Сè што ти треба

Сè што ти треба

*

Хариман живее на пет-шестотини метри лево по патот, на голема бела фарма што е преголема за него. Секогаш вели дека се „шутка“ низ неа. Живее сам откако умре брат му, но сè уште поседува земја од двете страни на патот. Пред неколку години имаше голем бизнис. Имаше преку стотина млечни крави, и покрај шеесетина хектари со пасишта, одгледуваше детелина и пченка за силажа. Откако ги даде кравите, продаде дел од земјата на некои градежници, но продолжи да одгледува детелина и пченка, најмногу за да ги продава од другата страна на реката, во Пенсилванија.
Го видовме црвеното камионче Тојота на Џејсон и светло жолтиот Фолксваген на Џони паркирани покрај патот спроти шталата на Хариман. Барем да можевме да ги спотераме во празната штала преку ноќта, си помислив. Откако застанавме погледнав преку патот, зад шталата, во запуштеното пасиште што се протегаше зад неа. Немаше ни траг ни глас од никого. Потоа слушнавме ехо од нечие викање од другата страна на патот. Се провнавме меѓу ’рѓосаната бодликава жица во тој дел од пасиштето, кајшто сега растеа дрвца високи по еден метар. Се искачивме на ритчето, од каде што се гледаше што се случува. Рик беше стотина метри на десно, сè уште во џемперот што го носеше на погребот, внимаваше на оградата што го делеше местото кајшто беа изградиле три идентични куќи. Џони беше околу педесетина метри понатаму во својот црн фустан. Хариман и Џејсон беа на другата страна од полето. Точно во средината беа трите млади буфала, пасеа меѓу младите дрвца, ама некако нервозно. Ќе ги наведнеа големите глави, грицкаа нешто, а потоа се стреснуваа пред да застанат пак. Знаеја дека ги посматраме. Но не нè забележаа мене и Крис. Полека доаѓаа кон нас.
– Еј, тато, можеби е подобро да одиме кај другите. Изгледа дека се обидуваат да ги намамат наваму.
– Мислиш дека треба, Крис? Да можевме да ги истераме преку патот во амбарот на Џорџ.
– Може да ја исечеме оградата овде, а потоа на другата страна на патот… За да ги натераме да одат натаму. Сигурно повеќе сакаат да поминат отколку да прескокнат. Г-дин Хариман ќе нè разбере. – Така, се вративме до камионот по клешти, и помислив да ја извадам врската и сакото и да ги оставам на седиштето во камионот. Исековме по еден примамлив отвор за буфалата од двете страни на патот. Се надевавме дека ќе излезат од полето овде, потоа веднаш ќе видат дека треба само да го преминат патот и да влезат во пасиштето од другата страна. Потоа од таму можеби ќе ги натераме да влезат во шталата на Хариман.
– Да претрчаме до таму и да ги отвориме вратите на шталата, Крис?
– Да. – И го гледав мојот најмал син како истрча и како се бореше со големите врати од шталата на Хариман. Конечно успеа да ги отвори и ги потпре со големи камења.
Додека го посматрав сфатив дека за прв пат сум сам по погребот. Ми светна дека си разговарав со себе цело време. Како да ја вежбав приказната што ќе ѝ ја кажам кога ќе се вратам дома вечерта, дека во главата забележував како изгледаа додека пасеа таму… како сите се замешаа… колку смешно беше дека сите носевме погрешни алишта за таква работа… А потоа тоа ужасно чувство ме стегна во стомакот… го сетив како пулсира… седнав на земја.
– Добар си, тато? – Ме фати Крис за лактот. Очите ни се сретнаа за миг. Потоа тој погледна на страна. – Подобро да одиме пред да ги уплашиме. Ама прво треба да ги тргнеме. – Тој покажа кон Фолксвагенот и кон двете камиончиња. – Се надевам дека ги оставиле клучевите. – Но пред да ги тргнеме возилата од отворите на оградата, слушнавме некое викање.
– Ја! Ја! – Звучеше како Џејсон.
– Да се вратиме и да видиме! – реков. Така, се искачивме по ритчето. Таму го видовме проблемот. Хариман и Џејсон ни беа многу блиску од лево, Џони и Рик од десно. Но буфалата се свртеле на другата страна и сега одеа назад кајшто јас и Крис ги видовме првпат. Џејсон ги дигна рацете во очај, ја спушти главата и сите ни се приближија.
– Човеку, многу се умни и брзи за нас, – рече Џејсон. – Мислевме дека ќе ги натераме да ја прескокнат оградата кон амбарот. Ама нема шанса.
– Па, – рече Хариман. – Не знам како ќе ги вратите, Енди. Не се однесуваат како крави, сигурно! – Ја извади старомодната шапка и си го бришеше челото со дланката. Чудно беше да го видам без излитената капа Џон Дери. – Можеби животинкиве ќе преноќат овде. – рече.
– Изгледа дека ќе преноќат кајшто сакаат! – рече Крис.
– Ама подобро да му се јавиш на овој што ги купи од него, Енди. Види каква идеја тој има!
Сонцето беше прилично ниско на небото. Затоа привремено се откажавме, но прво почнавме да ја поправаме штетата што Крис ѝ ја направи на оградата. Хариман нè прекина.
– Не мачи се со тоа, Енди. Немам ништо на пасиштето повеќе. А кој знае? Можеби ќе се вратат во шталата преку ноќта.
Му се заблагодаривме и се качивме во возилата кога пристигна Даглас со жената и со децата, и почна да ни објаснува дека сакал да се врати поскоро, но го задржувале заради ова или заради она. Потоа во мала колона се вративме во куќата. Му мавнав на Хариман додека тој стоеше пред вратата и нè посматраше.

*

Му се јавив на Бил Бевинс вечерта. Беше изненаден што ме слуша.
– Па, Енди, мене ми се случува два-три пати годишно, знаеш, ама никогаш со младите. Знаеш што правам секогаш?
– Посоветувај нè, Бил.
– Па, бидејќи и така се одгледуваат за месо, ја вадам пушката и ги убивам! Веднаш зад увото, секогаш веднаш зад увото.
– Не сакам да го сторам тоа, Бил, особено бидејќи се млади и само што ги добивме. Мора да постои и друг начин.
– Можеш да му се јавиш на ловочуварот таму, или на таа фармата за дивеч на север од вас. – Ми кажа дека Фармата за дивеч еднаш држела стадо буфала и имала искуство со чување диви животни. Му се заблагодарив за помошта и му посакав добра ноќ. – Нема зошто, – рече тој. Застана, а потоа додаде – Сочувство за твојата загуба.
Сите се собравме во кујната, иако Даг и неговото семејство заминаа рано да ги стават децата в кревет. Сакавме да сториме нешто, но немаше што да се прави кога се стемни.
– Ќе пробам со Фармата за дивеч, – реков.
– Можеби треба да ја известиме полицијата, – рече Џејсон. – Само колку да знаат, во случај некој да пријави. – Го оставив Џејсон да се јави. Не слушнале ништо но му се заблагодарија што се јави. – Рекоа дека сакаат да ги фатиме колку што е можно побрзо. – рече Џејсон.
– Како да беше судено ова да се случи! – извика Џени. Потоа почна да плаче. Рик ја гушна.
Не сакав да престанам да работам на проблемот, дури ни откако стана доцна. Така, продолжив да се јавувам, прво на соседите на кои можев да се сетам, ги предупредував да внимаваат следниот ден. Потоа се јавив на информации за броевите на Фармата за дивеч и подрачното Министерство за риба и дивеч, но никој не одговори, а во канцеларијата на ловочуварот имаше само телефонска секретарка.
Следните неколку дена безуспешно се обидувавме да ги фатиме дивите животни, дискутиравме со Фармата за дивеч за чудата на црниот полиетилен, и се обидувавме да ги смириме локалните фармери, особено Шумахер, кој рече дека се спремал да ја собере сојата и се прашувал дали воопшто има нешто за берење.
Не верувам дека спиев повеќе од дваесет минути на едно легнување.

*

Ниеден од нашите планови не успеа. Конечно добив еден број од Бил Бевинс, на еден човек во Вирџинија, некој си г-дин Неф, кој имаше голема фарма со буфала. Па, излезе дека г-дин Неф имал стадо, но се пензионирал и ја продал фармата. Но, кога му го објаснив проблемот, ме поврза со г-дин Клик, кој со години работел за него.
– Па, – рече тој, со бавен, јужњачки глас. – ти треба… – промрморе нешто што звучеше како „Ромпум“.
– Како рече дека се вика?
– Ако сакаш да ги фатиш живи, ти треба Ромпум. Ќе ги успие и ќе ги врзеш.
– Како се пишува?
– Не знам точно како се пишува. Сигурно како што се кажува.
– Каде да го најдам?
– Имате ветеринари таму, нели? Тие работат со тоа.
Се разбира. Зошто не се сетив да побарам ветеринар? – Г-не Клик, како беше уште еднаш?
– Ромпум. Ром-пум.
Подоцна тој ден му се јавив на Хартиман, и тој ми го даде името на ветеринарот што го користел. Некој доктор Векслер. Кога му се јавив ми рече дека верува оти точно знае на што мислел човекот од Вирџинија, дека има пушка, и дека веројатно ќе ни помогне. Единствениот проблем беше дека не може да нè посети до крајот на неделата.
Сите наши надежи сега беа во д-р Векслер. Само да ги држиме во околината до тогаш.

*

Доцна таа ноќ слушнав врева надвор, некои ритмички удари. Ги облеков чевлите и слегов на терасата. Беше јасна, летна ноќ, многу свежа, месечината беше високо на небото. Знаев дека е младата женка. Звучеше како да се удира од коритото за хранење што го ставивме на другата страна од оградата кај магацинот. Отидов до пасиштето. И тогаш видов: другите три буфала беа точно во средината на патеката. На јасната месечина, очите им светкаа како фарови. Кога ме забележаа исчезнаа од долгата темна патека кон патот. Но тогаш видов шест вжештени јагленчиња свртени кон мене. Заробеното буфало продолжи да се удира. Можев да ја видам, со главата надолу, ритмички се враќаше а потоа се трескаше од коритото. Како да беше навиена, или како да беше на батерии, секогаш се враќаше околу метар назад а потоа се удираше со челото од дрвото.
– Шш, шш, ајде, ајде, девојче, – реков. Се насекирав дека може да се повреди. Како да не беше свесна за мене. Само продолжи да се удира.
Помислив да пробам со храна. Во шупата имаше вреќа со силажа, па ја отворив вратата, мавтав со раката низ воздухот додека не ја најдов врвката на сијалицата, и влегов. Потоа слушнав друг звук, доаѓаше од шупата, како гласови, а сфатив дека некој го оставил радиото вклучено. Мора да го намалиле гласот наместо да го исклучат. Тивко се слушаше некоја станица. Заради некоја причина, го зголемив гласот. Веднаш знаев дека Џејсон го оставил вклучено, бидејќи само тој слушаше кантри музика. Јас никогаш не сум ја слушал. Го оставив малку додека земав една рака пченка од коритото.
Можеби ова звучи чудно, но мислам дека музиката ја смири. Велам дека е така бидејќи пред да ја истурам пченката пред буфалото, ритмот на удирањето се смени, стана понеодлучен. Веднаш се запрашав дали е заради музиката, па се вратив и го пуштив гласот уште малку. Беше некоја песна што не сум ја слушнал порано, со убав женски глас, пееше за „осумнаесет тркала и десетина рози“. И веднаш, кога погледнав кон буфалото, таа мирно ја зобаше храната што ѝ ја оставив.
Се сетив на другите буфала кога слушнав грофкање од патеката. Сè уште беа таму, од време на време им се гледаше сјајот во очите. – Ајде, бидете добри, вие другите! – ги викнав. Да се надеваме дека нема да предизвикаат многу штета или некоја несреќа додека не дојде ветеринарот. Но ме смири помислата дека сè уште беа поврзани со четвртото. Можеби тоа значеше дека никогаш нема да отскитаат далеку.
Најдов седиште од косилка во шупата и ја ставив неколку метри пред оградата на пасиштето, и откако го изгаснав светлото, малото буфало и јас само зјапавме еден во друг на месечината, и слушавме кантри музика. А јас ѝ зборував малку. Добро девојче, добро девојче. Спиј. Најчесто музиката беше смирувачка, Имаше една песна што беше малку погруба, со некои електрични гитари и некој текст за виски, и буфалото како малку да се вознемири. Но, потоа се јави гласот на некоја друга жена, навистина сладок глас, и пееше, „овие спомени од тебе ме прогонуваат, секоја ноќ кога ќе си легнам“. Немаше електрични гитари, само убав нежен глас. Кога пеењето запре, од водителот разбрав дека ја пееле три жени, но името на главната пејачка беше Доли, па така и јас го нареков буфалото, Доли.
Умот ми се опушти како што не ми се опуштил откако таа умре. Помислив како нешто ќе ѝ беше смешно во тоа што бркавме буфала во такви околности секој ден.
– Добро девојче, добра Доли, – прошепотив. Буфалото стоеше мирно, со главата малку наведната. Се прашував дали буфалата спијат станати како коњите или пак легнуваат. Имаше многу работи што треба да ги научам за нив. Сега за сега само се потпрев на седиштето и се обидов да се опуштам на музиката.

Превод од англиски: Елизабета Баковска

2018-08-21T17:21:42+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 32|