Слоевите на македонската почва во сликите на Глигор Чемерски

/, Галерија, Блесок бр. 28/Слоевите на македонската почва во сликите на Глигор Чемерски

Слоевите на македонската почва во сликите на Глигор Чемерски

#5 Во своите слики Чемерски ќе ги обнови, со една исклучителна силина, влевајќи им една нова енергија и една нова виталност, големите теми на византиското сликарство.
Напојуван, во своите почетоци, врз искуствата на западноевропското сликарство, и тоа врз творештвото на оние мајстори во чии дела е видливо како материјата се распнува од една внатрешна динамика и како во неа спиритуалноста секогаш одново го искажува напорот да се крене кон занесот и вознесот (Ел Греко, Тинторето, Делакроа, Ван Гог, Пикасо…), Чемерски пристапува кон Византија – всушност, подобро речено, кон македонската варијанта на византиското сликарство – со желба во нејзините вкочанети ликовни догми да внесе едно ново раздвижување и еден нов élan vital. #6 На тематските целини од ѕидовите на Света Софија охридска, Курбиново, Нерези, тој им го позајмува – интерпретирајќи ги низ личното доживување и низ личниот ракопис – својот секавичен гест, својот трескавичен немир и својата склоност кон една убавина што не се плаши од жестокост. Во неговото сликарство од овој вид присуствуваме на примена на една своевидна интертекстуалност, на една интеркултурна и интертемпорална размена на сензибилитети, при што овој сликар успева, на еден фасцинантен начин, да ги донесе во врска навидум оддалечените светови и да ги смири спротивностите. Но не станува збор само за теми кои со помош на виртуозната вештина на сликарската четка на Чемерски добиваат своја возобновена интерпретација, туку за еден особено смел обид за проникнување во вистинската природа на средновековниот живопис од нашите простори, за навлегување во суштината на ликовната постапка реализирана во неговите највисоки креативни мигови, и – за едно наејзино осовременување и поврзување со актуелниот ликовен јазик. Всушност, очигледно е дека овој сликар има голема амбиција, за која тој низ досегашните остварувања покажува дека не е без своја мисловна основа и дека на сликарот за нејзино реализирање не му недостасуваат можностите, да го вклопи византискиот ликовен сензибилитет во палетата на традициите од кои современите ликовни движења во светот го црпат својот поттикнувачки потенцијал. Во постапката на древните – во најголем дел анонимни – средновековни живописци, Чемерски ја додава спонтаната гестуалност, слободниот живот на линијата, динамичноста на обновениот експресионизам, покажувајќи дека сето тоа постоело, во еден прикриен и стегнат вид, како зародиш кој го чекал својот миг да расцути, веќе во творештвото на тие некогашни големи мајстори. Сликарството на Чемерски од поновите фази – тоа е една осовременета Византија, согледана со очите на наш современик. Неговите слободни навраќања кон нерешкото Оплакување, или бројните – сјајни! – варијанти на борбата на свети Ѓорѓи со ламјата, се дела за кои можеме да речеме дека тие вдахновени ликовни творци од минатото би ги насликале така денес, кога би живееле во наше време.
#7 Се разбира, нашиот средновековен живопис не е единствен извор за поттиците кои се вкрстуваат во ова сликарство. Во него честопати ги насетуваме одгласите на делата настанати во други поднебја и други времиња: ликовите од коптските ткаенини, претставите настанати во рамките на цивилизациите на предколумбиска Америка, калиграфијата на Далечниот Исток – сето тоа може, на мигови, да се препознае како иницијален поттик кој ги повел имагинацијата и раката на Чемерски во една авантура чија цел била да ги премости навидум несовладливите бездни на раздалечените простори и времиња, кои – како што покажува творештвото на овој сликар – не се несовладливи за духот.

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 28|