Потеклото (генезата) на моралот

/, Литература, Блесок бр. 16/Потеклото (генезата) на моралот

Потеклото (генезата) на моралот

Вистинскиот реалистичен поглед за луѓето ги подразбира и двете можности како реални потенцијали за алтруизам и за егоизам што подразбира изучување на условите потребни за развиток на едното од нив. Обидот за синтеза на двете спротиставени антрополошки становишта ќе му даде нова димензија на проблемот. Фром се осврнува критички на гледиштето дака војната не може да се избегне затоа што е последица на деструктивниот карактер на човековата природа. Иако човечките деструктивни тежненија се силни не може да се заклучи дека се несовладливи или дека преовладуваат во човекот. Војната не започнува само поради психолошките фактори. Историското искуство покажува дека врз неа повеќе влијаат политичките и економските причини. Мислењето на мнозинството е дека човечкиот род се движи кон доброто иако има повремени тенденции да назадува. Злото според зборовите на Фром е обид за регресија во прачовечкиот стадиум на развитокот, односно обид да се елиминира она што е специфично човечко, а тоа е разумот, љубовта и слободата. Останува дилемата дали деструктивните егоистични побуди вкоренети во злото ја чинат суштината на човековата природа или тоа се другите обележја како што се рационалноста, алтруизмот и слободата. Логичен заклучок е дека алтруизмот ја приближува нашата егзистенција кон нашата есенција, додека злото ги разединува. Во книгата „Анатомија на човековата деструктивност“, Фром го прецизира своето видување на човековата природа. „Деструктивноста не е паралела, туку алтернативна биофилија. Човекот е биолошки обдарен за биофилија, но психолошки поседува потенцијал за некрофилија како алтернативно решение“.13F Со други зборови некрофилните разурнувачки тенденции не се вкоренети во човечката природа, за разлика од биофилните, алтруистичките кои имаат биолошка подлога и со самото тоа ја чинат суштината на човекот. Тој верува дека самољубието не е врховен владетел и дека човечките суштества не се секогаш себични, конкурентни и агресивни.
Ваков антрополошки оптимизам среќаваме и кај Русо и кај Фоербах. Полемизирајќи со Аристотеловото сфаќање за нееднаквоста, Русо кажува дека овој грчки мислител последицата ја заменил со причината. „Ако значи има робови по природа – пишува Русо во „Општествениот договор“ – тоа е поради тоа што имало робови против природата“.14f По својата биолошка предодреденост човекот е слободен, а кон тоа треба да додадеме дека е и добар. Неговата ропска природа и неговата лошотија се само последица на егзисинцијалното, а не причина од есенцијален карактер. Во овој дух зборува и Лудвиг Фоербах тврдејќи дека љубовта, односно алтруизмот кон другите не е изведена. Наспроти Хобс, Фоербах вели “Homo homini Deus est”.
Слично размислува и современиот американски психолог Харви Хорнстајн15F, критикувајќи го Спенсеровиот социјален дарвинизам во книгата „Суровоста и добрината: Нов поглед на агресијата и алтруизмот“. Спенсер погрешно го толкувал Дарвин бидејќи се раководел само на неговото дело „Потекло на видовите“, не земајќи ги во предвид другите негови дела како што се „Потеклото на човекот и селекцијата во поглед на полот“ каде што тој тврди дека во природата и во човековиот општествен живот соработката и добродушното поврзување помеѓу блиските е суштествена за опстанокот. Оваа свое сфаќање го образложил и во делото „Изразувањето емоции кај човекот и животните“ каде што вели дека природната селекција го поддржува зачувувањето на алтруистичкото чувство, взаемната помош, групната лојалност и соработка. Овој негов став го прифатиле и некои негови современици кои независно еден од друг формулирале модерна евулутивна теорија. Тоа се Принц Петер Кропоткин чии гледишта за односниот проблем евидентно се презентирани уште во насловот на неговото дело „Взаемната помош – фактор во еволуцијата“. Вториот е антропологот Алфред Расел Волис кој во едно свое предавање одржано во 1864 год. Пред Лондонското Антрополошко друштво ќе наброи повеќе квалитети кои мора да постоеле за доброто на секоја заедница и затоа се и предмет на природната селекција. Тоа се способноста да се дејствува синхронизирано за заштита и обезбедување на храна и прибежиште, сочуството кое сите ги тера да си помагаат и чувството на правдина што го спречува пустошењето. Ова ехо од Дарвиновото сфаќање одѕвонува и еден век подоцна во сфаќањата на Сер Вилфред Ле Грос Кларк кога го објаснува еволутивното потекло на “Homo Sapiensot”: Наша задача е да му дадеме полн израз на длабоко всадениот алтруизам кој е суштествен признак на човечноста во човекот“.
Теорите на таканаречениот антрополошки оптимизам го истакнуваат присуството на сочуството како иманентен квалитет на човечката природа пожелен за развојот на било каква заедница. Истражувачот Мартин Хофман16F мисли дека корените на моралноста треба да се бараат во емпатијата која претставува еден вид на сочувствување со можните жртви. Емпатијата ги покренува луѓето на акција, ги поттикнува да реагираат и да им помогаат на другите кога се во неволја. Корените на алтруизмот, според овој автор треба да се побараат во способноста да се доживуваат чувствата на другите луѓе. Емпатијата е таа што ги наведува луѓето да ги следат моралните принципи.
Но сепак на антрополошкиот оптимизам можат да му се упатат и некои добро засновани приговори. Најпрвин, од фактите дека слободата, разумот, продуктивноста, љубовта и алтруизмот се специфични човечки обележја не може да следи заклучокот дека тоа се воедно и битни обележја на неговата природа. Специфичните и битните обележја на некоја природа не мораат да бидат идентични. Треба да се потсетиме на Русовиот парадокс за човекот кој се раѓа слободен, а секаде е во окови. Во „Општествениот договор“ Русо се обидува да докаже дека лошата состојба во која се наоѓа човечкиот род не е онаа состојба во која се „наоѓал во почетокот и дека единствено духот на општеството и нееднаквоста која од таму потекнува се причини за измена на нашите природни склоности“.17F Русо се повикува на некоја наводно историски проверлива првобитна природна состојба на човекот во која царуваат мирот, солидарноста, алтруизмот. Оваа состојба луѓето ја напуштиле под влијание на институциите на нееднаквоста кои ја чинат суштината на модерната цивилизација. Но нашите сознанија за таканаречените примитивни општества не даваат секогаш претстава за таканаречени „питоми дивјаци“.
Кога зборуваме за алтруизам ние секако зборуваме за предиспозиции, а не за цврсто a priori вообличени и одредени природни склоности кон доброто или кон злото, односно кон алтруизмот или кон егоизмот. Кај поголемиот број припадници на човечкиот род не постои стрикна предодреденост за деструкција, разурнување или кооперација. Треба да го нагласиме фактот дека луѓето по своите природни диспозиции никогаш не биле еднакви. Секогаш и секаде постоеле единки чија предиспозиција е насочена кон деструкцијата, но има и такви единки чија предиспозиција е насочена кон конструктивни, алтруистички видови на однесување. Дали предиспозицијата за која се зборува во потполност ќе се реализира и дали нејзините носители ќе го достигнат својот личен максимум во овој поглед зависи од состојбата на семејните и другите микрофактори, од владетелските, културните и политичките примери. Не смееме исто така да ги изоставиме разликите во животните стилови на единките. Некои се крути и во текот на целиот живот имаат ист карактерен стил, додека други се флексибилни, во одреден период од животот се егоисти, а потоа алтруисти или во ист период кон одделни индивидуи покажуваат егоизам, а кон други егоизам. Мнозината се неодредени, флексибилни, способни да конструираат еластичен животен сил. Но постојат единки, иако помалубројни, кои се екстремно ригидни или пак екстремно флексибилни. Сепак најголем број луѓе, како што тврди и Рут Бенедикт се прилагодуваат на формите на својата култура поради големата флексибилност на своите вродени склоности.
Сосем сигурно, сознанијата за човечката природа кои денес ни се достапни не одат во прилог на мислителите како што е Хобс, ниту во прилог на Русо. По своите предиспозиции мнозинството од човечкиот род не одговара на антрополошката опција во знак на девизата “Homo homini lupust est” ниту пак на афоризмот на Лудвик Фоербах “Homo homini Deus est”. „Дали ни се допаѓа или не“ – вели Достоевски – „во нашата природа е да бидеме слободни и страдајќи да правиме избор помеѓу доброто и злото“. Има ли смисла да се живее само за себе или пак смислата на животот е во солидарноста, во љубовта и во жртвувањето за други? Тоа е прашањето кое ги измачува многумина кога во нивните удобни и безгрижни животи неочекувано ќе се појави совеста и етичноста.
Одговорот на ова прашање несомнено е содржан во златното правило: „Како што сакате луѓето да постапуваат со вас, така и вие постапувајте со нив.“ 18F Ова златно правило кое го среќаваме и во Исусовите пораки е поставено од јудаизмот, од Рабинот Хилел кој му дал недвосмислен израз и го прогласил за најважен принцип за јудаизмот. Денес тоа се восприема од повеќето луѓе, христијани и нехристијани како разумно раководство за морално поведение. Но ова мислење не е познато само во западниот свет. Кинескиот филозоф Конфучиј го прогласил уште во 500 год. П.н.е. И се среќава и во санскритскиот еп „Махапхарата“. Всушност филозофијата на златното правило е прифатена речиси од сите главни вериосповеди. До истиот заклучок доаѓа и Т.Х. Хаксли во својата книга „Еволуцијата и етиката“ објавена во 1894 год. Каде што истакнува дека секоја поголема човечка религија и повеќето од филозофите независни едни од други стигнале до златното правило. Исусовите етички мисли се длабоко алтруистички. За тоа сведочат зборовите во Евангелието по Матеј: (5:43-44, Библија) Сакајте ги своите непријатели и благословувајте ги оние кои ве проколнуваат.
Според една груба скица, која ја изнесува Валтер Стејс,19F историјата на етиката во Европа има повеќе стадиуми. Таа започнува во светот на старите Грци кои го застапуваат гледиштето дека моралот е вроден и иманентен на човековата природа. Потоа доаѓа ерата на теологијата кога доминира сфаќањето за наметнатиот морал. Овој стадиум трае колу 2 000 години се до денешно време. Денес повторно започнува ерата на хуманизмот, повторно се враќа грчкиот хуманизам не како дирекна копија, туку како основна инспирација која се состои во општото гледиште дека моралот е вроден.

#b
13. From E. Anatomija ljudske destruktivnosti, II, Zagreb, 1975, str. 179.
14. Ruso, Drushtveni ugovor, Beograd, 1949, str. 11.
15. Hornstein A. Harvey, Cruelty and Kindness: A New Look at Aggression and Altruism, Prentice Hall, Chapter One
16. Goleman, Danijel, Emocionalna inteligencija, Geopoetika, Beograd, 1998, str.101.
17. Ruso, Drushtveni ugovor, Beograd, 1949, str. 161.
18. Марк Харт, 100 највлијателни луѓе, Детска радост, Скопје, 1995, стр.19-20.
19. Валтер Стејс, Судбината на западниот човек, Култура, Скопје, 1991, стр. 32.

2018-08-21T17:22:02+00:00 август 1st, 2000|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 16|