Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган

/, Литература, Блесок бр. 111/Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган

Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган

Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган


Повторно, Еко и тука расплетот го води до својот логичен крај, каде што колку подлабоко главните ликови навлегуваат во приказната, изопачената реалност се чини како да се шири и да го презема нивниот живот. Во двата романа тоа го привлекува вниманието на мистериозни надворешни сили кои се закануваат дека ќе го казнат нивниот првичен грев и посегнување по забранетото знаење. Во Нултиот број тоа резултира со убиството на Брагадочо и параноичниот страв на Колона дека е следен што завршува со бегството во викендичката на Маја, што е многу слично на судбината на главните ликови во Фукоовото клатно. Сепак, една од суштинските разлики во однос на својот пред-текст е тоа што Еко не му нуди на својот херој бегство од паранојата во исцелителната моќ на љубовта или во нов живот на некоја егзотична екс-колонијална локација каде е лесно да се предадете на илузијата на нормален живот. Не, во неговиот последен роман Еко му ја одзема и последната илузија и тој станува свесен или само убеден дека целиот свет станал колонијална егозотична локација, жртва на истите експлоататорско-манипулативни сили, без разлика на нивното име или идеологија. Во однос на наративот кој го пласираат медиумите и центрите на моќ, веќе и Италија и нејзините жители се дел од колонизираниот Трет Свет.

Затоа остро ѝ реплицирав на Маја.

– Љубена моја, зар не забележуваш дека, чекор по чекор, и Италија станува како земјите од твоите соништа во коишто сакаш да побегнеш? Штом сме успеале првин да ги прифатиме, а потоа да ги заборавиме сите нешта што ни ги прикажа Би-би-си, тоа значи дека полека се навикнуваме да го губиме чувството за срам. (…) Доволно е само да чекаме: откако некогаш дефиитивно ќе стане иста како третиот свет, нашата земја ќе стане пријатно место, вистински рај за живеење, небаре насекаде е Копакабана, каде што ‘жената е кралица, жената е царица’.“

Наместо резиме

Како што веќе напоменавме, Нултиот број говори за настаните од поновата италијанска историја, концентрирајќи се на политичките и криминалните настани од 20 век, но со одеци од 19 век кога е формирана модерната италијанска држава. Заради тој факт, настаните и заплетите во книгата може да бидат далечни и опскурни за обичниот македонски читател, особено за тие што не се запознаени со политичките случувања во 20 век. Преведувачката Марија Грација Цветковска има направено солиден обид тие донекаде да се разјаснат преку објаснувања во фуснотите, но изобилството на имиња и настани практично не дозволува сѐ да се објасни. Сепак, Еко не би бил мајстор на својот занает ако не би ја збогатил структурата на своето дело со поголема слоевитост со што го издигнува над нивото на еден секојдневен историско-фељтонистички криминален роман. Македонските читатели можат да пронајдат многу интересни паралели со ситуацијата во нашето општество, но и на светско ниво. Прво, тука е спрегата помеѓу медиумите, бизнисот и политиката во нивниот обид да манипулираат со јавното мислење, особено со масовната примена на пропагандистичките методи за искривување на реалноста. Понатаму, Еко во Нултиот број на своите читатели им дава прирачник за методите на манипулација со кои се користат медиумите, примери за што имаме секојдневно во нашите весници и на нашите екрани. Ехото на свеста за тоа дека сме постојано следени и контролирани од тајните служби провејува во романот преку злокобното присуство на полицискиот поткажувач Лучиди, чувство за кое македонскиот читател стана многу добро свесен со последните настани во државата. Конечно, присуството, а може слободно да се каже, загаденоста на јавниот простор и дискурс со сѐ поприсутните теории на заговор како на глобално, така и на домашно ниво е јасно одразено и илустрирано во Нултиот број. Тоа е само помогнато од експлозијата на нови медиуми во современото дигитално општество, медиуми кои се постојано гладни за нови содржини, а процесот на создавање и рекомбинирање на теории на заговор е еден од најподатливите за продукција на нови содржини. Тие го хранат чудовиштето, интернетот и медиумското опкружување, а тоа потоа го искривува нашето чувство и перцепција на реалноста.
Како заклучок, може да кажеме дека во Нултиот број не го гледаме Умберто Еко во најдобра форма, но тоа не значи дека тоа е лош роман. Едноставно, не е ремек-делото на кое сме навикнати од него. Може да кажеме дека се работи за една стилска вежба како би требало да изгледа еден роман на Умберто Еко. Како што веќе напоменавме, тука се повторени неговите добро познати теми, позната е и обработката на ликовите и заплетот од претходните романи, енциклопедиското знаење на Еко, како и неговата смисла за хумор, иронија и сатира. Но, сето тоа е склопено на едно елементарно ниво во споредба со претходното негово творештво, при што локалната природа на темата или пак неговата поодмината возраст не му дозволила да навлезе потемелно и подлабоко во обработката на книгата. Нултиот број е до одредена мера верзија на неговите претходни текстови што го прави романот убаво четиво или вовед во неговото творештво за новиот читател, или едноставно забавен роман кој би ве придружувал на некое патување, одмор или пред да легнете во кревет. Еко, како писател кој се залага книжевноста да е пред сѐ забава, мислам дека би бил задоволен и со тоа.

2018-12-13T11:40:53+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 111|