Пет Метини: зборува за сегашноста

/, Звук, Блесок бр. 38/Пет Метини: зборува за сегашноста

Пет Метини: зборува за сегашноста

#5Да, навистина е возбудливо да се открие музичар кој не го познаваш и сакаш да откриеш сè за него. Дали очекуваш понатамошни турнеи со триото со Гренадиер и Стјуарт или Блејд, како и со тие со кого си снимал албуми во таа формација односно со Холанд, Хејнс и Хејден или некои други?
Сигурен сум дека ќе има и однапред се надевам на ваквите средби. Од сите проекти што ги имам работено со тријата, ќе видите дека тука работев со некои од моите омилени музичари и луѓе. Уште од самиот почеток, постојано работам со триото и сигурен сум дека тоа ќе има посебно место меѓу работите што се обидувам да ги направам.

Како гледаш на процесот на снимање и кој е твојот избор кога се работи за софтвер, хардвер?
Снимањето албуми никогаш не било вистински приоритет за мене. Можам да кажам дека дури во последниве 15 години се чувствувам пријатно во врска со процесот или резултатите. Порано, со ECM беше тешко и не носеше некое задоволство иако резултатите од тие сесии имаат свои моменти. Меѓутоа, овие денови многу повеќе уживам во самиот процес.
Што се однесува до софтверот и хардверот, сега постои огромен избор и начини да се документираат сопствените музички идеи и секој од нив може да даде одлични резултати. Јас имам направено целосно снимени аналогни албуми, како и дигитални, а и едните и другите подеднакво ми се допаѓаат. Овој албум беше снимен без да се користи било каква лента, како што повеќето албуми денес и се снимаат. Се испостави дека тоа е одличен начин да се работи. Меѓутоа, на крајот, музиката е таа која е најважна. Начинот на кој е создавана навистина не е од голема важност за 99% од луѓето кои ја слушаат. На пример, како слушател, воопшто не ми е грижа ако некому му биле потребни 2 часа работење на некоја едноставна опрема или една недела или година во некое студио, работејќи на дигитална опрема или нешто слично. Сè додека таа се обраќа како музика, и тоа на начин на кој се пренесува духот или намерите на музичарите, тогаш ми се допаѓа.

Не знаев дека свириш и на пијано. Колку време свириш на него и дали би снимал со него?
Пијаното го користам како средство за пишување уште кога бев дете. Тоа е толку полесно да се користи во однос на гитарата, посебно ако се проверуваат вокалните мелодии итн. Не можам да кажам дали би го снимал тоа што ќе го отсвирам, иако има една нумера на која свирам пијано, а го користам и кога компонирам музика за некој филм. Честопати свирам клавијатури кои се појавиле на различни албуми, но самиот не сум виртуоз, односно не можам да свирам повеќе од тоа што го слушам додека компонирам.


Настапот на триото во Остин беше еден од најдинамичните концерти на кои сум присуствувал. Истиот ден го интервјуирав Ерик Џонсон каде и обајцата коментиравме дека очекуваме да биде изведуван материјалот од “Bright Size Life”. Дали чувствуваш поголема или поинаква слобода кога настапуваш со триото сега, и дали барем малку наликуваше на настапите со Боб Мозес и Џеко Пасториус?
Се сеќавам многу добро на тој концерт. Да, настапите со триото се поинакви во однос на што било, и посебно уживав работејќи со Лари и Бил. Драго ми е што го документирав периодот додека бевме заедно со концертниот албум кој беше објавен минатата година. Мислам дека бевме среќни што доловивме дел од тоа што направи таа комбинација луѓе да профункционира.
Што се однесува до Мозес и Џеко, тоа беше сосема поинаков случај. Тоа беше посебен бенд и периодот кога тој беше активен беше навистина интересен. Џеко и јас бевме заинтересирани да ја предизвикаме статус кво ситуацијата на нашите инструменти и џез музиката, додека Мозес веќе беше мајстор. Меѓу нас имаше хемија. Ние бевме испратени на мисија и тука имаше многу енергија.

Апсолутно. Се надевам дека некогаш ќе биде објавен концертен материјал од тој бенд. Што се однесува до “Speaking of Now”, некој би можел да каже дека се чувствуваат “world music” влијанија (поради недостаток на соодветен термин), каде се присутни западноафрикански влијанија помешани со веќе присутните бразилски звуци.
Како и повеќето музичари, навистина не ги сакам обидите да се класифицира музиката по жанрови. Ние живееме во свет каде некој како Ричард Бона пораснал во едно мало село во Африка, јас пораснав во мало гратче во Мизури, Куонг Во е роден во Виетнам, Антонио во Мексико, итн. Сепак ние зборуваме ист музички јазик, дури и негов специфичен и навистина тежок дијалект, и мислам дека сите го правиме тоа со една индивидуалност која иде подалеку од „националните граници“ на тоа од каде сме, па дури и „стилот“ на музиката кој ние го свириме во одреден период. Човештвото сè повеќе и повеќе се движи кон една област каде луѓето повеќе се стремат кон општи цели. Терминот “world music” е навреда за сите кои свират музика и кои не се родени во истото место каде живее некој рекламен агент кој го измислил овој термин. Секое објаснување кое е повеќе од ова е безначајно.

#6Да, сигурен сум дека така се случило. Тука има многу работи кои се нејасни. За кој дел од светот всушност зборуваме? Сета музика е музика на светот ако е создадена на оваа планета. Сепак, сите ние сме свесни на што се однесува овој термин исто како што знаеме на што се однесува останатата маркетиншка или уметничка шифрирана терминологија (даб, фанк, блуз, хип-хоп, транс, електроника, итн). За многумина терминот џез е исто така измамнички. Очигледно тој може да означува неколку работи (диксиленд, рег-тајм, свинг, би-боп, хард боп, фри, кул, латино, фјужн, итн). Термините едноставно постојат со цел потрошувачите да имаат некаква претстава што е тоа што би можеле да го купат, во случај да не го слушнале претходно, како и правилна класификација на производот.
Според истата класификација, би сакал да знам кои бендови или музичари се наоѓаат таму некаде ширум „светот“, кои свират музика која ги има истите специфични особини кои ние ги презентираме во работата, која ја работиме во последните 25 години со овој бенд? Особено во деловите кои се однесуваат на мелодијата и хармонијата, воопшто не гледам ништо слично на тоа, па дури и во светот на џезот а камоли во другите области, и би додал дека тоа може да биде за подобро или за полошо. Секој пат кога ќе примиме некого во бендот, го храбриме да го покаже својот идентитет, бидејќи индивидуалноста кој тој ја носи е важен дел од тоа што е потребно за да се настапи на еден ваков концерт, на пример. Меѓутоа, бидејќи композициските и импровизирачките барања на овој бенд се толку специфични (ова според мене и не е лоша работа, бидејќи повеќето бендови на кои им се восхитувам ги имаат истите естетски карактеристики кои се посебни и обично имаат големи барања) поради што музичарите кои свират во бендот би морале да замислат еден звук кој ќе се вклопува со тоа што нумерите и емоциите го бараат а во исто време да бидат свои. А ако се случи тие да потекнуваат од некоја друга планета – кул.

Се разбира. Дали секој албум има свој фокус или тема или дали тие во голем дел го отсликуваат патешествието на групата?

Уште од самиот почеток, поголемиот дел од времето кое го посветував на водењето на групата се однесуваше на управување и фокусирање на вниманието на групата кон посебни области од испитувањето и истражувањето. Ова може да е формулација на одредени прашања, како што е: колку голем може да биде звукот на квартетов? Колку можеме да ги развиваме работите композициски и сè уште да го сочуваме импровизирачкиот баланс со тој развој? Дали би можеле да ѝ се обратиме на личноста „х“ и сè уште да го сочуваме нашиот идентитет? Тука спаѓаат милиони специфични музички теми кои се однесуваат на посебните улоги на инструментите во ритам секцијата и милион други ситници.
Кога веќе ги спомнавме овие работи, детаљите па дури и главната содржина на делата би требало да успеат како преносници на емоции и раскажувачи на приказни. Мене навистина ми е лесно да зборувам и зборувам за сите убави мали работи што ги сакам во врска со музиката од технички агол, но во исто време сите тие работи се неважни во споредба со нешто од поголема важност кое се наоѓа позади сето тоа; чувството дека сме способни да го постигнеме тоа, и емотивниот ефект кој ние сме способни да го постигнеме со помош на целиот труд кој го вложуваме во создавањето на сите овие елементи да профункционираат заедно, со цел да кажуваат некаква приказна.

АвторМајк Бренон
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 38|