Project Description

Иван Антоновски (1990, Скопје) е поет, есеист, книжевен критичар, книжевен преведувач и публицист. Дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како првенец на генерацијата. Автор е на неколку поетски книги, како и на едно прозно дело. Застапен е во повеќе домашни и меѓународни поетски антологии и зборници, а делови од неговото поетско творештво се препеани и публикувани и на неколку странски јазици.
Автор е на десетина книжевни преводи, како и на поголем број студии од областа на книжевната историја и херменевтика, како и од областа на културологијата. Поголем број негови студии се објавени во зборници и во периодиката во земјава и во странство. Негови дела се и книгата со студии и есеи за книжевната теорија и за македонската книжевност „(Не)отворени прашања“ (2014) и збирката есеи и колумни „Острење од тапоста“ (2015).
Коприредувач е на антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“ (2012 – во Република Македонија и 2014 – во Република Чешка, на чешки јазик) и на антологијата на македонската љубовна лирика „Од копнеж до ерос“ (објавена во превод и препев на српски јазик, 2014).
Бил колумнист, уредник и надворешен соработник на неколку македонски електронски и печатени медиуми. Во моментов е уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.
Бил визитинг-предавач на неколку образовни институции во земјава и во странство.
Добитник е на неколку книжевни награди, како и на неколку општествени признанија.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија.