Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган

/, Литература, Блесок бр. 111/Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган

Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган

Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган


Умберто Еко не само што е еден од стожерните писатели, туку и интелектуалци на 20 век. Нема потреба да се трошат зборови за неговиот придонес кон книжевноста и семиологијата, како и влијанието кое го изврши со своето творештво врз повеќе генерации во втората половина на 20 век. Неговото енциклопедиско знаење, ренесансна љубопитност и отвореност кон сите аспекти на современиот живот се рефлектираа во мноштвото жанрови во кои се опроба во текот на целиот негов живот. За тоа укажува и фактот дека беше плоден писател до самиот крај, како сето знаење кое го беше акумулирал во текот на својот богат и плоден академски и писателски живот да не можеше да прекине да се комбинира, комуницира и создава нови значења, т.е. приказни. Неговата последна книга Нултиот број ја објави во 2015 г., само една година пред да го напушти овој свет. Македонската јавност, благодарејќи на трудот на издавачката куќа Арс Ламина, имаше можност речиси со останатиот дел од Европа и од светот да ја прочита неговата последна книга во превод на Марија Грација Цветковска. Затоа е интересно да се разгледа во каква писателска и интелектуална форма се прикажа Еко во својата последна објава како писател.

Ехото на претходниот роман

Уште на прво читање, пристапот на Еко кон темата во Нултиот број се чини добро познат. Можат да се направат повеќе паралели со неговите претходни романи, како и со голем број есеистички текстови. Сепак, романот на кој намногу соодветствува и наликува е Фукоовото клатно, не само по темата, туку и по жанровскиот и наратолошкиот пристап кон приказната, како и во изборот на ликовите кои го населуваат романот. Тоа не е толку чудно имајќи го во предвид фактот дека самиот Еко кажува во едно интервју дека идејата за романот ја имал уште во времето на издавањето на Фукоовото клатно, но очигледно реализацијата била оставена за некое поподатно време.

Во Нултиот број се повторуваат сите најдобри елементи на романите на Еко, но во еден скелетална форма, како рамка и шема во која тој ги вметнува книжевните, историските и политичките настани и жанрови, а сновилото со кое ги придвижува и ја ткае површината на романот е добро познатиот детективски жанр и нарација. Детективскиот жанр како свој ‘ркулец и семе секогаш го поседува сомнежот, индикациите за престап, трагите од злодело, чувството за несоодветност на реалноста која нѐ опкружува. Единствено општествата кои успеале да постигнат подолг период на релативна стабилност или развој, успеваат да го потиснат тој сомнеж во темните сокачиња на периферните делови од градот, каде што се одвива животот кој е незапишан и неканонизиран од официјалниот наратив. Но, таму животот и приказните добиваат еден превез на мистификација и таинственост кој има дава веродостојност со самиот факт што не може до крај да се истражат нивните извори или потекло. Но, ниедно општество не може да постигне состојба на вечен статус-кво, колку и неговите легитимизирачки наративи тоа да го ветуваат или се обидуваат да го стабилизираат. Потиснатите приказни најчесто при неговите првите пукнатини се појавуваат од периферијата и ја нарушуваат рамнотежата, го вртат огледалото кон реалноста и придонесуваат за нејзино привремено дестабилизирање.

Теориите на заговор се особено податливи за оваа деконструкција и реконструкција на процесот на текстуализирање на историјата како модус на меморија и перцепција, бидејќи тие по самата своја природа се нестабилни, флуидни и прилагодливи на променливите општествени услови. Тие претставуваат апокрифни текстови на официјалната историја кои служат како архива на неавторизираните историски факти или толкувања на историските настани и личности. Како такви, тие со себе го носат сомнежот за сопствената валидност, но и валидноста на официјалната историја. Тие се полупропустливи текстови со никогаш до крај дефинирана граница на интерпретација, што дозволува одлевање, но и прилив на нови елементи во својот семантички видокруг и механизам. Всушност, тие изискуваат постојано прифаќање на нови елементи или барем рекомбинирање на постоечките за да се одржи главната движечка сила, сомнежот во стабилноста на реалноста. Нивната семантичката плодност и веќе проверената формула на истовремена нивна мистификација и демистификација во рамките на метафикцискиот историски роман, се чини дека е причината зошто Еко лесно повторно посегнува по слична тема и заплет.
Меѓутоа, се добива впечаток дека Фукоовото клатно со својата лавиринтска структура во која главниот лик Казабон се спушта во подземниот свет на главните теории на заговор и тајните друштва како своевидна интертекстуална Алиса во земјата на заговорите, како да го исцрпило целиот креативен набој и да го исцрпила материјалот кој би исполнил и второ дело од ист жанр. Во првото дело Еко ги собира и вткајува сите познати, не толку познати и егзотични религиозни и политички теории на заговор кои ги проучува како дел од своето проучување на средновековната европска култура и книжевност. Бидејќи таа тема и референтен материјал, колку да се опсежни и плодни, ги исцрпува во своите историски метафикции како Фукоовото клатно, Баудолино, Прашките гробишта, на крај на Еко како тема му останува современата историја на Италија. Се разбира, неговата родна земја, современата историја, политика и култура во 20 век и претходно се тема на неговите колумни, есеистички текстови, но и романи како што се Таинствениот пламен на кралицата Лоана, при што особена фасцинација му е проблематичниот однос со фашистичкото минато.

2018-12-13T11:40:53+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 111|