ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

/, Галерија, Блесок бр. 119/ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?


ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

Уметноста во постдисциплинарен свет

Веќе подолго време и надвор од уметничките кругови се поставува прашањето за уметничкото дело, неговата дефиниција и неговата вредност. Некако се чини дека само на учесниците во затворениот свет на уметноста или на чуварите на дисциплинарното знаење не им е баш јасно дека уметноста и критиката ја изгубија својата општествена релевантност, а уште помалку зошто е тоа така. И сето тоа, не затоа што се работи за специјалистичко прашање за кое нема веќе обучени професионалци, не дека тие прашања не се интересни, не затоа што живееме во постдисциплинарен свет, свет после крајот на историјата на уметноста, но и крајот на уметноста, туку затоа што веројатно сè поизвесно е дека ние одамна сме во проширеното поле на визуелната култура, без авторитети, без критериуми и граници, без дефиниции, а со речиси неограничени мрежи на дистрибуција и репродукција на сè во форма на производ или информација. Или, како што во една прилика Џон Кејџ метафорично ќе рече, ние не сме по течението, ниту во делтата туку во ширината на непрегледниот Океан.[1]Дали е тоа добро или лошо, е сосема друго прашање. Но, за воопшто да можеме да се зафатиме со негово одговарање, треба да се освестиме за постисториската состојба во која сме се нашле, зона во која за огромното мнозинство во хиперзабрзаната алгоритамски дефинирана стварност, вечна сегашност која се врти во круг, од „минато кое нема никакво значение, до иднина која ќе нема што да понуди“.[2] Ние сме заглавени во еден ентрописки циклус што Бифо Берарди го дефинира како „бавно исклучување на иднината.“[3]

Можеби во ваква ситуација, принудени сме на секој гест да му пристапиме со неоптоварена анализа, поставувајќи параметри за преиспитување кои би одредиле што овој објект и гест прави/чини, на кои традиции припаѓа или критички ги разгледува во контекстуалната мрежа, какви прашања отвора или, пак, можеби дури и успева да ги одговори.

Уметноста како подарок / Уметноста како вредност

Во уметноста во многу наврати се третирани темите на подарувањето, подарокот како објект кој е симболичен носител на воспоставување/остварување релации, истражувани се различни аспекти на општата дилема околу вредноста, нематеријалната/духовната, материјалната или монетарната вредност на уметноста на уметничкиот пазар, проблемите, манипулациите или непостоењето на истиот. Во различни форми разгледувани се и релацијата на уметноста како работа, со заработката, профитот, потоа корпоративната улога, спонзорството и низа други прашања кои се однесуваат на релациите и циклусот на производство, физичкиот и интелектуалниот труд и времето вложени во уметничките дела, акции, гестови. Но, многу често и како активност која е надвор од економијата, израз на слободна волја и слободно воспоставени релации на размена, пријателство или едноставно подарок.


1. In the Ocean, dir. Frank Scheffer (Allegri film & NPS, 2000).
2. ‘A loop is created: from a past that meant nothing, to a future that will have nothing to offer. Existence without context is condemned to the present.’, Geert Lovink, Electronic Loneliness, poem, 2012 .
3. ‘slow cancellation of the future’фраза во:FrankoBerardi, After the Future (AK Press, 2011), 18.

АвторВладимир Јанчевски
ПреводВладимир Јанчевски
2018-09-25T09:27:28+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 119|