Потеклото (генезата) на моралот

/, Литература, Блесок бр. 16/Потеклото (генезата) на моралот

Потеклото (генезата) на моралот

Вториот песимистички одговор кој се однесува на човековата природа поаѓа од претпоставките дека во основата на човекот лежи злото. Во прилог на оваа теорија говори тезата на кинескиот филозоф Хсин Чу5F дека човековата природа е зла и треба да се култивира за да се стекне категоријата на добрината. Тој се обидува да докаже дека човекот се раѓа со вродена тенденција да се здобие со нешто и тежнее кон сетилните уживања. Но, покрај овие зачетоци на злото човекот истовремено поседува интелегенција која му овозможува да стане добар. Моралните односи според Хсин Чу се производ на културата и цивилизацијта. Тие не се дарови на природата туку се достигнување на духот. Значи повторно се поставени моралните закони како нешто објективно, нешто дадено однадвор.
Песимистичните заклучоци на научникот Томас Хобс оделе до таму што a priori верувал во моќта на човековите неконтролирани нагони, а природната состојба на човештвото ја опишал како „војна на сите против сите“6F. Хобс увидел дека за таквата состојба на нештата допринесуваат трите основни мотиви: ривалството, сомнежот и славата. Првата причина, според него, ги наведува луѓето другите да ги напаѓаат поради добивка, втората поради безбедност, а третата поради стекнување углед. За да го поткрепи своето видување за човечката природа тој се повикува на фактите од историското искуство од поодамнешен но и од понов датум. За пример го наведува однесувањето на примитивните народи во многу краеви на Америка или пак современите грѓански војни кои покажуваат како изгледа човечката природа таму каде што нема заедничка власт која би влевала страв.
Оваа Хобсова визија за човечката природа подоцна ја презема Фројд и ја развива во своето класично дело „Нелагодност во културата“. Според Фројд „човекот не е кротко суштество на кого му е потребна љубов“.7F Блиските за човекот не се само помагачи и сексуални објекти туку тие се и објекти кои служат да се задоволи агресијата, да се искористи нивната работа, да им се присвои имотот или да им се нанесе болка. Што се однесува до историските искуства, Фројд во прилог на своите и Хобсовите визии за човековата природа ги наведува примерите за Хуните и Монголите, односно зборува за Џингис Хан и Тимур Ленка, за крстоносните војни и за ужасите од Првата светска војна. Хобс и Фројд веруваат дека човечката природа постои, односно дека постојат одредени биолошки константи кои го предодредуваат неговото агресивно однесување. Ова би значело дека човечкиот род не е морално неутрален, туку природно нужно неморален и злобен. Културата набљудувана од овој аспект не е збир на форми меѓу кои се обликуваат вредностите на неопределената биолошка опрема на човекот, туку корпус на репресивни мерки кои служат за да се скроти природното зло во човекот. „Културата бара жртви – вели Фројд– токму затоа на човекот му е тешко во неа да се почувствува среќен“.8F
Одредени варијанти на ова мрачно гледање на светот можат да се сретнат во размислувањата на социо – филозофите од 19 век. Макс Стирнер и Фридрих Ниче. И двајцата се застапуваат за тезата дека секое човечко суштество се бори за негово добро, без да се грижи за добросостојбата на другите припадници на општеството. Според нив алтруизмот е илузија или привремена состојба кога луѓето се соочуваат со заеднички непријател. Врските меѓу луѓето се засновани на заедничкиот страв, на заедничката омраза, а не на љубовта и пријателството. Борбата е вткајана во човековата природа чии корени се наоѓаат длабоко во минатото и нејзиниот резултат е опстанокот на најиздржливите. Социологот Херберт Спенсер, во истото време кога се создавале овие теории, буквално ја применил Дарвиновата теорија за еволуцијата врз општествениот живот и ја изградил сопствената теорија за социјалниот Дарвинизам. Во делата на некои современи филозофи меѓу кои најпозната е Ејн Ренд оваа теорија и денес се подржува.
Единствена допирна точка на сите досега изречени теории како што нагласува Никола Милошевиќ9F во статијата „Спорови о људској природи“ се состои во порекнувањето на човековата слобода. А таа е конститутивен елемент на човековата природа. Во сите скучаи станува збор за радикално детерминистичко видување на човековата природа, со тоа што во некои теории улогата на детерминанти ја имаат културните форми, а во други елментите на биолошките фактори.
Третиот релевантен историски обид да се реши проблемот на човековата природа е во знак на своевиден антрополошки оптимизам. Проблемот за моралноста бил разгледуван во најстарите филозофски списи. Древниот кинески филозоф Менцие (371-289год п.н.е.)10F тврди дека човековата природа е добра. Тој се дистанцира од Конфучиевото тврдење дека секој човек се раѓа мудар. Напротив мудроста човекот ја стекнува со созревањето. Менцие тврди дека во човековата природа постојат добри елементи но е свесен за постоењето и на неутрални елементи кои доколку не се контролираат можат да доведат кон зло. Тие елементи кои можат да станат лоши се нагоните, карактеристични за животните и за нив тој вели дека не се дел од човечката природа. Според него секој човек поседува четири елементи кои се иманентни на човековата природа. Тоа се чувството на сочуство кое е почеток на секое човекољубие или алтруизам, чувството на срам и гадење кое е почеток на праведноста, чувството на праведноста кое е почеток на мудроста која се одликува со скромност и попустливост.
Ваквото гледиште било доминантно и во Стара Грција. Според него моралот е иманентен на човекот, израснува од него и ја изразува неговата природа. Платон11F го определува моралот како складно делување на сите елементи на човековата личност односно тој е вистински израз на човековото јас. Моралот е производ на самата човечка природа. Тој е резултат на взаемната поврзаност на суштинските делови на човековата природа, на разумот, духот и желбата. Па така добар човек е оној во кој разумот ги управува желбите, додека кај лошиот човек желбите управуваат со разумот. Платон, Аристотел и воопшто старите грци во човековата природа нашле два битни елементи за моралноста. Тоа се желбата како биолошки дел и разумот како специфично човечки дел. Разумот секогаш го поставувале пред желбите и страстите. А моралот го поистоветувале со контролата на разумот врз желбите.
За овој обид на толкување парадигматичен е теорискиот опус на Ерих Фром. Навистина во некои свои списи тој настојува да го ублажи својот оптимистички поглед на човековата природа, бранејќи се од сентименталниот оптимизам и признавајќи ги потенцијалите на злото во луѓето. Тој вели дека човекот не е ниту добар, ниту лош. „Ако се поверува во добрината на човекот како негов единствен потенцијал, мора да се посегне кон грубото искривоколчување на фактите или да се потоне во горки разочарувања. Но ако пак се прифатат ставовите на краен антрополошки песимизам постои опасност да се биде циник и слеп за многуте можности на доброто како во себе така и кај другите.“ 12F

#b
5. Fung Ju-Lang, Istorija kineske filozofije, Nolit, Beograd, 1977, str. 167.
6. Hobs, Tomas:
7. Frojd, Sigmund, Nelagodnost u kulturi, Odbrana dela, Novi Sad, 1969, str. 318
8. Ibid, str. 322.
9. Miloshevikj, Nikola: Sporovi o ljudskoj prirodi, Knjizhevne novine, Beograd, 1990, str.55.
10. Fung Ju-Lang, Istorija kineske gilozofije, Nolit, Beograd, 1977, str. 168.
11. Валтер Стејс, Судбината на западниот човек, Култура, Скопје, 1991, стр. 39.
12. Erik Fromm, The Heart of Man, Perennial Library, 1971, str. 157.

2018-08-21T17:22:02+00:00 август 1st, 2000|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 16|