Препев од бугарски: Зоран Јакимоски
Корабите на возможната љубов
од зад грбот на хоризонтот –
доаѓаат бавно.
Прв ќе стигне до брегот,
оној што од срцето ги исфрлил
собраните милувки и надежи.
Житото – во солените води,
густите коприни – на брановите.
Гол, измачен, невооружен
со право да ги прогласи за свои
камењата, сенките, дождот,
изворите слатки како бакнеж
и прстите за создавање луѓе.