Птица што диши на жабри
#9 Како ја наслика птицата? – го запрашаа сликарот.
Летав со неа. Бев сина птица и орел на Карпатите,
професионален галеб и ловев риби на Медитеранот,
бев лебед на Охридското Езеро и немав ништо
курвинско зад грациозноста на принцеза.
Погледни! Гулабот од платното ми јаде од дланка.
Насетува дека рамките не се кафези и дека на него
ќе лета до крајот на светот, и уште подалеку.
#10 Како ја наслика рибата? – го запрашаа сликарот.
Пливав со неа па како рибар ѝ се додворував.
Го допревме дното на океанот па запливавме
кон врвот, кон црвот светлина што виси на јадица.
Ми позираше во тавче. Ѝ го знам мирисот, вкусот.
Си ги лижам прстите по секој залак од палетата
но внимавам да не лапнам коска од четката.
#11 Како ја наслика жената? – го запрашаа сликарот.
Не ја насликав. Само ја легнав на штафелајот
и водев љубов со неа – еднаш, два пати, три пати…
Но еве ја, како уште да сака. Гледаш како мрда
со газето – сега ќе ѝ го збичам од позади.
Нееее! Не го пипај платното! Сè уште е влажно.
Ма којзнае дали воопшто некогаш ќе се исуши?
#12 Но што ги спои птицата, рибата и жената? – беа упорни
прашувачите.
Пенисот, центарот на универзумот – одговори сликарот
и ја брцна четката во езерото за да ги
наслика цицките на небото.