Полн месец во Истанбул

/, Блесок бр. 94/Полн месец во Истанбул

Полн месец во Истанбул

паѓање на темнината на исток
потоп
жената со ламтеж по мраз
клацкалка
јазик
популизам
реклама за смрт
Фрагменти за фотографијата


воајеризам

Модрото око е блесок кој си го замрзнал. Го отвораш на екранот од компјутерот и го зголемуваш. Станува длабоко, станува студено. Се загледуваш и потонуваш. Фотографијата не ја носи само сликата на она што е фотографирано, туку и на оној кој ја фотографирал. Неговиот одраз е секогаш во другиот. Особено на фотографија од лице. Но не е сеедно дали фотографираш лица кои тоа го сакаат, во студио под рефлектори, или лица на минувачи по улица. Дури во вториов случај завлегуваш во приватното, во интимноста, ѕиркаш низ клучалка: немаш алиби за воајеризам…
Неверојатна е леснотијата со која сме подготвени да провалиме во нечиј интимен простор, во интимноста на потполно непознати личности, а истовремено сме уверени дека нашиот мора да биде резервиран само за нас, поштеден од секоја диверзија.

крадец на лица

Излегувањето на улица е варварски поход на туѓата интима: поминувам и пукам, ги крадам лицата на минувачите, се внесувам во нивните физионимии како снајпер на улиците на балканските градови пред дваесетина години. Стојам кај Тунел, објективот се истегнал како коњски фалус, а жртвите несопирливо навалуваат. Мали шегаџии повикуваат, девојките го фаќаат објективот и бргу местат насмевка, фризура и облека.
Младичот со дете во рацете не знае дека тагата од очите останува скаменета на екранот од дигиталната камера. Наидува голем црн грб, друг голем црн грб; ги сместуваш во кадри и манипулираш. Девојка под црн зар, чии големи очи ги порабил виолетов молив: велам големи очи зашто тие се најдлабоката бездна во која можеш да се загледаш. Потоа ја фотографираш урнатината покрај луксузниот хотел и го предизвикуваш бесот на минувачите: Не пипкај во душата на градот, пукај во нас, ние можеме сè да издржиме! Поминува младич со строг поглед и просаскува: Гони се, фотограф!

Бранко Чегец

2023-06-07T21:18:41+00:00 март 2nd, 2014|Categories: Поезија, Блесок бр. 94|