Додека другите заминаа на веселба
ние отидовме на гробишта
беше распет петок 2002
Одевме по парцелите барајќи ги гробовите
на луѓето кои не сме ги знаеле
а сме ги познавале
Минувавме покрај коските на некогашните
париски херои, писатели, сликари,
претседатели, грешници и чесни луѓе
Минувавме крај секакви гробови
мермерни, варосани, светли, раскошни, бедни
обични гробови и гробови-скулптури
Помислив: Дали е ова некаков бизарен
да го наречам – мртовечки туризам?
Не знам, и не можам да кажам
Сепак, настрана од тоа
видовме тогаш и вистински погреб
каде не плачеше никој
За тој мртовец немаше кој гласно да жали
ни женска солза, ни куче да лае, ништо
само нема болка
Лежи тој, закопан и неоплакан
во својата дупка,
таму, на Пер Лашез
гробиштата на славните
во Париз