот, а другата е патријархалноста.
Сензационализмот, или „неотпорноста кон бомбастична реторика“, можеби најавтореференцијално е дадена во филмот „Стори го тоа што треба“, кога Муки (иронично, го игра самиот Ли), иако ѝ припаѓа на категоријата ликови што е против расните стереотипи, и се дружи со луѓе надвор од неговата раса (неговата девојка е порториканка), во критичниот момент на расна расправија застанува „прв на барикадите“ односно самиот го почнува расното насилство, демолирањето на пицеријата на Италијанецот Сал. Примери на нерезистентност кон расната радикалност има многу, и во неговите филмови, и во неговите изјави во разни прилики. Веројатно тоа е цехот што мора да го плати секој што се става во функција на нечиј портпарол.
Втората контроверза е уште понеобична. Познатата американска феминистка Бел Хукс во нејзината вдахновена анализа на „Круклин“ пронаоѓа како под расниот некомформизам на Спајк Ли лежи еден сексистички конформизам. Во тој филм, за авторот е сосема непроблематично тоа што едно недозреано девојче мора да ја преземе „женската“ роља во куќата, на местото на својата болна мајка, а пред нејзиниот татко или постарите браќа. Впрочем тој сексизам на Спајк Ли се гледа и во општата неразвиеност на неговите женски ликови, и нивното сведување на „статисти“ во светот на машките. Од таа позиција како да бега, но недоволно, со двете кратки секвенци во „Влегувај во автобусот“ во кои белата девојка не одобрува што нејзиното црно момче оди на Милионскиот марш и кога на паркингот двете девојки протестираат што и жените, чие расно и еманципаторско движење е исто така активно, не се вклучени во тој политички настан.

Раскошна визуелна форма

Сите, мал милион, жешки теми, прашања и други аспекти поврзани со расната проблематика (во кои секогаш има и еднакво количество социјална димензија) не би биле можни и интересни за гледање да не е раскошната визуелност што овој филмаџија ја поседува. Спајк Ли не е некој мајстор за нарација. Сите негови филмови се линеарни. Но затоа тој е одличен познавач на разните жанровски дискурси во коишто, согласно темите, ги сместува своите филмови. Неговите филмови имаат сличен полихромен колорит, во кои доминираат црвената и портокаловата боја, имаат сличен начин на користење режисерски финти, но секогаш се снимани во различни жанрови. Во „Влегувај во автобусот“ има еден перфектен спој на играни и документаристички елементи, „Саатчии“ изобилува со добри акциони секвенци, „Круклин“ е прекрасна семејна драма, а маалскиот „Стори го тоа што можеш“, со тесниот мизансцен, е блиску до играна ТВ серија. Во „Девојка 6“ убаво функционираат и ентериерите и екстериерите, по урнекот на холивудската Б-продукција.
Спајк Ли користи многу извртени кадри, необични агли на снимање, успорени движења, камермански акробации, монтажни гегови, со што го онеобичува секогаш веристичкото дејство.
Тој е мајстор за детали и суптилна реторика преку деталите (графити со расна содржина во заднината, важни новински наслови, мејкап детали, контраст во гардеробата – Муки носи маичка на црниот кошаркар Робинсон, а белото момче на белецот Лари Бирд). Особено карактеристична е употребата на музиката во неговите филмови. Како и кај Оливер Стоун, Спајк Ли со музиката идеолошки го потсилува дејствието, го гради контекстот како социо-културен идиом или временски момент на филмот, и е во функција на ритамот на филмот. И со различните костими (на микро-ниво), и со комплетната филмска иконографија, тој ги доловува различните социо-културни и идеолошки слоеви во неговиот мултикултурен свет.

Коалиција „Виножито“

Филмот е најпопуларен уметнички медиум денес. Особено во САД каде што тој има и посебна социјална димензија. Поради тоа филмот е доста погоден за пласирање на најразлични идеолошки светогледи, но и за суптилни пропагандистички манипулации. Искусна демократија како САД тоа добро го знае. Затоа доминантната БАСП идеологија, политика, култура и традиција го има создадено Холивуд и толку години го одржува тој мит во живот. Преку него се униформираат уметничките постапки, темите, светогледите, се отапуваат остриците, се нивелираат разликите и се продуцираат стереотипи. Дури и кога обработуваат „жешки теми“, тие се реализираат по однапред утврдени и политички коректни канони. Се разбира, како и во политиката, Холивуд има создадено издувни вентили, преку кои им дозволува на разните естетички и идејни погледи да се канализираат, низ независните продукции и школи, но тие ни оддалеку не можат да го загрозат приматот на Холивуд, ни медиумски ни политички. Од тие причини многу е важно што токму во Холивуд постојат неколкумина автори, коишто го добиваат потребното внимание и кои од внатрешноста на системот дејствуваат субверзивно. Затоа и покрај сите несовршености и контоверзи, автори и режисери, како Квентин Тарантино во поглед на естетичките канони, Мартин Скорсезе во поглед на социјалните патологии, и можеби најважно, Оливер Стоун од политички и Спајк Ли од расен аспект се од непроценлива важности за филмскиот свет, а особено за поширокиот општествен контекст. Независно дали настапуваат од индивидуална или од позиција на племенски жреци, тие се огромен влог во борбата на микрополитиките (во Лиотаровата смисла на зборот) против зацементираната Голема, БАСП идеологија и култура во Америка.

АвторРоберт Алаѓозовски
2018-08-21T17:21:58+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 19|