Пост-советскиот политичар како кловн

/, Блесок бр. 15, Театар/Филм/Пост-советскиот политичар како кловн

Пост-советскиот политичар како кловн

Белешки кон „Демократија“ од Јозеф Бродски

Балтички јагули
Портрет на Ленин како пие класична
Кока-Кола
Руска мечка (препарирана)
Тетреб со прелив од кавијар
Полициски лисици “made in U.S.A.”
Кубански пури

Ова се работите што ја одбележуваат сцената на драмата ДЕМОКРАТИЈА од Јозеф Бродски, која започнува со лидерите на една, неименувана, источно-европска земја, поточно – во канцеларијата на Генералниот Секретар на нивната Комунистичка Партија – човекот кои тие го викаат „Генсек“. Уживајќи во луксузот и привилегиите на нивните високи функции, што им овозможуваат увозни дињи, тетреби во кавијар, кубански пури, џез, и (кога е потребно, нели) – американски лисици за раце, тие се сладат во својата гозба кога, не баш најочекувано, им паѓа в скут – уште една: имено, демократијата…
Телефонскиот повик од Москва го информира Генсек – Васил Модестович, дека неговото мало државиче – „руско сателитче“ е прогласено за демократска држава. Настанува паника. Генсек и неговите министри ги познаваат француските парфеми, им се допаѓаат лисиците направени во Питсбург, како и џезот на Сидни Бекет, но немаат познавања од демократијата. Се разбира, како и би можеле, кога нивната демократија е прогласена одозгора, од страна на друга влада, и без оние оние над кои владеат? Министрите имаат само еден избор: да се повинуваат на наредбата – пред демократијата да им ја донесат руските тенкови.
Ситуацијата е комична варијација на декларациите за независност и бизарната политика што ги следеше истите во Источна Европа во 1989 и 1990 година, кога Бродски ја напиша оваа сатирична драма. Комичниот портрет на колапсирачката империја се покажа толку точна, дури пророчка, што дури и Русија денес силно кореспондира на измислениот нејзин сателит во драмата на Бродски, а и самата непромисленост на пост-комунистичките влади низ цела Источна Европа ја имитира (или дури и живее) неговата сатира. Навистина несреќна околност е фактот што драмата сè уште не е објавена во форма на книга (беше објавена во серијали во неколку списанија пред неговата смрт – и затоа останува релативно недостапна и непозната за читателите и за театарските режисери). Јас ја ко-режирав драмата заедно со Крис Хамптон на Државниот Универзитет во Сан Франциско во 1995 година, и со овој текст сакам да понудам неколку опсервации за Демократија, за супериорниот хумор и силната поетичност на овој драмски текст, да бидат прифатени и пошироко во иднина.
Огромната препарирана мечка што виси покрај државните министри во Демократија сугерира дека нивните канцеларии никогаш не се далеку од будното око на Кремљ, што ова животно го симболизира. Но, тоа животно е истовремено и комичен репрезент на Москва – може да е и циркуска мечка – атрибут што одговара, бидејќи канцеларијата е полна со кловнови.
Васил Модестович и министрите за правда, финансии и култура, што вечераат со него, ги покажуваат сите карактеристики на кловнови, дебатирајќи околу тоа дали нивната демократија ќе биде Атинска, Социјалистичка, Народна, или сосема од „друг вид“. Нивното забрзано дрдорење потсетува на водвиљската дискусија на Абот и Костело околу тоа „кој е прв…“; или пак, на апсурдните циркуски дијалози на руските кловнови Бим и Бум.
Бродски ниеднаш не ги ословува своите ликови како кловнови. А сепак, при нивните комични вербализми, текстот на Бродски упатува на сценски сет и движења што реферираат на еден “slapstick-act”, што бара мајсторска изведба: совршен тајминг и висока координација на сценските движења на актерите, како и нивно одлично познавање на гегот на кловновите-мајстори, како Геоф Хојл и Бил Ирвинг (од Америка), или пак како Јуриј Никулин и Леонид Јендгебаров (од Русија). Драмата е преполна со гегови и шеги за гурманската храна, како и со можности за пеење и танц; во Сан Франциско, нашите актери ги изведуваа овие гегови во манир на циркуски кловнови. И покрај сета нивна монденска припрема околу демократијата што доаѓа, Васил и неговите министри се подготвени да продолжат со горе-долу истата моќ и привилегии, колку што видот на демократијата што ќе ја смислат ќе им овозможи. кога тие четворицата гласаат за „трансформирање во демократска форма на владеење и економски реформи“, дваесет и двајца министри се отсутни; но, тоа е дотолку подобро, спрема Васил – кој мора да проучувал некои Американски статистики: нели правото на глас, на крајот на краиштата, е користено од она малцинство што е способно да избира.
Во вториот чин на оваа драма, министрите и Претседателот Васил ја дискутираат можноста за компјутеризирано владеење со државата (нивните компјутерски програми се набавени од Западот, се разбира). Се надеваат на нова администрација ослободена од факторот на човечка грешка. Нивниот најголем страв е дека лудистите ќе го уништат нивниот Централен компјутер. Затоа, заради превенција од тоа, Васил и неговите соработници нарачуваат атомска бомба, и ја поставуваат да експлодира и да ги уништи Лудистите (и сите околу) што ќе се обидат да го расклопат или уништат нивниот посакуван компјутер.
Од оваа гледна точка, и од ваквите изгледи за механизирана пост-Советска иднина, каде што Западната технологија низ Комунистичка контрола се трансформира во уште поцентрализирана и понечовечна власт, сатирата на Бродски делува токму како еден Лудистички протест, на свој начин. Физичката и вербална комедија со која се омаловажува авторитетот на имагинарната власт е предвремено предупредување за можната идна технократија. Неговите оружја – претежно зборови – треба да бидат лансирани преку надарени актери, против нечовечката државна машинерија што надоаѓа.

АвторЏоел Шехтер
2018-08-21T17:22:04+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Теорија, Блесок бр. 15, Театар/Филм|