Жртвен јарец

/, Поезија/Жртвен јарец

Жртвен јарец

Жртвен јарец
Славејот пак меѓу нас
Крајот како нов почеток
Потсетник
Свидетел
Во потрага по генот
Орелот на прометеј
Остров на копно

Изгледа дека ми беше испаднал уште на почетокот
небаре пара низ дупнат џеб
како на оние Циганчињата во една скопска самопослуга
што ги фатија со украдените чоколади
свлечкани низ џебовите дури во чизмичките

зашто во Стар Дојран лагите на Кољо
(или подобро, несопирливата митоманска вообразба
потхранувана од фрустрации со поколенија
пред доскоро затворената грчко-југословенска граница)
го изедоа „таксаното јагне“ во с. Калд’нци, откаршија

а штом минавме преку новоотворениот граничен премин
во грчкиот Доирани немаше менувачница ни отворена банка
па патничкиот девизен чек не можев да го сменам
но откога јадевме крап во еден ресторан сопственикот
кој знаеше „чат-пат“ македонски ни смени 100 марки…

Конечно во с. Чугунци, сегашна Мегали Стерна
немаше, јасно, ни трага од дедо ми, воденичарот
кој оттука побегнал 1903-та пред Грците– патријаршисти –
стерната беше празна, водата секнала (изворот каптиран?)
под еден платан од негово време се сликавме со некои овци

„Врискате турски лири“, се насмејаа селаните
потомци на кавкаските Грци населени тука 1921-та
па Јорго нè прошета по селото до стерната
и потем нè чести кафе во сопствената кафеана
со нашиот што-годе, лиго лиго разговор на грчки…

На враќање, возејќи кон Кукуш, или Килкис
нè фати темен облак дожд со лесен картечен град
(но што е тоа во споредба со тешката артилерија со која
Грците ги бркале нашите во Втората балканска војна!)
со само еден сноп зраци како Провидение кон север

а мене за цело време во десниот чевел
ме глочкаше некое ситно остро камче
па кога се вративме дома, т.е. во Стар Дојран
одвај чекав да се собујам, да го извадам натрапникот
и да го фрлам меѓу другите камчиња на брегот…

Наутро, после цела серија изрежирани соништа
префрлајќи се лесно од еден во друг
како од една на друга страна во постелата
ми остануваше единствено да се прашам:
што ми нуди стварноста за да се разбудам?

Појадок, ми рече жената со која спиев.
Од кај знаеш? скокнав.– Па ти зборуваше на сон
а јас те чував.– Од што?– Од другите жени –
и веќе слушав како се расправаат гените од семејството
за тоа кој што купил и колку за колку…

А кога станав и се облеков, неволно но сепак –
џебот навистина ми беше дупнат (како и чорапот!)
езерото беше, додуша, сè уште таму
но дали јас бев таму за предокот од другата страна
или за внукот што пак ќе ја гледа со двоглед

од ова исто место, во мене и во себе
камче меѓу камчињата на брегот
од оваа или од онаа страна на границата
машко или женско копче во спојот на ветровката
а езероно, веројатно, и ќе го снема…

2. V 1987

АвторБогомил Ѓузел
2018-08-21T17:22:17+00:00 март 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 01, Поезија|