воајеризам
Модрото око е блесок кој си го замрзнал. Го отвораш на екранот од компјутерот и го зголемуваш. Станува длабоко, станува студено. Се загледуваш и потонуваш. Фотографијата не ја носи само сликата на она што е фотографирано, туку и на оној кој ја фотографирал. Неговиот одраз е секогаш во другиот. Особено на фотографија од лице. Но не е сеедно дали фотографираш лица кои тоа го сакаат, во студио под рефлектори, или лица на минувачи по улица. Дури во вториов случај завлегуваш во приватното, во интимноста, ѕиркаш низ клучалка: немаш алиби за воајеризам…
Неверојатна е леснотијата со која сме подготвени да провалиме во нечиј интимен простор, во интимноста на потполно непознати личности, а истовремено сме уверени дека нашиот мора да биде резервиран само за нас, поштеден од секоја диверзија.
крадец на лица
Излегувањето на улица е варварски поход на туѓата интима: поминувам и пукам, ги крадам лицата на минувачите, се внесувам во нивните физионимии како снајпер на улиците на балканските градови пред дваесетина години. Стојам кај Тунел, објективот се истегнал како коњски фалус, а жртвите несопирливо навалуваат. Мали шегаџии повикуваат, девојките го фаќаат објективот и бргу местат насмевка, фризура и облека.
Младичот со дете во рацете не знае дека тагата од очите останува скаменета на екранот од дигиталната камера. Наидува голем црн грб, друг голем црн грб; ги сместуваш во кадри и манипулираш. Девојка под црн зар, чии големи очи ги порабил виолетов молив: велам големи очи зашто тие се најдлабоката бездна во која можеш да се загледаш. Потоа ја фотографираш урнатината покрај луксузниот хотел и го предизвикуваш бесот на минувачите: Не пипкај во душата на градот, пукај во нас, ние можеме сè да издржиме! Поминува младич со строг поглед и просаскува: Гони се, фотограф!