Сè што ти треба

Сè што ти треба

*

Моравме да изградиме многу посилна ограда од онаа за кравите, се разбира. Почнавме со работа веднаш по Четврти јули – не работевме секој ден, се обидувавме да не излегуваме на сонце кога беше претопло или кога момчињата не можеа да земат слободен ден, знаевме дека имаме време до средината на септември, кога типот од Ланкестер ќе донесе три женски буфала, и едно машко. Некои денови Џејсон и Даг успеваа да ја одложат работата за оние луѓе што сакаа да им се монтира нова кујна или да им се ископа септичка јама. Тие денови Крис ќе се јавеше порано наутро да ја разнесе поштата, за да може да ни се придружи околу два попладне. Од почеток ми беше мило што сум таму со момчињата да копам дупки и да растегнувам жица. Обично ги корневме старите колови, останати од вермето кога полето меѓу куќата и патот било пасиште за крави, и така добивавме до пола ископана дупка за нов кол. А стариот Џорџ Хариман ќе дојдеше да провери што правиме.
Имавме почнато само неколку дена кога дојдоа резултатите од тестовите, а потоа работата ми стана само некоја промена меѓу две посети во болницата. Онаа вообичаена работа со многу разговор и смеа стана само мрачен ритуал. Работевме сè додека не завршивме – сè освен портата – кога жена ми почина.
Кога тоа утро се јавија да ни кажат дека дошло времето, знаев дека не можам да одам, и покрај тоа што бев во болницата секој ден откако за првпат ја однесовме таму, на четиринаесетти јули, мислам. Џони и Рик отидоа, со Крис и со Џејсон. Му се јавив на Даглас, кој живее на другата страна од патот со жена му и со двете деца. Ми рече дека ако јас не сакам да одам во болница тој ќе остане со мене.
Не сакам да размислувам за таа наша прошетка низ полињата…

*

Денот пред погребот слушнав како се приближува уште едно возило. Станав од креветот на катот и погледнав низ прозорецот да видам кој е овој пат. Првите неколку дена доаѓаа многу коли – луѓе, добри луѓе, застануваа со јадења, колачи и слични работи. Но ова беше камионче со регистрација од Пенсилванија, влечеше приколка за коњи, низ нејзината зелена боја на многу места избиваше ‘рѓата. Кога возачот застана и излезе, јас веќе бев долу.
– Буфало Бил Бевинс, на располагање! – Беше типот од Ланкестер. Потоа се сетив како се смееше за својот прекар кога се запознавме пролетта. И го препознав по истата сламена каубојска шапка и исфлеканиот елек од овча кожа што го носеше тогаш.
– Мм, како сте г-не Бевинс? Не знаев… мислам, мислевме дека ќе дојдете околу петнаесетти. Сега е… што е, шести?
– Па, требаше прво да се јавам. Извинете ако е во невреме. Но се сетив дека ми рековте оти ќе бидете дома цел септември, па штом разбрав дека престанале да цицаат и дека се спремни, ги натоварив и дојдов.
– О, во ред е, ама… – По вторпат во два дена водев ваков разговор. Другиот беше претходниот ден, со Џо Ортли, во градот, се јави да го замоли Џејсон да му изгради гаража. Мислам, луѓето се зафатени со секојдневни работи и претпоставувам дека и јас само минувам низ еден нормален ден.
– Прими го моето сочувство, Енди, искрено сочувство. – Рече Бевинс кога му кажав. Но што требаше да каже? – Големо сочувство… не знаев. Треба да дојдам друг пат, нели.
– Не, во ред е. Може да земеме. Ја подигнавме оградата. Гледаш? – му покажав кон пасиштето со необично висока ограда, со густа и цврста мрежа и со толку силни колови, што можеа да издржат и камион.
– Да. Ќе заврши работа. Но ако не сакаш сега да мислиш на тоа…
Во тој миг, Крис веќе имаше дојдено и нè слушаше. Очите му беа потечени и црвени. Иако сум сигурен дека изгледал и полошо. Потоа прозборе.
– Тато, се сеќаваш на портата? Треба уште тоа да го завршиме. Шарките можат да почекаат уште малку, но ми треба половина час да наместам нешто.
– Добро сине, добро. Дури и ќе ти помогнам ако сакаш. – а тогаш Бенинс церемонијално ја извади шапката и со другата рака го поттапка Крис по рамото. – Сочувство за мајка ти, сине. Искрено сочувство.
– Па, г-не Бевинс, – реков. – Ќе го погледнеме? – Од приколката се слушаше лупање.
– Сигурно, ама не сакам да ја отворам вратата додека се враќам во полето. Но може да ѕирнете преку отворот на покривот. Здрави се и живи, ви кажувам.
Не очекував да се веќе толку големи. Очекував да бидат, да речеме, како бернардинец. Едното беше малку поголемо, мислам, но другите три веќе имаа мали грпки над рамената. Роговите на бикчето веќе се покажуваа на неговата невообичаено голема глава. Сите четири збивтаа, и грофкаа. Очите им беа големи бели кругови со длабоки, темни центри. Изгледаа диви и исплашени. Имаше уште нешто во врска со нив. Како да гледав духови од минатото.
На оградата имавме оставено отвор доволно широк да помине кола. Така, откако Крис ги нареди штичките што веќе ги исекол за оградата, спремивме едно јаже за да го фрли на место кога бизоните ќе излезат од приколката. Очекував да истрчаат веднаш откако Бевинс ќе ја спушти рампата, но тие се стуткаа на предниот дел на приколката кога нè видоа собрани надвор. Слегоа по рампата дури кога се придвиживме кон предниот дел на камионот и кога Бевинс почна да удира на покривот. Потоа галопираа во кругови како еден, жестоко, лупаа со копитата дури и на местата кајшто имаше густа трева.
– Ќе се смират за ден-два. – рече Бевинс, – Само да ги откријат димензиите на новиот дом.

*

Црквата љубезно ни ја отстапи визбата за ручек по богослужбата и погребот. Даглас среди сè, бидејќи е редовен член на црквата.
Не знаев како ќе го преживеам тој ден. Мислев дека ќе биде невозможно. Но некако со целото семејство таму, со пријателите и соседите, ми беше подносливо. Кога сите почнаа да си заминуваат, се сврте друг лист. Сепак, ми беше мило кога Хариман сакаше да се врати со мене да ги погледне младите буфала. Ќе сторев сè за да го одложам самотното качување по тие скали до спалната.
Веднаш забележавме едно од буфалата. Ја препознав најмалата, таа што сè уште немаше знаци од грба. Порано тоа утро кога јас и Џејсон отидовме да ги провериме и да им дадеме малку сено, забележав дека има посветла кафена боја од другите. Стоеше таму, само стоеше на десетина метри сред пасиштето, сама, зјапаше кон портата.
– Интересно, – реков. – Се прашувам зошто не е со другите. – претпоставив дека другите три отишле кај дрвјата кајшто не можевме да ги видиме.
– Оваа изгледа навистина нервозно. – рече Хариман. – Од време на време имаме по некое теле со таков поглед во очите. Изгледа дека секогаш се бикчиња. – Го прекина звукот на камиончето на Џејсон по чакалот на патеката. Тој и Крис запреа блиску до нас. Малечкото буфало избега понастрана.
– Тато, сега ги видовме! Избегале! Кај вас, г-не Хартиман! Џони и Рик се паркирани таму да ги пазат.
– О, не. Баш денес да се случи таква работа. Како избегале, маме им? И ова другото може да избега.
– Можеби ако викнеме повеќе луѓе ќе ги дотераме назад. – рече Крис. – Ќе му се јавам на Даг во црквата. Може да дојде кога ќе дочистат. Но, да, можеби треба да видиме како се ослободиле.
Хариман се врати дома со Џејсон. Крис остави порака за Даглас, а потоа јас и тој отидовме во различни правци околу оградата на пасиштето, и баравме некоја трага за тоа како излегле. Оградата беше недопрена. Кога повторно се сретнавме, само ги подгинавме рамената. Откако се вративме до портата, Крис покажа на нејзиниот горен дел. Забележал мака туфка кафено крзно закачено на расцепеното парче дрво. Јас никогаш не би го видел. Но тоа објасни сè. Портата беше триесетина сантиметри пониска од оградата. Претпоставивме дека буфалото што останало не може да скока како другите. За секој случај, бргу исековме малку бодликава жица и ја растегнавме дваесетина сантиметри над портата, и ги завиткавме краевите околу коловите пред да ја заковаме жицата на место.

2018-08-21T17:21:42+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 32|