ГОВОР ВО ЧЕСТ НА ПОЕЗИЈАТА

/, Литература, Блесок бр. 153/ГОВОР ВО ЧЕСТ НА ПОЕЗИЈАТА

ГОВОР ВО ЧЕСТ НА ПОЕЗИЈАТА

Споменатата определба на Влада Урошевиќ е кристализирана веќе во збирката првенец – „Еден друг град“ (1959) која има програмско значење и прераснува во водечки (авто)поетички принцип, иманентен за целокупната поетика на авторот: во добро познатиот град, поетот открива „еден друг град“, град кој, иако нема да го најдеме на географските карти, не е помалку вистинит, автентичен, жив, духовно богат. Тоа е „град во кој Месечината / смета за своја должност / да ги измеша картите / на можното и на невозможното“ – вели поетот во песната „Ноќ на полна месечина над Скопје“. Способноста да се откријат невообичаени агли на гледање на нештата што ги сметаме за вообичаени, за овој поет е една од најпоетските способности. Според Жак Гошрон, Урошевиќ поседува луцидна моќ „да го види невидливото во утробата на видливиот свет“. Како секој вистински голем поет, Урошевиќ умее да ја долови и онаа молскавична, миговна убавина на нештата околу нас која ни бега, аналогно на онаа „песочна ружа“ од неговата истоимена песна која „расте / можеби од ветрот / можеби од сенките на облаците / се расцветува на песокот / ќе поминете / а нема да ја видите…“ Поетот е сеизмограф на несознајното, недостапно за обичните сетила.

Влада Урошевиќ важи за поет на впечатливи, зачудувачки слики со нагласена асоцијативна моќ, повеќезначност и вонредно нијансирано богатство. Во оваа поезија: „Дожд врне како жена кога спие“, „врне како чудо“; „Една жена го отвора самракот како чадор: / испаѓаат птици без пердуви, џамлии и една диња“; „фрлениот весник со ветрот се гушка“, „ветрот дува / ги носи пејзажите / летаат бандери шапки вештерки на метли“, а „однекаде упорно мириса на сол“ и морето праќа глас „оддалечено сто и една морска милја“. Поетот влегува во „леопардова кожа распната на морското дно со подвижни шари“ (каква извонредна алузија на Дионис!), се идентификува со митскиот Минотаур, „наполу бик, наполу човек“ кој е само еден музејски експонат на кој „две постари дами (…) му даваат малку трева“, додека „туристите чкрапаат со апарати“. Во овие стихови сѐ е поврзано и бодлеровски созвучно: „Во индиските храмови спијат мускетари“, „вулканите исфрлаат мумии и римски пари“, „возот се претвора во мрачна подморница“, змиите ги носат „шарите на Византија“, охридскиот пејзаж „оди од жолто до изненадување“. Поетовата откривачка визура му пркоси на рационалниот поредок, си поигрува со логичкото мислење и со навиката, стекнува поетски статус и функционира според некои свои сопствени правила. Оттаму и цел спектар неверојатни феномени во оваа поезија: велосипедистите се „сјајни метеори“, птиците „имаат лисја место крилја“, планините – „крзно место снег“, а плодовите – „очи место семки“; „во секој плод се крие една ѕвезда“, „кајсијата се отвора како женско тело“, „градината“ е „опсерваторија“, а „текстот на полето – палимпсест“. И уште: Скопскиот Камен мост „не е од камен“, туку од „килибар / и стара слонова коска, малку потемнета / од вековите“; „Даут-пашин амам ги подава кон небото своите дванаесет дојки / како некаква Артемида од Ефес / што легнала да се одмори“; „Библиотеката е брод што тоне“, а чудовиштата „ужасни и привлечни“, „в самрак излегуваат од аглите (…) / Ги затемнуваат огледалата, лазат преку книгите, / оживуваат од шарите на килимот“… Поезијата на Урошевиќ ѝ дава крила на имагинацијата, ги потхранува соништата, ја разигрува фантазијата…

Ако потрагата по необични, динамични, парадоксални и чудесни глетки, умешноста за конкретизација на апстрактните поетски визии, но и за „очуднување“ на реалните топоси, како и диспаратноста и интензитетот на самите слики, недвосмислено ја водат поезијата на овој наш автор надвор од нејзините гранции – кон симбиоза со ликовното и кон екфразиска поезија, тогаш по еуфоничноста на стихот и по склоноста кон барање на звучни совпаѓања, тој се доближува до магијата која своите инкантации ги гради, честопати, врз зборовна игра, врз откривање на звучни совпаѓања и изненадувања. И додека во младоста ќе биде еден од поборниците на „слободниот стих“ (кога тој бил еден вид отпор кон официјално прифатената поетика), Урошевиќ потоа ќе ја промени својата поетска техника. Неговата поезија честопати е еден вид „зборовна магија“; оттаму и тајната формула „Ента бента табур табар“ во песната „Вечерни игри“, и магичниот палиндром „Абланатаналба“ во истоимената песна, или пророчките зборови „Мане, текел, фарес“ и волшебниот рефрен „Алф лаила ва-лаила“ во „Пофалба / Поплака на приказните на Шехерезада“, како и каталогот на детската запрашаност во „Приспивалка – лажисон“ и многу други. „Овие песни ќе ве восхитат. Во секоја смисла на зборот. Со нивниот необичен шарм, со нивната музика“, ќе изјави францускиот поет Пјер Гамара по повод стиховите на Урошевиќ кои се „обид да се искаже неискажливото“. Од јазичен аспект, поетската одисеја на Урошевиќ се темели врз верувањето во моќта на говорот и тоа многу повеќе во сугестивноста на звукот на тој говор, отколку во неговото значење. Во оваа смисла, и великиот Борхес ќе рече: „Постојат стихови што се прекрасни, а немаат значење. Но тие, сепак, имаат значење – не за разумот, туку за имагинацијата. Постои задоволство од зборовите и, се разбира, од нивниот ритам, од нивната музика. (…) Тие не значат ништо, а и не се сочинети со намера да значат што било; а, сепак, функционираат. Функционираат како нешто убаво.“

Овие согледби на Борхес кореспондираат со некои ставови на Урошевиќ изнесени во текстот „Ars poetica“: „Премногу рационалност ѝ штети на поезијата. За песната да стане и да остане поезија потребна е извесна доза на непромисленост – постигната низ игра, низ препуштање на случајноста, низ скоковита асоцијативност, низ некаков вид зборовен транс, низ хумор – за да се стигне во пределите во кои низ рационален пристап не би можело да се навлезе.“ Токму играта е еден од клучните постулати и врвен творечки принцип на Влада Урошевиќ. Но, не сфатена како некаква неодговорност, несериозност или лишеност од смисла, туку како неповторлива авантура на духот која води, на еден заобиколен начин, кон сериозни цели. „Поезијата е наивна игра на чијшто почеток и крај стојат темни и пеколни бездни“, напиша овој поет уште во годините на своите книжевни почетоци. И остана доследен на овие зборови до денес. Неретко, играта добива автоироничен призвук, како во песната „Поет“, која започнува со стиховите: „Потребен е а дури и неопходен / како чадор за сонце на Антарктик / како молец во кабинет со географски карти.“

Поетскиот лудизам е во синергија и со смислата за чудесност и со слободната детска имагинација. Италијанскиот романтичар Леопарди своевремено рекол дека „децата гледаат сѐ во ништото, а возрасните – ништо во сѐ.“ За Урошевиќ, во детството лежат корените на нашата имагинација и секој поет (и уметник, воопшто) низ творештвото се обидува да ја поврати, барем за миг, таа моќ за откривање на светот „како за првпат“, зашто имагинарниот паноптикум кој е повод за очудување е миговен, но тој за детето има значење на цел еден космос. И играта меѓу сонот и јавето, нивното заемно преплетување и прелевање е константна одлика, невралгично место во поезијата на Урошевиќ: „Каде ја носи бранот и кој очите ѝ ги шири / пред која глетка, пред кое чудо, седмо, осмо?“ – љубопитен е лирскиот субјект во песната „Жена која спие“, суптилно алудирајќи на раскошните чуда што ги кријат рудните слоеви на сонот сфатен нерваловски, како „друг живот“. Урошевиќ е редок поет кој ја знае „тајната на сонувачите“, формулирана во дистихот: „Спијачите си спијат, / сонуваат само сонувачите.“

Ако со „компасот на сонот“ (како што гласи насловот на една негова песна) поетот броди по чудесните предели на ониричното на микрокосмички план, со еден друг омилен инструмент, астролаб, Урошевиќ тргнува во „лов на неуловливото“ – кон ѕвездите и кон вселената (макрокосмосот). Сфаќајќи ја поезијата како „еден вид есенција на духот“, како „секавично сознание дека вселената може да се сфати и преку едно зрнце песок“, односно дека „секое зрно песок, всушност, е еден космос“ (звучи блејковски, зар не?!), овој поет сака да укаже на присуството на чудото и таму горе, и тука долу: „Она што сакаат да го одгатнат вселенските летања, всушност, е скриено во содржината на плодот“; „овошките се планети, светлината – нивната сладост“ – читаме во „Ѕвездени овоштарници“. Преку ѕвездите, најавени веќе низ стиховите на песната „Јужна ѕвезда“ (Невиделица), се воспоставува линк и со научното чудесно, кон кое Влада Урошевиќ, исто така, пројавува несомнен афинитет, во согласност со култот кон знаењето што толку несебично го негува и со интересот за астрономија и астрологија, но и за новите научни откритија, воопшто. Неговите „Песни за XXI век“, објавени пред точно 30 г., за Франсис Комб се „безмалку пророштва“; тие „го соопштуваат ризикот да гледаме како умира животот на Земјата: закопот на едно езеро, вселенското стебло што повеќе не дава плодови, пластичната планета со сулфурни цвеќиња… Еден свет во кој сите убави нешта се под закана.“ Во песните од овој вид, поетот станува заговорник на своевидна биоетика.

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
2024-05-12T11:55:50+00:00 мај 12th, 2024|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 153|