Постмодернизмот во македонскиот филм – I дел

/, Галерија, Блесок бр. 27/Постмодернизмот во македонскиот филм – I дел

Постмодернизмот во македонскиот филм – I дел

#13хибридизација

Полижанровското постоење на македонскиот постмодернистички филм се реализира преку постапката на хибридизација. Притоа важи правилото жанровите да бидат што подиспаратни, подалечни и понесомерливи еден со друг. Брајан Мекхејл, на пример, го смета детективскиот жанр за еклатантно модернистички, затоа што поставува сознајни, епистемолошки прашања (кој?), а научната фантастика за еклатантно постмодернистички жанр затоа што поставува житејни, онтички, прашања (што?). Но, токму Ацо Станковски со „Маклабас“ покажува дека не постојат граници што уметничката имагинација не може да ги премине, па во филмот вклучува и детективска приказна и научна фантастика. Уште повеќе, поврзува поп-артовско фасцинирање со секојдневието со халуцинантен ониризам од кастанедовски тип со класичната научна фантастика за инвазијата на Вонземјанинот (Зелениот кристал) и чудното суштество (Маклабас) од шелиевски маштаб.
Во „Светло сиво“ се прави омнибус, во кој дури и приказните се различни, потпишани од различни автори и со различна жанровска измешаност, хиперурбана драма со магичен реализам, хорор со вестерн техники, урбана драма со мјузикл и комични ефекти. Целта на хибридизацијата е да се стави акцент врз комплексноста и богатството со цел од плурализмот да создаде една поинаква чувственост, која ја смета наполно едноставната хармонија за лажна, или за неинтересна. Хибридизацијата се врши според принципот на бриколаж, дефиниран од Клод Леви Строс. Односно ситуација во која, зависно од контекстите, специфичните потреби и разните комбинации, ќе се земат различни теориски „алатки“ од „кутијата за алати“. Бриколажот го подразбира она што го вели Лиотар – да се движиме низ повеќе дискурсни жанрови без да се презема синтеза, но притоа секогаш држејќи се до „правилата на игра“ на секој одделен дискурсен жанр (види Лиотар, 1989: 71,79). Во тој манир е целосно граден „Збогум на 20 век“. Неговите автори, што може и да се провери, а за што повеќе ќе говориме во другите оддели, рекоа дека секоја секвенца од филмот е градена според некој светски познат урнек. Александар Станковски на тој начин ги употребува актерите во „Маклабас“. Тој ги користи своите пријатели како натуршчици, кои играат разни ролји во филмот, а исто така користи и разни инсерти од своите творби реализирани во другите уметнички дисциплини: слики, сценаристички пасуси, фотографии.

#14конструкционизам

Сето ова ја дава најбитната одлика на постмодернистичкиот филм според која тој се разликува од другите правци: неговата нагласена изведеност, конструираност, немиметичност и антиилузивност. Затоа главни аргументи на постмодернистичкиот филм се: намерното рушење на логичноста на дејствието, дистанцираната актерска игра, антипсихологизмот во конструирањето на ликовите. И во „Светло сиво“ и во „Збогум на 20 век“ актерите ги толкуваат своите ликови без минимумот психолошка уверливост и во една иста секвенца прават емоционални и психолошки пресврти што се во спротивност со наративната логика на филмот. Тие се свесни и за постоењето на публиката и за променливоста на рецепцијата, а со тоа и на сопствената манипулативна моќ. Актерите од „Ангели на отпад“ се можеби најблиску до она наше соборно поимање на постмодернизмот. Тие цело време стојат на работ меѓу миметичката уверливост и нагласената фикционалност. Играат демек реалистично, а се, всушност, дадени како „ликови“.
Стратегија на нагласениот конструктивизам е и односот спрема реалноста. Постмодернистичкиот филм нагласено покажува дека е уметност и дека е направен од уметност, но исто така нагласува дека и другите уметнички и неуметнички практики се конструирани, изведени, вештачки. Александар Станковски во „Маклабас“ и како хронотопи (градскиот музеј), и како диегезис (опозициски митинг), и како ликови, користи „реални“, документарно засведочени места, луѓе, настани, со што предизвикува „онтолошки скандал“ (Мекхејл). Со тоа ја покажува конструираноста на филмот, но ставајќи ја во филмски, нереален контекст, покажува и колку е „тенка“ нашата реалност во нејзината непроблематизирана даденост. Слична игра со животот и фикцијата има и во „Ангели на отпад“ каде што актерите играат ликови коишто и во самата реалност се на работ меѓу фиктивното и реалното, во однос на нивната приватна и јавна личност: кловнови, актери, функционери.

#15фрагментарност

Фрагментарноста е една од канонските форми на постмодернизмот. Веројатно, тоа произлегува од констатацијата дека „модерниот човек има еден фрагментарен, нецелосен начин на гледање. (…) Светот се набљудува само уште како фрагментирачки“ (Вирилио,1989: 55, 59,). Или како што Бодријар ја дефинира постмодерната: „Сè што останало се парчиња. Преостанува само играта со парчињата. Играњето со парчињата – тоа е постмодерната“ (Бодријар кај Келнер, 1996:182). Со тие парчиња игра и македонскиот постмодернистички филм, со фрагменти од хорор, вестерн, мистерија, урбана бајка, урбана гротеска („Светло сиво“), со фрагменти од „реалниот“ живот, од урбаните поп-икони на Скопје, од трилер, научна фантастика, фантастика („Маклабас“), од стрип, од бајка, од митови, легенди, преданија, комерцијални филмски хитови, квиз-шоуа („Збогум на 20 век“). Дејствието на овие филмови е фрагментарно, испрекинато, секвенците се накалемени, често судрувајќи се со здравата логика.

2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 27|