Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган

/, Литература, Блесок бр. 111/Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган

Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган

Нултиот број – последната роза на Еко или гаснење на мистериозниот оган


Парадоксот на Нултиот број

Приказната на романот се базира на една малку парадоксална премиса, но премиса која дозволува дестабилизирање на еден од официјалните дискурси преку кои се претставува и формира перцепцијата на реалноста – новинарскиот дискурс. Додека во Фукоовото клатно таа функција ја има книжевниот дискурс кој е симболизиран и лоциран во медиумот на издавачката куќа, во Нултиот број таа задача му е дадена на новинарскиот дискурс и медиум како доминантен јазик преку кој се формира јавното мислење во доцниот 20 век. Премисата се состои од тоа што еден познат тајкун, Вимеркате, кој постојано е во сенката на настаните или се наоѓа некаде горе блиску до недопирливите предели за смртниците каде вистински се носат одлуки, решава да формира весник „Утре“ преку кој сака да навлезе во највисоките кругови на власта и бизнисот. Но, идејата е тој весник да не е наменет за пошироката јавност, туку да служи со своите написи и известување како еден вид уцена или закана за владеачките структури, кои за да се слободат од него, ќе мора да го откупат весникот или да го примат Вимеркате во своите редови.

За таа намена, уредникот Симеи собира група неуспешни новинари од разни медиуми кои се подготвени да напишат сѐ само за да заработат за живот. Во редакцијата работат новинари кои потекнуваат од таблоиди (Маја Фрезија), црна хроника (Камбрија), полициски доушник (Лучиди), енигматичар (Палатино) и лектор (Костанца), како и главниот извор на теориите за заговор Брагадочо – чие име во превод значи фалбаџија, дрдорко. Меѓу нив се наоѓа и главниот лик Колона, пропаднат писател, кој воедно е ангажиран да ги напише мемоарите на главниот уредник за периодот на работата на весникот, со наслов „Утре:вчера“. Самата игра со зборови укажува на уште еден парадокс во работата на весникот, а тоа е дека редакцијата подготвува изданија кои ќе говорат за настани кои се случиле во минатото, но како да се тие утрешни вести. Како што е случај во секој парадокс, при судирот на два спротивставени поима се јавува пукнатина која ги осветлува рамките на нашето опкружување. Преку оваа премиса, Еко ја расветлува природата на дискурсот со кој говориме за нашата реалност, низ кој ја градиме историјата, но и текстот на сегашноста, а тоа е историјата. Една од доминатните преокупации на Еко е начинот на кој историјата како запис за минатото, но и резервоар на општествената меморија, зависи од својата текстуална природа, но и како таа влијае врз и ја креира перцепцијата за реалноста на сегашноста. Токму затоа, губењето на меморијата или на одредени текстови како дел од културната меморија на една цивилизација е чест мотив, но и стратегија за расветлување на прашањето како ја креираме историјата, но и нашата перцепција. Преку својот книжевен третман на оваа тема, Еко, како прекален и прониклив семиотичар, ги прикажува процесите и стратегиите за нивно креирање како наративи кои се користат за изразување и моделирање на општествените односи на моќ. Перцепцијата на сегашноста се гради со елементи и настани од минатото. Минатотото е калеидоскопот низ кој ја следиме сегашноста, а официјалните медиуми и дискурси се тие кои одредуваат каде ќе запре калеидоскопот и низ која призма и боја ќе гледаме. За да се објасни сегашноста ние секогаш се навраќаме на минатото, при што на тој начин ги формираме очекувањата за иднината. Оттаму произлегува и феноменот дека сѐ е веќе кажано, сѐ е веќе случено, а само историјата некогаш се повторува како фарса.

Редакцијата на весникот затоа подготвува нулти броеви, еден вид ур-текстови, пред-текстови кои говорат за својата претпоставена сегашност од идна позиција, но под превезот на фактот дека биле современици на таа сегашност, со тоа добивајќи го статусот на носители на вистината. Такви текстови се добро познати во историјата, почнувајќи од Хомеровите Илијада и Одисеја, преку Новиот Завет во Библијата, па до сите текстови врз кои се базираат теориите на заговор како што се, на пример, Протоколите на ционистичките мудреци. Врз основа на нив, нивните следбеници или верници се прогласуваат себеси и тие текстови за единствени носители на вистината, што во реалноста доведува до пролиферација на текстови-носители на вистината. Сите тие текстови во очите на поклониците на теориите на заговор се со подеднаква тежина, текстови кои се суровина за непрестајното работење на машината за произведување на теории. Еко во Нултиот број ги идентификува медиумите, покрај тајните служби, како едни од главните виновници за нивното сѐ поголемо присуство во оваа ера на непрекинат прилив на информации. Се разбира, во својот добро познат манир, Еко ја пародизира илузијата дека медиумите се семоќни и сезнаечки, прикажувајќи ги како марионети на бизнисот, политиката, мафиите и тајните служби во корумпираното италијанско општество. Тие потсмешливо се разоткриваат како лажни пророци преку фактот дека не можат да ја предвидат популарноста на мобилните телефони, како и нивната лажна сериозност со потценување на својата читателска публика и вметнување на популарните рубрики како хороскопите, некролозите и огласите на штета на сериозната култура.

Главниот лик Колона во рамките на романот е вклучен во две врски кои го одредуваат неговиот став кон темата на романот, но и на некој начин влијаат врз и го загрозуваат неговиот циничен и приземен поглед на реалноста. Едната врска е таа со помладата и идеалистична колешка Маја, а втората е неговиот однос со Брагадочо кој го внесува во мистериозниот и вртоглавиот свет на конспирациите. Од симболична гледна точка, едната врска го носи кон светлината, чистиот воздух и природата, додека втората го носи кон мракот на подземниот свет. Тоа е понатаму илустрирано од локациите во кои се одвиваат нивните средби. Со Маја тој се наоѓа во светли бистроа, во удобноста на нејзиниот стан и конечно во нејзината викендичка на село. Спротивно на тоа, средбите со Брагадочо на кои тој му ја разоткрива тајната за судбината на Мусолини по неговата наводна егзекуција се случуваат во мрачни кафани во сомнителнот дел од градот, како и во гробницата на еден манастир, опкружени со коските и духовите на минатото, своевидна метафора за смртта, морбидноста и пеколот кон кој водат теориите на заговор. Всушност, и во овој поглед приказната многу наликува на заплетот на Фукоовото клатно, каде главниот лик е растргнат помеѓу надежта и новиот почеток кој му го нуди љубовта и лудилото во кое запаѓа обидувајќи се да ја протолкува тајната историја на светот. Во Фукоовото клатно тоа е приказната за светиот грал, додека во Нултиот број Еко има далеку поограничена и локална перспектива. Тука теоријата на заговор говори за своевиднот свет грал на фашизмот и десницата во Италија, а тоа е дека Мусолини ја преживеал Втората светска војна и пребегнал и живеел во Јужна Америка.

2018-12-13T11:40:53+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 111|