Враќање на праизворот

/, Литература, Блесок бр. 120 - 121/Враќање на праизворот

Враќање на праизворот

Кон јубилејот 30 години Поетска ноќ во Велестово

Поезијата е единственото нешто што го чува исконското млеко на јазикот и што ја говори вистината. Ја говори вистината на јазикот, бидејќи поетскиот јазик не трпи надворешни интервенции туку неговото ехо доаѓа директно од јадрото на праизворот на говорот. Токму „Поетската ноќ во Велестово“ веќе триесет години се одржува во тој знак: поетскиот јазик да го врати онаму од кај што протекол, од чистата нечепната природа и од учењето на говорот во магличавите почетоци на цивилизациите. Тоа значи дека оваа манифестација поезијата ја извади од академските простории и ја издигна високо во високиот простор на кој ѝ припаѓа. Таму да најде мир и спокојство за да проговори и да сведочи за своето време. Исто така порачува дека, во неизвесните предизвици на новото време од поезијата не треба да се плашиме бидејќи таа не е нешто нејасно, надворешно, туку е составен дел од жуборот на крвотокот наш кој го диктира животниот импулс.

Ако од оваа триесетта година фрлиме поглед наназад кон почетоците на манифестацијата, кога ентузијазмот не познаваше граници, ќе го видиме јасно оцртаниот пат и светливите нагорнини низ кои таа се искачувала и ги прегрнувала убавинита, раскошот и духот со стотици и стотици раце, афирмирајќи ја благотворната функција: луѓето да ги направи подобри. Поетите се повластени да учествуваат во јазикот со кој не може секој да владее; тие зборуваат за нешто што е во постојана преобразба која тектонски избувнува длабоко од нивната интима и поезијата ја прави подлабока и потаинствена од актуелната политика која секојдневно нè пустоши. „Поетската ноќ во Велестово“ ѝ се спротивставува на таквата секојдневна баналност, бидејќи читателот или слушателот восприемајќи ја поезијата, доживувајќи ја во себе си открива еден свет во кој многу јасно може да си одговори кој е тој и со кого комуницира во ова современо загушувачко сивило.

„Поетската ноќ во Велестово“ е своевиден феномен, и по концепција и по начинот како таа се презентира. Во почетокот манифестацијата почнуваше на полноќ со претставување на еден поет и еден сликар, врзувајќи цврста нишка помеѓу зборот и бојата, надополнето и со надворешниот полноќен амбент со оѕвездено небо и бран на некое топло летно ветре. Така растеше презентирајќи го пред јавноста највредното создадено кај нас, во Македонија. Сега, од оваа тридецениско растојание може јасно да се види дека манифестацијата претставува една своевидна строга антологија на македонската поезија исликарство, но не само на нив, туку и на значајниот одбир на личностите кои ги претставувале, кои беседеле за авторите, а кон нив се приклучуваат и имиња на значајни актери и музичари што на манифестацијата ѝ отвораат мултикултурен простор.

Од 2010 година „Поетска ноќ во Велестово“ ги брише републичките граници, слевајќи се во океанот различни јазици, поезии и поетики. Голема е привилегијата на ова високо место да се слуша милозвучноста на јазиците кои носат мноштво пораки од различни страни но со исти намери и исти цели; да се биде потполно слободен бидејќи само слободата ја содржи врвната креативност на јазикот на кој говори поезијата. Низ изминативе години во архаичниот јазик на селаните се испреплетоа зборови од Ирска, Русија, Сирија, Естонија, Бугарија, Србија, Италија, Црна Гора, Словачка, Албанија, Норвешка… Овој список и во иднина ќе се збогатува.

На крајот пак да се вратиме на праизворот на јазикот кој во изобилство клокоти, кој се пенее на овие височини и ги разгласува моќните сигнали кои ни ги посочуваат миговите дека живееме и дека за миг сме во илузијата на вечноста. Затоа треба да сме горди бидејќи „Поетска ноќ во Велестово“ воспостави една голема кумуникативна заедница на поети, љубители на поезијата, толкувачи на поезијата, а во таа зедница постојано се утврдува верата и надежта дека говорот за смислата на човечкото постоење уште ни е суштински неопходен.
Поетите се прегрнуваат преку јазиците!

АвторСлаве Ѓорѓо Димоски
ПреводЕлизабета Баковска