Растење
рацете ми се губат во тркачките нозе
треперењето на усните е единствената трага дека сме присутни
без можност за целосен збор
се откраднува нешто убаво
маѓосувачки ѕвездено но исчезнува во воздухот без облик
воздишка здив
стануваме немоќни за конвенциите што доследно ги применувавме
длабоките поклони собувањето пред врата
се чувствуваме поинакви
побуна побуна неред неред
удобно е во белите кошули не мора да бидат свечени
удобно е да се биде чист да се биде испеглан да се биде убав
ама светот е краток кревет без душек во кој мора да се мушнеш
затоа грабиме четириножно во бели кошули
и спиеме на чакалната почва пружени
бесконечно издолжени
десната рака во индискиот океан
левата нога во азиската пустина
другата лева нога во африканската савана
мократа глава во северното море
носот закован во вулкан што пламти
мирисаме на ѕвезден бескрај од планктони
и готови сме да бидеме поинакви