ПАТОТ НА ПОЕЗИЈАТА

ПАТОТ НА ПОЕЗИЈАТА

Една од клучните причини за барањето пат во себе и до себе е токму свеста за суровоста и отуѓеноста на надворешниот свет (вознемирувачки доловен преку сликата на темен океан / кој најмногу ја сака просечноста) и ова јалово време-невреме (доловено преку метафората „година без лето“, или наречено време на неверни томовци). Всушност, токму поради својата интроспективност, и свеста дека е обичен човек / минлив и менлив, песните на Танчева-Златева загатнуваат широк спектар нијанси на чувства на лирскиот субјект, доловени преку впечатливи поетски слики: од болка (А нема поголема болка / од таа што ја разјадува душата), преку исцрпеност (Исцедена половинка лимон сум / лубеница со изедено срце / по кое плачат исплуканите семки), па сè до неизвесноста на творечкиот чин (најчесто го грицкам пенкалото / зачекана над белата хартија / да ми дојдат големи / луцидни / досега непаднати стихови). Низ песните од овој циклус прострујува еден трагизам кој како ехо потсетува на трагизмот на Марко Крале од циклусот на Блаже Конески. Имено, како во „Стерна“, „Кале“ или „Песјо Брдце“, лирскиот субјект од песната „Бојно поле“ заклучува: Сама сум / среде боиштето на одамна изгубена војна / што ја водам со себеси. 

Песната „Молитва на рацете“ е веројатно најмоќниот пример за судирот меѓу предизвиците, споредните патчиња и ќор-сокаците на секојдневието, од една страна, со потребата за уметничко творештво и духовност, од друга страна. Колку работи поминуваат секој ден / низ овие мали раце! – со доза на вџашеност забележува лирскиот глас во оваа вознемирувачка песна, пред да (нè) потсети што сè прават рацете во текот на еден ден. По долгиот каталог со инвентивни неологизми: раце принесувачки и раскревачки (…) раце чистотници (…) раце тресачки на килими черги и чаршафи (…) раце пазарувачки од леб до хартија со мирис на камилица, поетскиот (женски) глас на крајот од денот со молитвен тон бара прошка: Прости ми / што навечер немам сили / да ги склопам за молитва.           

 

3.

Темата на тривијализацијата и десакрализацијата на секојдневието се провлекува и во циклусот „До другите“, кој се занимава со темата на патувањето до „непознатото на Другиот“. Поетските слики од песната „Недела“ потсетуваат што прават луѓето додека бијат камбаните: Жените се зафатени / со готвење перење чистење / Децата другаруваат со компјутерите и телевизорите (…) мажите пополнуваат ливчиња за спортска прогноза. Сепак, во оваа поезија патот до Другиот е воедно и „пат со срце“. Во песните од овој циклус прострујува човечки и поетски бунт против обесмисленоста, обездуховеноста и суровоста на животот на современиот човек. Лирскиот субјект не се исклучува себеси од состојбата на „заталкан пат“ во која се наоѓа денешниот човек. Лирскиот субјект неретко бара собеседник и заштитник во Бога, токму поради свеста за човековата состојба денес. Со искрена загриженост и засегнатост, песните тематизираат долга низа аномалии на денешницата: несопирливата и ненаситна консумеристичка треска и потиснатата солидарност (во песната „Покривка“); непознавањето, предрасудите и стравот од Другите („Бескрајниот пат“); наивноста и самољубието („Наивници“), неискреноста и лицемерието („Пагани“), неблагодарноста и неискреноста („Неблагодарници“)…  Но смелоста да се маркираат и констатираат низата премрежиња не завршува во безнадежност и апатија. Напротив, во целата книга прострујува една топла надеж.    

 

4.

Песните од циклусот „До љубовта“ се поетски медитации за љубовта и нејзината стожерна улога во животот на луѓето. Дека треба да се следи патот што има срце – / тоа го знаеме само јас и уште неколкумина, се забележува во песната „Патот со срце“. Во таа смисла, поетското преиспитување на љубовта во песната „Искушение“ води до сознанието дека љубовта сигурно не е (и не би можела да биде сведена само на)  сомилост зачинета со ронка себичност / колеблив оган. 

Во песната „Росата“ смело се посочува на егоизмот, нарцизмот и самобендисаноста како крупни пречки на патот на љубовта:

 

Се раскрилуваме за миг 

сонувајќи го сонот за убавината

кога ќе ја вкусиме росата на љубовта

            (…)

Превисоко летаме во својата самобендисаност

сонувајќи го сонот 

за својата величественост

 

Во песната „Страв“ се посочува на уште еден стожерен противник на љубовта – стравот: Големи се очите на стравот (…) Здивот ни го зема и разумот / Не остава проѕирка ни за Љубовта. Но и покрај согледбата дека малку работи останаа во ова тешко време / што можат да ја довардат Надежта, сепак, токму во љубовта и во новото откривање на духовното тежиште во оваа поезија се лоцира увереноста дека блага / божествена / безуспешно во пепел запретана (…) неуништива суштина / е / на вселената. Токму во надежта, која последна умира, би можеле да ја лоцираме клучната нишка меѓу трите проникнати патувања (до себе, до другиот, до љубовта), тематизирана и во прекрасната минијатура со парадигматичен наслов „Чевли. Патишта“: Наши се само надежите / за нови патишта.     

 

5.

Благодарение на топлиот и сугестивен поетски глас, трите „патувања“ од трите циклуси од книгата Патот се градат сосема неусилено и непретенциозно: секоја нова песна е нов чекор кон лирските пространства, во кои се поетизираат собитијата од катадневието. Патот е книга на лични воспеви, еден вид книга на лирската исповед. Книга во која преку непоматената, јасна перцепција на секојдневието и лесно читливите симболи, но и преку критичко осмислување на стварноста, се бара патот кон себе и кон другите. И покрај едноставноста и строгоста на поетскиот израз, песните од оваа книга се слоевити и постојано упатуваат на многубројните нишки меѓу поезијата и животот.

АвторВладимир Мартиновски
2021-08-17T22:15:26+00:00 август 15th, 2021|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 138 - 139|