На преминот од прасловенската до кирилометодиевската
словенска цивилизација и култура
Илија Велев
ПРОНИКНУВАЊЕТО НА ФЕНОМЕНОТ НА
СЛОВЕНСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА И КУЛТУРА
На преминот од прасловенската до кирилометодиевската
словенска цивилизација и култура
Проследувањето на словенскиот културноисториски идентитет во глобалниот контекст на човековото опстојување од неговото историско проникнување, па сè до современиот оформен колективитет, едноставно мора да се сообразува со феноменот на процесот на цивилизациското прелевање од една во друга епоха, или од еден до друг социолошки и културолошки амбиент во времињата што поминале. Всушност, во која и да е географска средина назад низ вековите се премостувале повеќе основоположени цивилизации и култури, а притоа словенската самата од себе оставала своевиден супстрат како непресушен извор од кој современите словенски традиции (меѓу кои и јужнословенските – македонската, бугарската, српската, црногорската, хрватската и словенечката) го напојуваат сопствениот културноисториски и национален идентитет. Конкретно на Балканот и пошироко во Југоисточна Европа овој процес на цивилизациско прелевање имал историски континуитет од антиката (хеленизмот и класичниот македонизам), преку римолатинското и византискохристијанското глобално општество, па сè до втемелувањето и афирмацијата на словенската цивилизациска свест за духовно и културно себеидентификување и себепрепознавање со словенскиот колективитет.
Затоа и од современа дистанца на толкување, кога сме сведоци дека и нашата генерација феноменолошки повторно ја актуелизира глобализацијата како единствен можен начин за културно прелевање меѓу народите во новите процеси на интеграции, секоја национална традиција треба да се поместува во рамките на заедничките творечки конгломерати како општи цивилизациски придобивки на глобалните одвивани културноисториски процеси. Оттука и ниедна современа национална културноисториска традиција не може да претендира да е единствен наследник на определен глобален културноисториски супстрат (хеленистичкиот, римскиот, византискиот и сл.) и не треба единствено таа да се напојува од определен историски протечен цивилизациски извор. Токму и споменатите потреби на времињата за непосредни духовни препознавања и културни прелевања меѓу народите предизвикале македонската духовна и културна традиција (како и на другите современи народи и национални култури) да се поместува во границите на општите цивилизациски придобивки во рамките на глобалните културноисториски процеси. Ваквиот социолошки и културолошки феномен треба да ја определи рамката за континуитетот на македонскиот културноисториски развој со древномакедонското творечко наследство во класичнохеленистички супстрат, со римската или со византиската културна историја, како и со историските искуства на општословенскиот колективитет.
Во тој контекст напоменуваме дека, недоволната посветеност кон значењето на глобалните цивилизациски и културолошки интроспекции придонесе сè до поново време истражувањата за културноисториските процеси на просторот на Македонија да се одвиваат во ограничени периодични рамки, зашто и претставата за нив се формираше паушално и со недоволна упатеност за развојниот континуитет. Повремено дури и сè уште отсуствува чувството за контекстот и за значењето на глобалните и на општоцивилизациските интеркултурни историски процеси. Тоа резултира да се задржуваат анахроните, асимилаторските и идеолошко-политизираните пристапи на научно проследување. Во моментите кога се пренагласува доминацијата на значењето на словенскиот колективитет за себепрепознавање и себеидентификување, почетоците на историскиот развој на македонскиот културен и национален идентитет се бараат во дејноста на св. Кирил и Методиј, а особено континуитетот на нејзиниот творечки растеж почнува да се проследува од делата на нивните најистакнати ученици и следбеници – св. Климент и Наум Охридски, основоположниците на Охридската духовна и книжевна школа и протагонисти за ширење на словенска цивилизациска свест во Македонија. Но во случајот кога нема да се занемаруваат аспектите што произлегуваат од суштината и од карактерот на феноменот произлезен од процесите на цивилизациско прелевање во македонскиот културноисториски идентитет, тогаш ќе биде сосема јасно дека треба да се имаат предвид уште духовните и културните традиции што се одвивале како глобално искуство и пред кирилометодиевскиот период – во класичноантичкиот и во ранохристијанскиот. Познато е дека македонскиот простор отсекогаш бил центар на Балканот и во Југоисточна Европа, од каде што се активирала дисперзијата на влијателните цивилизациски трансформации низ различните епохи. Токму тргнувајќи од ваквиот истражувачки дефицит во културната историографија пред погледот на цивилизациските крстопати се укажува на потребата, континуитетот на македонскиот културноисториски развој да се проследува постапно и во периодите до кирилометодиевската традиција.
По овие нагласени воведни напомени веќе можеме со попрепознатлива културолошка интеракција да се навратиме на основниот предмет на нашето истражување за проникнувањето на феноменот на словенската цивилизација и култура. Но на самиот почеток никако не можеме да се дистанцираме од дивергенцијата на односниот феномен меѓу дијахронијата и синхронијата на словенскиот цивилизациски систем на опстојување.
Имено, сè до денес сме сведоци дека постојат различни теории и популарни убедувања во однос на градењето претстава за проникнувањето на словенската цивилизација и култура, од најстарите супстрати на индоевропската прасловенска традиција на Венетите, Антите или на Склавените – па сè до средновековните Словени, кои го приспособиле сопствениот нов општествен и културен идентитет како симбиоза со повеќето домицилни традиции и духовни импресии од просторите коишто ги населувале. Сите актуелни теории главно се обидуваат да ги решат сложените прашања кои произлегуваат од археолошките наоди на денешните словенски територии, или од какви и да се други сочувани материјални и духовни извори во кои на посреден начин се бараат заумните одговори, па дури и од култно-легендарните опсервации на словенската митологија. Едноставно врз длабоката историја на човештвото надвиснала магијата на митовите и на легендите, при што и не може точно со сигурност да се докаже местото и периодот каде и кога прасловените живееле пред големите преселби во западните предели. Затоа и обидите да се идентификува домицилната древна цивилизација и култура на овој огранок на Индоевропјаните секогаш ќе бидат подредени на разновидни романтичарски импресии. Таквите претстави нужно ќе им служат на современите народи за напојување на националните потреби во колективниот идентитет. Дури во дијахрона и во синхрона позиција останува недорешена и етимологијата на народносниот колективитет „Словен“. Па како иронија можеме да нагласиме дека иако некои истражувачи зад самиот назив се обидуваат да ги идентификуваат „оние кои знаат да словат (да зборуваат)“ – сепак современата славистика останува „она која сè уште доволно и прецизно не знае за нив да слови (да зборува)“.
Во контекст на погоре изложеното напоменуваме дека сепак, обично во историографијата проникнувањето на словенската цивилизација и култура почнува појасно да се анимира од периодот на т.н. голема преселба на народите (односно словенската колонизација), која се реализирала во раниот Среден век – од 80-тите години на VI и низ целиот VII век. Треба да се нагласи дека настанатата духовна и културна симбиоза на домородните (домицилни) населенија со доселените словенски племиња настапила под силното влијание на византиската глобализација. Притоа во актуелниот социолошко-културолошки амбиент станале мобилни два важни фактори: словенизирањето и христијанизацијата. Имено, процесот на словенизирање ги зафатил домородните населенија од колонизираните средини, при што на општествената сцена постапно стапила надвладејачката позиција на словенството како колективен идентитет. Од друга страна пак, процесот на христијанизација ги истиснувал паганските традиционални духовни искуства на доселуваните словенски племиња како резултат на осмислената и функционална политичка доктрина, која требало да ја обезбеди лојалноста за интеграција на Словените во византискиот глобален свет.
Произнесената историско-цивилизациска проекција од наша страна најилустративно ја докажуваме преку исклучително сложените процеси што се одвивале на просторот на Македонија. Впрочем токму нивното недоволно социолошко или културолошко дообјаснување влијаеше, а и сè уште влијае, да се притемнува или да се отуѓува македонското историско препознавање – па дури и се позајмуваат делови од нејзиниот идентитет и истите се вградуваат како приспособено искуство во современите темели на туѓите соседни национални традиции. Основата во разјаснувањето на цивилизациското премостување во овој период од континуитетот на македонскиот културноисториски идентитет лежи во обемот и во суштината на надградениот процес што ја афирмирал појавата на т.н. словено-византиска и притоа христијанска цивилизација и култура. Но и на тоа му претходеле последователни процеси како приспособено искуство за проширување со нови општоцивилизациски вредности на духовно и на културно живеење со мотивирана интеракција на разновидни врски и влијанија.
Имено, уште во почетокот на IV век издвоеното Источно римско царство – Византија се потпрело врз древномакедонските историски и културни искуства, при што се испреплетило наследството на моќната Македонска Империја што згаснала со исто така моќната Византиска Империја што се родила главно врз нејзините темели. Новиот духовен и културен развој се заложил на христијанската форма во општественото расудување да ѝ се посвети примарна улога при градењето на идејните и на мисловните системи во своевиден нов цивилизациски однос на живеење. Врските на македонската ранохристијанска и средновековна културна традиција со византиската биле неограничени, при што во овој домен се вршела трансмисија на верската, филозофската и на културно-творечката мисла во двете насоки. Уште во почетокот од ранохристијанскиот период Византија ја основоположувала својата цивилизација и култура и на македонскиот простор. Понекогаш, дури, во општиот византиски културноисториски развој позицијата на процесите што се одвивале во Македонија периодично имале својство на изворен центар за актуелизирање на развојните тенденции што ги наметнувало времето. Но домородното македонско население ги восприемал духовните и културните доживувања на престижниот византискогрчки коине јазик за општа комуникација во византиската полиетничка и мултикултурна средина.1F
Затоа, пак, веќе активираниот словенски миграциски наплив од втората половина на VI век натаму предизвикал влијателни етнички промени на просторот на Македонија и пошироко на Балканот. Домородното (домицилно) македонско население, кое дотогаш било сообразено со византискиот духовен, културен и административно јазичен амбиент, дошло во ситуација да се вклучува во новата етничка симбиоза со словенските доселени племиња и по извесно време станало билингвално (а во поширокиот византиски општествен контекст и трилингвално). Како што нагласивме и погоре, оттогаш на општествената сцена во Македонија почнала да стапува на сила надвладејувачката социолошка позиција на словенството како колективен идентитет.
Но и за тој заживеан цивилизациски просец постои своевидна историска последователност.
Уште при самиот контакт со политичкиот и со јавниот живот на Византија, доселените Словени почнале да го восприемаат нејзиното духовно и културно влијание. Христијанството како воспоставена духовна или културна традиција во Византија почнало постепено да проникнува меѓу Словените, зашто при нивното населување во Македонија и пошироко по Балканот тие дошле во контакт со древните ранохристијански центри. На просторот на Македонија имало изградено голем број ранохристијански храмови, кои одиграле пресудна улога во насока на идната христијанизација меѓу населените Словени. Веќе во 20-тите години од VII век низ целата територија на Македонија имало населено словенски колонисти. На нејзиниот терен се нашло население од племињата: Драго¬вити, Велегезити, Берзити (Брсјаци), Сагудати, Ринхини, Струмјани и Смолјани. Сепак, со населувањето на Јужните Словени на македонскиот простор и на другите простори на Балканот што биле под византиско управување не настапил во сила на реализирање и процесот на апсолутно словенизирање.
Во почетокот секоја етничка група внатрешно комуницирала и егзистирала со сопствените јазични и духовни традиции. Но целосната изолираност не можела да опстојува, зашто на истите простори етничките заедници биле предодредени да живеат заедно. Постепено домородното македонско население паралелно комуницирало и на словенски јазик, станувајќи билингвално. Едноставно тоа социолошки било наложувано поради нужноста од меѓусебните трговски контакти при размената на стоки и орудија. Подоцна уште поилустративно ваквата инволвирана интеркултурна комуникација се отсликала и во 5-тата глава од содржината на Житието за св. Методиј Солунски, каде што при предавањето на должноста за Моравската мисија во 862/863 година не било случајно наведено обраќањето на византискиот император Михаил III кон св. Константин-Кирил: Друг не може да го направи ова, освен тебе. Затоа, еве ти многу дарови и земи го брата ти, игуменот Методиј, па оди! Оти вие сте солуњани, а сите солуњани чисто словенски зборуваат.2F
Првовремено по преселбите Словените биле имуни на затекнатата христијанска духовна традиција, па активно ја негувале старата словенска вера од паганската прапостојбина. Всушност, народната религија и митологијата на Старите Словени ги почитувале божествата на природата и виртуелната моќ на натприродните сили. Сепак природната животна симбиоза на Словените во новите средини каде што доминирало влијанието на глобалниот христијански амбиент почнала да ги оддалечува од паганските визии и стимулирала активна духовна трансформација поради нужноста од меѓусебни културни и цивилизациски прелевања.
Овие глобални процеси биле сложени и се одвивале со забавено темпо во период од скоро три векови. Имено, словенските колонизатори спонтано ќе се адаптирале на христијанскиот духовен и културен свет под влијанието на контактите со домородното македонско население и со духовната библиска традиција, но таа интеркултурна цивилизациска функција лесно не можела да се реализира, зашто доселеното словенско паганско население тешко го совладувало восприемањето на византискогрчката јазична и писмена комуникација. Требало да се сочекаат функционално созреаните социолошки и културолошки фактори кои ќе го поттикнат феноменот на историското проникнување на стандардизацијата на старословенскиот книжевен јазик, на словенската писменост, на книжевно-творечките процеси, како и на словенското богослужење. Финалето на ваквата историска епизода на словенско цивилизациско и духовно прелевање почнало да се разрешува со политичкото активирање на кирилометодиевската сесловенска мисионерска и просветителска дејност. Со тоа веќе во првата половина на IX век се појавила историската потреба да се премости балансот на словенското двоеверие и да се затвори крстопатот што во различни насоки ја насочувал врвицата кон паганството и кон христијанството.
Насоки на доселувањето на Словените
при големата преселба на народите во VI-VII век.
(Извор: Византиско-македонски книжевни врски,
Второ електронско издание, Скопје 2012).
Перун, врховниот бог на старите Словени.
(Извор: https://mk.wikipedia.org/w/index.php?title).
Паганските верувања кај старите Словени.
(Извор: https://mk.wikipedia.org/w/index.php?title).
#b
1. Види поопширно во монографијата: Илија Велев, Византиско-македонски книжевни врски, Скопје 2005; Второ електронско издание, Скопје 2012.
2. Види: Панонски легенди, Житие за св. Методиј, Глава 5. Превод на современ македонски јазик Јован Таковски, Скопје 2001, стр.84.