ГОВОР ВО ЧЕСТ НА ПОЕЗИЈАТА

/, Литература, Блесок бр. 153/ГОВОР ВО ЧЕСТ НА ПОЕЗИЈАТА

ГОВОР ВО ЧЕСТ НА ПОЕЗИЈАТА

Јазикот на поезијата е јазик на љубовта и убавината, на загубата и болката. Живееме во свет што претставува своевидна симфонија на страв и ужас и иако Урошевиќ нема илузии дека поезијата има моќ да ја спречи дехуманизацијата на денешниот свет и актуелните турбуленции од планетарни размери (војни, бегалски кризи, еколошки катастрофи, монструозни експерименти во биотехнолошките и компјутерски лаборатории и сл.), тој верува во „скриената сила“ на поезијата и во пророчката улога на поетот, како во песната „Озборувања“, во која читаме: „Тој води кртови на прошетка низ рудници, / тој е плашило вљубено во молњата. / Тој има в џеб пеколна машина / темпирана за по три века; тој е поет.“

А поетот од форматот на Влада Урошевиќ, не подлегнувајќи им на никакви книжевни трендови и моди, од збирка во збирка, продолжува да му одговара на предизвикот на сè уште невиденото и сè уште недоживеаното, проширувајќи ги притоа хоризонтите на поетското. Неговата најнова, 11. по ред поетска книга „Безразборна лабораторија“ (2019), е во знакот на суптилниот сенс на овој поет за можните римувања меѓу редот и авантурата; таа сведочи за ученоста, ерудицијата на поетот, од една страна, а од друга, хедонистички е нурната во морето од сетилни сензации и перцепции. Во поглед на сетилните дразби, Урошевиќ во повеќе наврати ја нагласувал важноста на смената на годишните времиња и промените во природата, на чувствувањето на мирисите, на вкусовите, дури и на тактилните доживувања, зашто тие, иако се, навидум, овоземни и физички, ги отвораат портите кон некаква метафизичка суштина на нашата егзистенција, упатуваат на кружниот тек на животот и на смртта, на нивната дијалектика и цикличност. За овој поет, „загатката е праформа на поезијата“; токму енигмата, мистеријата на универзумот и на човековото суштествување, како едно вечно реми на Еросот и Танатосот, е оној опсесивен копнеж, во својата суштина универзален и длабоко хуманистички, кој ја бранува творечката пловидба на Урошевиќ. Неговиот поетски напор е насочен кон откривање на загатката на светот – суштината на животот, но слично како и кај алхемичарите, се работи за еден никогаш недовршен процес бидејќи, на крајот, повторно останува тајна, прашање, загатка…

Космичките резонанци во поезијата на Влада Урошевиќ, со својата исклучителна кристализација на изразот (од „неспокојството во пејзажот“ до „ѕвездените овоштарници“), со митотворечката енергија што ја црпи од имагинацијата, како и со универзалноста на поетската мисла за човековата положба под ѕвездите, го дополнуваат мозаикот на вечната поезија на човештвото која постои за да ги пренесе низ временските мени духовните константи, истоветноста среде различието, чудесното траење на трошните и минливи облици. Поезијата е небески отсјај на лицето на земјата, а нашиот вечерашен венценосец, поетот Влада Урошевиќ, е земниот отсјај на ѕвезденото поетско небо. Или, како што ќе запише Љубомир Левчев, добитникот на „Златниот венец“ на СВП (2010): „Урошевиќ е еден од последните чудотворци во светското царство на поезијата.“

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
2024-05-12T11:55:50+00:00 мај 12th, 2024|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 153|