Индивидуалниот однос кон традицијата како статична односно динамична структура при вкрстувањето на националната (македонската) култура и нејзиното соочување и конфликтот со Другите култури (во име на љубовта) во пресудна мера може да влијае врз човековиот идентитет, кој согласно со статичната структура на традицијата е фиксен и непроменлив[1] (Barker, 2000), а согласно со нејзината динамична структура подлежи на постојана трансформација“[2] (Hall, 1990). Токму една таква визија даваат двете предметни драми, едната пишувана кон крајот на 19 век – битовата драма Македонска крвава свадба (1896) од Војдан Чернодрински и другата пишувана кон крајот на 20 век – постмодерната драма Балканот не е мртов (1993) од Дејан Дуковски преку кои сакаме да испитаме како индивидуалниот однос кон традицијата може да биде пресуден за деконструирањето на идентитетот во име на љубовта. Следејќи го идентитетско историското искуство – почнувајќи од патетичните облици (Македонска крвава свадба), сѐ до пародиски зацртаните метаидентитарни деконструкции на индивидуалниот идентитетот (Балканот не е мртов) и релацијата традиција-идентитет-љубов во контекст на националните, културните и верските судири на две непомирливи страни – македонската и турската, применувајќи го постколонијалниот прочит во анализата на двата драмски текста, текстот треба да посочи на фактот дека и кон крајот на 19 век и кон крајот на 20 век кај македонските автори се актуелни истите прашања врзани за стабилизација на колективниот/етнички идентитет видени во различен контекст, но со исти крајни исходишта (смртта), чиј корен лежи во индивидуалниот однос кон традицијата по однос на феноменот забранета љубов.
Феноменот „забранета љубов“
Феноменот „забранета љубов“, кој во согласност со општествените и традиционалните норми укажува на тоа дека воспоставувањето брачна заедница меѓу луѓе од различни религии (христијанската и муслиманската) е неостварлива, е платформа врз која се развиваат дејствата во двете драми. Во драмата Македонска крвава свадба, во име на феноменот, индивидуалниот однос кон традицијата е во согласност со бранењето на македонската чест и зачувувањето и опстојувањето на националниот идентитет, а во драмата Балканот не е мртов е во согласност со бранењето на индивидуалната слобода и личното ослободување од наметнатите општествено традиционални норми поради што доаѓа до деконструкција на индивидуалниот идентитет. Владејачкиот тоталитет и на индивидуалниот однос кон традицијата и на феноменот „забранета љубов“ се едни од основните компоненти во двете драми, преку кои идентитетот се потврдува, како непроменлив во Македонска крвава свадба, и како деконструкција во Балканот не е мртов, и тоа како одговор на континуитетот во тематската преокупација со прашањето: Кој/која сум јас?, а во согласност со релацијата традиција-идентитет-љубов, која има исклучително болен и трауматичен епилог и во двете драми.
Статичната структура на традицијата во драмата Македонска крвава свадба
Драмата Македонска крвава свадба ги воспоставува столбовите на македонската доминантна идеологија и култура од строго православна машка андроцентрична, хетеросексуална (и хетеронормативна) перспектива. Таа е во знакот на националните, верските и политичките судири на две непомирливи страни: македонската и турската, каде што индивидуалниот однос кон (почитувањето на) традицијата е пресуден за потврдувањето на идентитетот како фиксен и непроменлив. Оттука, во име на феноменот забранета љубов нема простор за дијалог, а епилогот од позиција на сила е трагичен. Одлуките што ги носи поединецот (инфериорната Цвета) се во согласност со општествените и со традиционалните норми кои во случајот создаваат нефлексибилен „систем на судир“. Статичната структура на традицијата е несреќен параван зад кој поединецот (Цвета), за да го зачува својот индивидуален и национален идентитет, се спротивставува на супериорниот – турскиот големец Осман-бег, со што го дава одговорот на прашањето кој/која сум јас? Цвета е симбол на македонската чест, прототип за опстојувањето на националниот идентитет на која противникот (Османбеговците) ѝ се заканува, и е обележана со дискурсот, којшто се рефлектира во нејзината последна драмска реплика: „Умрев, ама Туркина не станав“. Во интеркултурниот двобој таа ја одбира смртта на сметка на животот. Го жртвува личното (понудениот живот како анамка и материјалното богатство) на сметка на колективното (верата), наспроти потурчените римјанки Петкана и Крстана, кои се жртви на верската (културната) асимилација на Турците врз Македонците. Оттука, може да се констатира дека релацијата традиција-идентитет-љубов идејно, па дури и идеолошки, е исклучива во сите насоки, зашто не гледа и не сака да спознае можен излез од кризата, освен преку борбата на спротивставените страни.
Динамичната структура на традицијата во драмата Балканот не е мртов
Големиот македонски мит од Македонска крвава свадба ќе му послужи како текст – предлошка на Дуковски за неговата постмодерна драма Балканот не е мртов или Магија еделвајс, која упатува на идеолошката позиција и на историско-временскиот контекст на својата предлошка, а едновремено и ја де(кон)струира матрицата на вообичаената визија на историјата како вековна несреќа во која македонскиот субјект се наоѓа во позиција на жртва. Дуковски ја повторува доминантната православна, машка хетеросексуална култура, која себеси се гледа на границата меѓу источниот и западниот свет, но едновремено преку текстот „ја открива и својата побуна, историски злоупотребувајќи го канонот“ (Hutcheon, 1996, 49). Оттука, проблематизирањето на религиското, националното, различното е едно од средишните места на драмскиот текст, во кој Цвета и Осман-бег се средишни ликови во однос на борбата со стереотипот ‘забранета љубов’. На Балканот како ништо да не се сменило од историското време на Чернодрински, а текстот на Дуковски се надоврзува на тоа историско време и на интеркултурниот контекст кој укажува на тоа дека во основа конфликтиот модел е тој што жилаво и упорно, со векови, опстојува на овие простори. Но, тој не останува заробен во него, туку го проширува и воопштува, така што на преден план како ефект на нетрпеливоста меѓу двете религии, избива односот моќ – стигматизација – исклученост и како последица – конфликт, видлива преку манифестацијата на дискурсот на моќ на едниот етникум (Турците) над другиот (Македонците):
ОСМАН: Расим?
РАСИМ: Слушај жено, Осман ќе те носи на чифлиг, на гости.
МАКЕДОНКА: У Турчин на гости не одам.
ОСМАН: Расим?
РАСИМ: Ова е еделвајс. Нигде нема еделвајс. Осман-бег најде еделвајс за тебе.
МАКЕДОНКА: Јас сум рисјанка, не сакам.
ОСМАН: Расим?
РАСИМ: Што бе не сака? Не е Осман дојден за мајтап. (Дуковски, 2012, 45).
* „Традицијата добива две контроверзни значења – првото како збир, ризница на вредности од минатото, што значи таа е една статична, затворена структура која има свое иманентно, кохерентно значење (парадигматичен пример е драмата Македонска крвава свадба), и второто како една динамична отворена структура во бесконечно менување и пресоздавање преку активноста на пренесување на тие вредности од минатото во сегашноста, дискурзивна формација, којашто своето значење го има бидејќи генерира значење (парадигматичен пример е драмата Балканот не е мртов)“ (Анчевски, 2007: 160, Курзив Б.Р.Н.).
[1] Есенцијалистички концепт на идентитет.
[2] Конструктивистички концепт на идентитет..