Слоевите на македонската почва во сликите на Глигор Чемерски

/, Галерија, Блесок бр. 28/Слоевите на македонската почва во сликите на Глигор Чемерски

Слоевите на македонската почва во сликите на Глигор Чемерски

#8 Но во средиштето на целиот овој разгранет ликовен универзум стои како стожер, кој ги обединува сите тие барања, самосвојниот и секогаш препознатлив личен сензибилитет на овој уметник. Од каде и да ги презема своите поттици, на што и да се надоврзува како традиција, било да ги слика паганските сатири или христијанските ангели, македонските ора или ноќните химери дојдени од далечните митологии, Чемерски ги обединува низ својот силно потцртан индивидуален стил, го втиснува во нив неповторливиот печат на својата исклучителна личност. Со култура која е значително поширока од областа на ликовното, Глигор Чемерски е пред сè една репрезентативна творечка фигура во современата македонска духовна клима. Но, значењето на неговата појава ги надминува секако националните граници – тој е еден уметник кој во европските размери зазема истакнато место и чиј углед во светот постојано расте.
#9 Во сликарството на Чемерски присутна е постојано една двојност која несмирливо ги противставува своите начела, не давајќи му на едното од нив да претежне над другото. Имено, овој сликар никогаш не се откажува не само од фигуративноста, туку и од она што би можеле да го наречеме „приказна“ – во неговите слики секогаш препознаваме елементи на некое случување но, исто така, очигледен е и неговиот стремеж кон она што би можеле да го наречеме „чиста ликовност“ која, откажувајќи се од намерата да остане доследна на описот на она што се одигрува на тематскиот план на сликата, го слуша диктатот на гестот, која се поведува по слободата на раката, и која ја поставува како мошне висок принцип на ликовната креација експресивноста на рескиот и нагонски водениот потег. Како резултат на оваа игра на спротивставените елементи ние на овие слики го насетуваме и го доловуваме поттикот дојден од реалноста, но тој, притоа, никогаш не се јавува како доследно миметичен и јасно дескриптивен, туку претворен во асоцијативна арабеска, во неразмрслив преплет на препознатливите детали преземени од природата и нивните апстрактни двојници. За да се навлезе во вистинската содржина на сликите на Чемерски потребен е визуелен и интелектуален напор, но, и покрај сите тешкотии кои стојат на тој пат на откривање и препознавање, тој напор го наградува секој оној што ќе се впушти во нив со сознанија и искуства кои го збогатуваат и окото и духот.
#10 Динамичен однос на подеднакво моќни и подеднакво суштински сили е она што лежи во јадрото на ова сликарство. Во него копнежот по заокружување и полнота се преплетува со вечно присутниот порив насочен кон разбивање на секоја статичност – како што, исто така, во ова творештво се проникнуваат и се дополнуваат (небаре јин и јанг во кинескиот знак „тај-чи“) земното и небеското, темното и светлото, дионизиското и аполониското, суровоста и убавината.
#11 На овие платна еден извонреден сликар ги решава вечните и судбински дилеми – и тоа, колку што во него расте свеста за нивната нерешливост, толку повеќе жестокост и страст венсувајќи во нивното разрешување, и успевајќи таа жестокост и таа страст да ги претвори, низ една високо креативна сублимација, во гест, во потег, во еден силен и вдахновен ликовен ракопис кој возбудува и понесува.

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 28|