Лисјата, зелени и меки како зборови,
се распаѓаат и гнили се враќаат
во земјата, од каде што и никнале.
Уште ли се плашиш
дека песната ќе ти побегне?
Песната не ги отфрлува своите зборови.
Стиховите – кому да се вратат?
Од кого воопшто потекнуваат?
Сè уште си на прозорецот. Гледаш.
Круната, тој шумен виор,
се собира во точка
ситна како зеница.
Асфалтот има боја на белка.
Ветерот преку него се лизга
како капак преку окото.
Земјата ги има цртите на твоето лице.
И ова не е прозорец, туку огледало.
Колку пати му имаш пријдено,
без тоа да го сфатиш,
да го забележиш.