(Прилеп, 13-20 јуни 2003)
За „Балкански шпион“ од Душан Ковачевиќ, во режија на Владимир Талески, продукција на Народен театар Куманово
Зошто комедиите на Ковачевиќ подеднакво им се допаѓаат и на „случајната“ публика и на онаа со интелектуални барања?
Неговите комедии се огледало на виталност којашто произлегува од анималноста на нашата природа, но и со форма од целокупното делување на неговите јунаци. Таа виталност посебно блеснува преку црниот хумор, од насмевката во грч, од трипот на самодокажување. Со тоа Ковачевиќ ја крши аналогијата на поистоветување со Нушиќевите канонски комедии во коишто се инсистира на неприликите во кои се запаѓа и на помирливоста, наспрема неговиот автентичен комички жанр.
Ковачевиќ игра со веродостојноста и веројатноста на следните ситуации изведени од оние кои им претходат. Тој обрнува внимание на фабулата, во која ги сплотува и навидум минорните нишки, коишто пак заедно се допираат. Јазичните досетки и говорниот тон во целина не се само средство за побудување на смеа. Јунаците со своите постапки го раѓаат дејствието.
Драмите на Ковачевиќ во исто време се и сатира на нашиот балкански менталитет и политички комедии. Внатре живеат манијачно опседнати, мрачни типови коишто се условени од позицијата во општеството. Во драматиката, сценичноста и театралноста на Ковачевиќ се развиваат комичните постапки. Тој игра на планот: традиционално и модерно, индивидуално и колективно, идеолошко и морално.
„Балкански шпион“ е супериорна анализа на случајот Човек, којшто станува жртва на делузија од гонење, Човек кој светот го доживува како завера против себе, против идеалите кои ги застапува. Со својата манија создава околу себе мал, но добро организиран тоталитарен поредок. Таквиот горчлив потсмев во оваа драма, а и во останатите на Ковачевиќ, е многу подлабок и поширок од локалните рамки.
„Балкански шпион“ во режија на Владимир Талески
Звуците од пијаното и виолината понесоа тажни, силни, копнежливи чувства. Нè оддалечуваа од балконот – птичја перспектива, носејќи нè во убави мигови, и воедно подготвувајќи нè за светот на јунакот Илија Чворовиќ. Неговиот свет го носи базичниот нуклеус на драмата а којшто се состои од неговата потрага/истрага по „шпионот и неговата клапа“, против расипниците, безрбетниците, против предавниците на земјата. Тој го следи неговиот сомнителен кираџија, демек шнајдер, печалбар во Франција. Таквата лудорична опсесивна борба ги зафаќа и неговата жена и неговиот брат. Неговата сопруга, Даница Чворовиќ е цврстиот столб на патријархалноста. Прифаќајќи го светот на сопругот, и таа дејстува комично. Но, гледајќи го нејзиното целосно дејствување, поточно немо извршување на наредбите од сопругот, таа ни дава повеќе тажна смеа. Наспрема нејзината положба, двајцата браќа близнаци Илија и Ѓуро Чворовиќ не се разликуваат многу од лакрдијашите. Нивните незгоди, ситуациите во кои запаѓаат, добиваат нови и други „подвизи“. Тие не се ни добри ни лоши, затоа што се оригинално неморални, затоа што не се маскирани а се водени од поматени мисли. Така, Илија пред да потоне во конечното лудило, станува свесен барем на момент за своите причини и мотиви кои го тераат да го прави тоа. Во име на самопотврдувањето, во име на тоа што поминал во затвор две години за да му накалемат некаква идеологија, во името на овие, шпионите, коишто сакаат да го скршат неговот животен отпор. Контекстот на главната приказна се надополнува и со светот на ќерката, односно со начинот како ја добива работата, за нејзинта „изнудена“ промена во постапките, за нејзиното флертување со кираџијата. Во поставката на Талески оваа драматуршка линија засекува повеќе во реалноста, правејќи ја целата ситуација реално можна, односно на моменти да веруваме повеќе во реалистичното дејствување на јунакот. Тоа очигледно најревносно се покажа низ играта на Илија (Горан). Принципиелно следејќи ја целата драматуршка техника на Ковачевиќ, Талески вметнува и свои интервенции, притоа ништо не одземајќи од она што стои во јадрото на драматиката. И покажаните слајдови во текот на претставата, приватните детективски истраги на Илија, се во текстот на Ковачевиќ. Но, кратките ударни секвенци, на пример кога Даница стои пред слајдот а во позадина е манастир (во Матејче), кога таа е подготвена мета на нејзиниот сопруг, односно кога тој секогаш е готов за неиспуштање на непријателот, таквите мигови се нашата локална боја, современите случувања, и секвенци од типот филмови (на Милчо): крупен кадар на нашето традиционално, патријархално, страдално женско битие. Нашата секојдневна вистина е ставена скоро секаде каде што има топоними, дијалектни изрази коишто алудираат на малиот човек, на неговите ограничености, на давањето блискост на публиката. Со тоа мелодрамски е направена една депатетизација на историјата и на онаа од вчера, ептен блиската. Не ни беше многу јасно појавувањето на манекенката, режисерска интервенција, која пак можеби алудираше на трендовдските маскирани и нечисти форми или пак на нешто вакво: додека останатиот свет се занимава и живее на некој пософистициран начин, ние, балканците се занимаваме со илузии, бесплодни и нечисти, конзервативни фикс идеи. Со манекенското појавување музиката најмногу доаѓаше до израз: типична музика за на модна писта со мали електронски вибрации. Сценографијата ја имаше врската со оваа наше кризно секојдневие, со традиционалните дедови домашни огништа, и со естетиката на по/воените сценографски решенија, со коишто е овозможена мобилност на претставата. Креативноста на костимите даде точен одговор, поточно одбран модел за секој од актерите. Тие комуницираа и со режијата и со сценографијата и со текстот. Така, ако мајката беше облечена како нашата, добро позната битова мајка, нејзината ќерка беспрекорно го следи најновиот моден тренд. Не беше одбегната ниту денешната, планинска мода на воено-терористички костими. Светлото, во улога на најавувач, ги следеше секогаш напнатите, драматски предмигови, од коишто по правилото на Ковачевиќ секогаш бликнува смеа.