од 38-от Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

/, Театар/Филм, Блесок бр. 33/од 38-от Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

од 38-от Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Јунакот го трча последниот круг
Непостоење во постоењето
Меги мачката. Помеѓу матните походи и чувствата
Лекот за болните места
За „Црна дупка“ на Горан Стефановски, во режија на Сашо Миленковски

Изгубеност и параноично однесување кај двајца случајни едноноќни љубовници. Само во мали зборовни парчиња си го кажуваат својот несреќен кружен живот. Тие не можат да ги најдат правилните одговори, а во первертирана постсексуална состојба – тоа и не им е потребно. Во бесмислата на гениталното празнење, нивниот муабет е неврзан, испрекршен и необврзувачки. Тоа го има и во нивната позадина, во останатиот дел на неколкукатната сценографија, пополнета од статични фигури на луѓе – сите изгубени во своите неостварени желби.Отуѓеноста е видена во нивното делување. Силјан (Сенко Велинов) е скоро цело време свртен нананзад кога ѝ зборува на осумнаесетгодишната Светле (Биљана Беличанец). Нивниот секс е виртуелна игра, секс на тела без допир, поточно – бесмислен секс на двајца сосема ненајдени луѓе, а само ниските пориви симулираат паралелни дејства. И целосната приказна ставена е во заедничката интерпесна: зошто јас да љубам, зошто себеси да губам… – патот до црната дупка. Сценографијата е складен дел за целата приказна: на повеќе нивоа, низ повеќе генерации, на различни приказни а всушност една е приказната. Спротивност на она што е сега, наспрема она што се сака да се биде, а напати и не се знаат желбите. Врз синиот чаршаф се бара: возвишеноста, чистината, длабочината. Изубеноста е во интимноста, попрво во ненајдениот идентитет.
Силјан со другата љубовница Сања (Искра Ветерова) во делот сцен: – скапо наместена гарсониера. Дезориентиран разговор за квази политиката и квази уметноста, за баналностите. Ваквата атмосфера целосно е покажана преку играта на Ветерова: раскалашеност од движења и зборови, преку движењата на телото се раѓа пивтиестата бесмислена тегобност.
Во малиот стан (централно поставен дел на сцената) Цвета (Петрушевска Треновски) со таткото (Перо Арсовски). Нивниот разговор ја дава целата причина и последица за параноичниот, скитачки живот на нејзиниот маж Силјан – избркан од работа. Во името на Цвета и во стремежот за нејзина чистота, во траги ја гледаме нашата историска, антологиска Цвета од „Македонска крвава свдба“. Но, за да биде поинаква и со цинизам прикажана, таа е распарчена и толку вистинска за во нашето секојдневие: изгубена Цвета, немоќна и незаштитена; која копнее за барем еден излез со мажот ѝ, на ќебапчиња и кромид. Сите си кажуваат за незначајни, дребни моменти, а всушност го покажуваат својот извор на изгубеност во лавиринтот кој (и денес!) трае. Таткото е лик – трага од историските случувања, во коишто живее неговиот свет, по кој копнее и кој што е поминат. Неговата реплика како ситен детаљ не потсетува на современата хуманост но и слаб повик за потребната катарза: „треба да дадете крв… се прочистува организмот. Излегува отровот од телото“. Меланхоличен и статичен е неговиот залог и дејстување. Неговата сегашност (всушност кај сите) е во минатото, со некави многу мали светулки свртени кон иднината. Повеќе е минатото, кое веќе и се заборава, и затоа стварноста е фрагментарна. И во таа параноична безизлезност, за да биде апсурдот поголем (кај нас одамна сфатен како нормален) причините се во самите нив, во колегите, во соседите, Ана и Перо. Ана (Даница Георгиева) сосетката љубовница на Силјан и Перо, „колегата“ на Силјан нималку крив за отпуштање на Силјан од работа. Во моментите кога шибаат најболните мигови, Силјан има Зуковски реплики од расеаност и шизофренија; и гегови кои симулираат тупот на изгубено срце, на животински крикови и повици.
Силјан и Магда (Ѕвезда Ангеловска). Таа сцена е некаков сублимат од копнеж и спомени. Магда има траги од Магда на „Вејка на ветрот“ на Чашуле и „ако ја види маж ѝ, ќе ја убие“. Но, оваа е друга Магда, и поинаква Магда од онаа кога биле двајцата чисти и романтично вљубени. Сега само сакаат да се присетат на тоа, но не се кадарни. Само блуткав реторичен и истрошен муабет, да се бега некаде, за целосно да се изгубат некаде. Силјан вели: „таму ќе ме нема. Без име, минато, иднина. Без традиција. Без морал. Никому ништо не должам. Ништо не чекам. Само сум“. Каква циничност во човек којшто веќе и не е човек; човек без идентитет.
Силјан во хотелска соба каде што доаѓа/се појавува неговата мајка (Мери Бошкова). Таа е излезена од потсвесната параноја на Силјан. Тој и не знае дали се бара себеси, а дојден е некаде до Цепенковата силјанова (за Сивета и за Чулета) приказна, којашто интеретекстуално е присутна преку говорот, точниот цепенков дијалог и преку движењата што се традиционални, статични и мајчински горливи. Ваквата изместена присутност повторно преминува во драстична Силјанова параноја, сè до неговото убивање/изгубување, кога не се наоѓа ни пред смртната постела на жена му, ами е во/со Сиветовата приказна: некаде далеку, копнеејќи за дома, копнеејќи за себеси.
Оваа рамка од повеќе фрагментарни приказни е направена со дополнителна дезориентација и параноичност за да се прикаже заситеноста од секојдневото бреме – „Црна дупка“ на Миленковски. Текстот е тој, а играта на актерите ја продолжува тематската распрсканост. Игра од симулации, немотиварани а длабоко потсвесни гестови и животински гегови во изгубената фигура на човекот. Музиката е повеќе од очигледна кога допира со режисерската намера, кога се повторува рефренот од песната на сите гласови: „зошто јас да љубам, зошто себеси да губам“. „Црна дупка“ на Миленковски даде одговор на нашата статус кво состојба, во секој сегмент што се третира во постмодернистичка драматургија на Горан Стефановски преплететена со актуелни реалистички траења.

2018-08-21T17:21:41+00:00 август 1st, 2003|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 33|