1.
Отидовме на гробишта
и со вино, свирки и тапани
си ги поканивме мртвите
да ни дојдат на свадба,
да не се заборавиме.
И сега, ене ги сите тука,
седат во снежната одаја,
ние не гледаме кај седат,
но тие нас нè гледаат.
Се крстат и го кршат лебот
тропаат со чашите и лажиците,
а можеби плачат и играат,
а ние само одиме по нив,
ги повторуваме нивните чекори.
2.
Седат до нас, седат пред нас,
а можеби ја држат и честа
од челото на трпезата?!
Седат и гледаат
дали и овој пат е сè исто
како и во нивно време:
дали се венчала невестата
со прагот и со огништето
и со која нога влегла дома.
И гледаат дали ги споменуваме
и дали доволно им се радуваме
дека пак се заедно со нас,
дека не сме ги заборавиле.