(Кон поетската книга Патот од Виолета Танчева-Златева,
Скопје: Паблишер, 2018)
Далечни и од себе и од ближниот
ја заборавивме целта на Патувањето
Виолета Танчева-Златева, „Патот со срце“
1.
Уште од најстарите запазени книжевни дела, топосот на патот и патувањето е неразделен од поезијата. Дури и кога не говори експлицитно за патување, поезијата ни овозможува патувања во лирските хоронотопи и во пределите на имагинацијата на поетите. Но кога Патот и Патувањето стануваат клучна обединувачка нишка на поетскиот корпус, поетското патување прераснува во несекојдневна авантура на духот. Таков е случајот со најновата поетска книга Патот (2018) на Виолета Танчева-Златева, книга која ги води читателите на едно суптилно лирско патување, кое е прекрасно надоврзување на претходните „ст(р)аници“ т.е. објави од нејзиниот поетски пат: Мојот Пикасо (2007), Заробеници на молкот (2010), Огнена (2011), Нашата приказна (2013) и Година без лето (2015).
Патот е доследно осмислена, компонирана и заокружена поетска целина. Во прологот на книгата, т.е. во песната „По патот на Поезијата“ Танчева-Златева in medias res (ни) најавува дека метафората на Патот е една од најприсните назнаки за тајните на поетската уметност. Дека поетот е патник кон Непознатото (како што велеше Бодлер), нè упатуваат уште првите стихови од книгата (Натнувам патничка облека / и тргнувам во потрага по среќата), а дека тоа патување е неизвесно и ризично предупредуваат стиховите: Угоре високо / удолу длабоко / Се обидувам да ја најдам средината. Уште од првите (па сè до завршните) стихови од оваа возбудлива песна (но и во целата книга), читателот може да насети дека поетското патување овде не е „цел за себе“, или некаква „разонода и забава“, ами суштинска, судбинска потреба: сфаќам дека не можам да се откажам / од Поезијата / Судена ми е / во дамарите запишана. Навистина, како што навестуваат стиховите од ефектниот пролог, Поезијата прераснува во Пат, тогаш кога има моќ и капацитет душата (да) ми ја замирисува (…) секојдневието да ми го утешува.
Од друга страна, песната-епилог „Извишување“ ја персонифицира секоја песна како живо суштество, кое има свој пат на раѓање и создавање. Во поезијата на Виолета Танчева-Златева песната е еквивалент на квинтесенцијата на животот. Песната т.е. поезијата е постојано тука, во секојдневието на поетесата, песната е постојана можност за извишување: Трпеливо чека да се сетам / дека веќе сум ја родила во себе / Си го чува сама зародишот / Не дава да потоне во ништожноста / Самотна – не се жали на осаменоста. / Катаден сама си го отвора патот (…) Не се откажува оод мене / Нејзина сум колку што е и таа моја прокоба.
Токму од такви песни – живи и вибрантни, искрени и неусилени, топли и човечни т.е. од песни кои „чекале да дојде нивното време“ е сочинета поетската книга Патот. Компактноста на стихозбирката, како на тематски така и на поетички план, е длабоко втемелена врз врската Поезија-Пат. Покрај песните со кои се отвора и затвора книгата, трите циклуси од по 20 песни („До себе“, „До другите“ и „До љубовта“) мошне сугестивно ни покажуваат дека поетскиот повик за оваа поетеса е едновремено и чин на искрена интроспекција (пат до себе) и пат на соочување со алтеритетот (пат до другите), но и дека тоа духовно патешествие има смисла единствено ако крајната одредница е љубовта. Внимателното читање на оваа книга нè води кон проникнувачката, обединувачката и преобразителна моќ на поетското патување, кое, според поетската интуиција на Виолета Танчева-Златева, значи едновремено и пат кон себе и пат кон другите и пат кон љубовта.
2.
Во сите три циклуси има по најмалку три парадигматични, носечки песни-јадра, кои мајсторски ги апострофираат димензиите на трите проникнувачки патувања. Во циклусот „До себе“ поезијата се чувствува како можност за самоистражување, саморазбирање, самосоочување и самоискажување. Најтежок е патот до себеси / сакам некогаш да крикнам – се истакнува на едно место во книгата.
Токму затоа, поезијата, во овие песни, се начнува и се вообликува токму кога поетите навидум не прават ништо посебно. Поетот работи / најмногу дури спие / Или единствено тогаш – се вели во песната „Труд“. Поетскиот „труд“ поетесата го спротивставува на императивите на денот, кои обично ги нарекуваме „обврски“ – додевните дребности / што мора да се завршат. Поезијата е пат до себе, оти поезијата, според овие песни – доаѓа однатре, од внатрешниот свет на поетот, па затоа лирскиот глас ни вели: Оставете го поетот да спие / Најдобрите песни врнат во неговиот ум / заедно со светлинките мрак. Поетскиот чин, всушност, е еден вид духовен увид, или „глед“, кој ги обединува телескопската и микроскопската визура, токму преку поетската „ендоскопија“ – погледот навнатре.