ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА…

/, Литература, Блесок бр. 136/ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА…

ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА…

Неколку напомени за идентитетските прашања и дилеми во есеите на Горан Стефановски

По неколкудецениската присутност на расправите за идентитетските наративи, очекувано е пред книжевната наука да се појави дилемата дали при исчитувањето на книжевните текстови сѐ уште може да се каже нешто ново во контекстот на темата идентитет. А со тоа, и дали по бројните книжевни и културолошки, вклучително и имаголошки исчитувања, книжевната наука и натаму треба да се сосредоточува и кон книжевните текстови во коишто се расправа за идентитетски прашања и дилеми.  

Меѓутоа… „Во последно време, сведоци сме на една длабока, за нас уште и фрустрирачка, болна поделба (поларизација) на светот на Ние и Тие. Во контекстот на рецентните процеси, што го карактеризираат ткн. нов светски поредок и подемот на нео-либерализмот, веќе станува јасно, дека самиот тој расцеп, декомпозиција, или опозиција, станува еден од заштитно-одбранбените механизми, со помошта на кои, врз основа на жигосувањето, отфрлањето, исклучувањето на Другиот, од една страна, се етаблира, или есенцијализира споменатиот антагонизам, додека, од друга страна, се стабилизира и одржува, хегемонистичката неприкосновеност и улога на категоријата ‘Запад’, наспрема категоријата ‘Исток’.“ (Шелева 2011: 57)

Актуелноста на оваа констатација повеќе од две децении по нејзината првообјава[1], до степен што ни се чини дека е напишана во овие дни (можеби само зборовите „во последно време“ би ги замениле со „во последниве децении“), упатува на потребата (можеби и неопходноста) од повторна аналитичка посветеност на идентитетските наративи – прашања и дилеми, присутни (и) во книжевноста, при што првенствено би можело да се сосредоточиме кон оние текстови коишто не инсистираат на едностраност, ниту реферираат на просторна или временска изолираност. Зашто само со сосредоточување кон таквата категорија текстови може да се дојде до нешто ново, коешто нема да се темели на веќе стереотипизираната поларизација на Ние и Тие.

*

Во таквата категорија текстови припаѓаат и есеите на Горан Стефановски, коишто иако датираат од пред една, а некои и од пред две децении и повеќе, сепак се константна референца на нашиот културен контекст и воопшто на контекстот што може да се препознае како (пост)југословенски, јужнословенски или балкански (пополуларно особено во споредба со средината на минатиот век: контекстот на Југоисточна Европа), но не помалку и на контекстот на Западот / Европа. Можеби уште поважно, истовремено тие се референца и на релациите и реакциите на кодовите на овие контексти еден кон друг (на кодот на Другиот) и надвор од грубата имаголошка дихотомија Ние и Тие и по својата сушност реферираат кон хиперконтекстуализираност во однос на идентитетските прашања и дилеми, надминувајќи ги скудносните ограничености (читај: граници) на овие контексти.

Не е откровение дека границите се преминуваат при интерпретации кога една култура станува тема на разговор или објект на интерпретација на друга култура. „Границите се соочуваат додека толкувачките дејства во нивната реторичност споделуваат фигури и убедуваат во рамки на контекстот на културата која толкува; и границите се поместуваат додека интерпретацијата го менува обликот – тривијално или драматично – на културата во којашто интерпретацијата се врши и прима. За да се разбере еден чин од една странска култура, разликите мора да се најдат во нашите сопствени маргини. Целосна другост би била неинтелигибилна. Но, додека маргиналното доаѓа во фокус или дури и се приближува кон центарот, границите на нашите хоризонти може да се поместат или и да се прошират од другиот внатре. Друг начин да се искаже ова е: додека сме во сооднос со други општества, традиции, култури, можеме да ги расплетеме нашите мрежи на верување и да ги земеме во предвид другите, а ова го правиме повеќе или помалку успешно преку земање различни гледни точни од припадници на нашите групи, како и надвор од нив.“ (Мају 2003: 227)

Во своето есеистичко творештво, Стефановски, токму во соодносот со други општества ги расплетуваше мрежите со земање различни гледни точки, од неговата позиција во commuting exile (Klaić 2009: 508), од којашто истовремено дејствуваше и набљудуваше во две култури (а попатно и во други култури меѓу местото на живеење и местото на работа, соодветно на неговиот творечки формат којшто ги надминуваше границите). Горановиот есеизиран светоглед, истовремено ги вклучуваше различните перспективи од културните средини на Ние и Тие, што секогаш ја вклучуваше и перспективата на Другиот, а не само онаа кон/за Другиот. А со тоа, како и себеси, и генеричкото Ние, есеистот Стефановски го согледуваше и од перспективата на Другиот, што е клучна детерминанта на неговиот есеј на којшто му е туѓа едностраната перспектива, иако настапува од позиција на индивидуа-интелектуалец со изградена свесност за идентитетот на своето Јас. Зашто, „ние живееме, како што рекол еден автор, во ‘информациски меѓупростор’. Меѓу она што ни го кажува телото и она што мора да го знаеме за да функционираме, постои вакуум што треба да го исполниме самите и да го исполниме со информации (или дезинформации) што ни ги обезбедува нашата култура.“ (Гирц 2007: 55) А својот информациски меѓупростор врз којшто се темелат размислувањата отелотворени во неговите есеи, Стефановски го исполнуваше со информации што му ги обезбедуваа различните култури, поларизирани во рамки на големата имаголошка слика.

Во овој контекст, согледано преку основната комуникациска алка на текстот, специфика на Горановиот есеизам е и идентитетот на адресантот и идентитетот на адресатот. Адресантот од позиција на commuting exile, по спознавање на различните перспективи, инсистира да е опсерватор и критичар којшто во своите размислувања, судови и заклучоци тежнее кон бегство од субјективноста иако е на есеистички терен. А тоа подразбира и критичност кон Ние, во стилот во којшто Стефановски и надвор од својот есеизам ќе речеше: „Нашата православна ортодоксија е една колективистичка вертикала, една машка оска, во којашто истовремено живеат сите чукундедовци, прадедовци, дедовци, татковци и синови… Во темните одаи на нашата свест, како и во нашата литература, се случуваат само меѓугенерациски битки меѓу поколенијата и секогаш кога ќе отворите плакар, меѓу мемливите јамболии клечат сенките на заборавените предци. Во ваквиот свет нема ниту простор, ниту потреба од женски права, толеранција и демократија“ (Форум, 13 март 1999).


[1] Текстот „Ах, тие Балканци“ за првпат е објавен во списанието „Културен живот“, бр. 3-4, 1999.

АвторИван Антоновски
2021-04-03T19:09:51+00:00 март 31st, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 136|