Пост-советскиот политичар како кловн

/, Блесок бр. 15, Театар/Филм/Пост-советскиот политичар како кловн

Пост-советскиот политичар како кловн

Во продукцијата на Демократија во Сан Франциско, сценската изведба на пост-комунистичката власт беше инспирирана од Меламид (двата артисти што го портретираа Бродски во една од нивните поп-арт сцени. Неговиот лик се појавува каоко она на поетот Кикеро во нивниот колаж од 1984-85 година – Јајца, Коитус, и Кикеро). Како основачи на советското уметничко движење СОТС (Советски поп арт), Комар и Меламид често го пародираат советскиот соц-реализам со додавање на надреални, еротски и анахронистички детали врз портретите на Комунистичките лидери. Нивното дело на кориците од списанието Њујоркер, го прикажува Ленин како повикува њујоршко „жолто такси“ со испружена рака, како што тоа го правеше често при своите говори; црвеното знаме зад него не ги прикажува жолтите срп и чекан, туку жолтото хамбургер-лого „М“ на МекДоналдс. И, бидејќи сценските упатства на Бродски бараат, во канцеларијата на лидерот на малата социјалистичка држава, да има портрети од „татковците-основоположници“, на нашата сцена, големото – како во циркус – позадинско платно беше насликано со портрети на Ленин, Сталин и Кастро. Отпрво, во испружената рака, Ленин држеше шише Столичнаја вотка; подоцна, по промената во „демократска форма на владеење“, вотката ја заменивме со голема лименка класична Кока-Кола, и (со извинување кон Комар и Меламид) црвеното знаме зад него го носеше жолтото лого на МекДоналдс. Исто така, Сликата на Кастро како свири гитара го заменивме со слика на Елвис како свири на гитара, а Сталин (гротескно русокос на нашето огромно платно) го заменивме со портрет на Мерилин Монро. Секретарката на Васил Модестович ја пресвлековме во облека што наликуваше на спој на изгледот на Мерилин и Мадона, го комплетиравме со кожна јакна, руса перика, и макета на мотор во природна големина. Транзицијата во западна демократија – и на популарните имиџи што асоцираат на неа – беше речиси комплетна.
Но, сепак, ќе биде неточно ако кжеме дека комплетната трансформација во западна демократија се случува во драмата. Таа ги носи своите источно-европски ликови во такви бизарни ситуации коишто можат да се носат рамо до рамо со несносливата реалност на пост-советскиот живот во Русија и нејзините бивши сателити. На пример, мечката што се однесува како препарирано животно во првиот чин, во вториот чин „се појавува со пиштол во шепата“ и го спречува Министерот за правда да избега со куфер полн пари. „Едноставно, врвно истренирана мечка“, но истовремено и „повеќенаменски робот“, тоа животно го отелотворува најдоброто од рускиот и циганскиот циркуски живот, како и врвната технологија. Фактички, потребен е актер во мечкин костим да го игра животното, иако оние, во тој случај – неизбежни – човечки елементи ја ретардираат технократијата предвидена во драмата.
Спасениот куфер со пари содржи два милиони марки – заем што Министерот го добива од странство, како помош на индустријата во неговата земја: флаширана сода-вода, како замена за пропаднатата индустрија за конзервирани јагули од минатото. Но Васил Модестович и неговите соработници попрво би ги потрошиле за лични цели и потреби. „Најдобро е да се купи нешто земја, или куќа. Голем посед, поточно…“, советува Претседателот Васил. Заплетот се гради како пародија на филмовите со Хемфри Богарт, во кој бандитите се тепаат околу украдениот плен. Дали е ова слика на пост-советските влади?
Бродски не нуди одговори, само комичното се нафрла врз новата корупција и нуклеарен терор што може да се издигне од новата генерација на источно-европски лидери, ако нивната ослободеност од Комунизмот ги одведе до диригирани избори и до самодеструкцијата на примитивниот капитализам. Васил Модестович и неговите министри ги прифаќаат странските заеми, знаејќи дека тоа е само еден нов вид на странска окупација на која се изложени пост-советските земји, окупација од страна на банките со голем капитал и земјите што го вложиле тој капитал во нив. „Да се внесе земјата во долгови е сепак многу осигурно отколку окупација или инвазија“, вели еден од министрите. Од таа перспектива, демократијата и изборите се само дел од банковното работење – театрално сфаќање што е тоа што една држава ја квалификува за добивање заеми од Запад. Густав, Министерот за финансии, знае дека „без слободни избори, нема странски инвестиции“.
Највесел и најоптимистички момент во драмата при продукцијата во Сан Франциско беше кога Министерот за култура, Сесилија, почнува да пее и игра на песната на Сидни Бекет – Petit Fleur, нивната нова Национална Химна, со зборовите: „Мила земјо, никогаш нема да те напуштам“. Бродски тоа го претставува како пародија на национализмот, но мелодијата делува весело и комично, дури и малку сентиментално на момент, кога актерите играат валцер низ театарот, и го претвараат за момент, целиот тој простор во нивна сала за танц (Оваа сцена е многу повеќе прослава отколку што тоа го бара актот на нивното цинично потпишување на трансферот на власта). Танцот, следен со пушење на ретките кубански пури, го претставува придвижување кон уметноста и пријателството, пред падот кон нуклеарното компјутерско владеење во вториот чин.
Засега, ниедна источно-европска земја не адаптирала џез од Сидни Бекет за своја национална химна. Во бившиот Советски Сојуз, борбите околу националниот идентитет и моќта мимикрирани од Бродски содржат делови кои се далеку од комични. Кловновството, пеењето, танцувањето и гозбите во Демократија содржат елементи на една утописка иднина што нема да може да се најде во источно-европските влади – освен во театарот – уште некое време.

Забелешки:
Цитатите од Демократија на Бродски се земени од преводот на Алан Маер, што беше објавен како серијал во Performing Arts Journal (37), Granta (Зима, 1990), Partisan Review (2, 1993). Бродски не дава посебно специфицирање на дијалозите кон своите ликови, оставајќи место за соработка со мојот ко-режисер Крис Хамптон, како и за кастингот на драмата, што беше изведена на сцената на Драмското Студио при Државниот Универзитет во Сан Франциско, во Март 1995 година. Иако е пишувана на руски јазик, драмата сè уште не е објавена и изведена на руски, колку Што ми е мене познато.

Превод од англиски: Петар Волнаровски

АвторЏоел Шехтер
2018-08-21T17:22:04+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Теорија, Блесок бр. 15, Театар/Филм|