ГАНГРЕНА
Врз мојата бучна патека
паѓа невидливиот болскот
на затскриената црна дупка,
каде што ноќна пеперутка лета.
Ниту солените води што брегот го расекуваат,
ниту стврднатата крв што течела низ моите предци
се способни да ја исполнат оваа светлосна празнина,
чија мермерна урна е полна со снегулките на страста.
Нејзините стаклени дождови,
нејзините бакарни громови
ми ги отсекоа прстите,
ми ја истрижаа косата,
ми ги откорнаа забите.
Ме оставија сакат и гол
пред декодираното огледало
на вселената што провоцира.
Сиве мои откинати ткива
ненамерно му ги подарив
на сонот на згаснатата ѕвезда,
кој лежи под гладниот баобаб.