#1 На една слика од раниот период на Глигор Чемерски, настаната некаде во средината на шеесеттите години, среде летниот предел се крева, како да е жив, доцнохеленистичкиот бронзен сатир од Стоби во својата поза на екстатичен танц. Сликата носи наслов „Пастирот од Стоби“. Префрлајќи го со овој назив од областа на митологијата (Цивилизација) во областа на селското секојдневие (Природа), низ својата верзија на овој митски лик Чемерски прави една преобразба која ќе биде карактеристична и суштинска за неговата ликовна поетика и филозофија сè до денес: низ неа тој ја доближува Цивилизацијата кон Природата, го покажува нивното проникнување и заемно дополнување, толку специфични за македонската почва. Цивилизацијата тука израснува од Природа, за потоа да ѝ се врати како нејзин сопствен белег.
#2 Поради тоа може да се рече дека геолошките и цивилизациските пластови на Македонија во визијата на Чемерски се измешани; спонатаната везба на природните одлики, и трагите и белезите на уметничката дејност која траела на овие простори со милениуми, се доближуваат до заемна заменливост. Во творештвото на Чемерски, во неговите видувања на Македонија, се помируваат Природата и Цивилизацијата; она што е создадено со играта на природните сили, со долготрајните влијанија на горештината и студот, на ветрот и водата, и на она што се натрупувало како плод на дејноста на човечките раце и на неговата потреба да создаде свое сопствено овоплотување на идејата за убавина, среќно се спојуваат во едно.
#3 Во своите почетоци Чемерски се впушта во потрага по следите што античкиот дух ги оставил врз нашата почва: тука се и грчките сатири, и козата – доилка на Зевс, и козјоногиот Пан, Орфеј со својата свирка која го будела каменот, Икар со својот екстатичен и трагичен лет. Тоа што се одигрува на платната на Чемерски од тие години се настани и глетки на една особена митологија која инсистира, во промислувањето на овој сликар, врз поврзаноста на дивата природа и на мистерииите што низ пројавите на таа природа го откриваат присуството на божествените сили во неа. Низ овие слики Чемерски го внесува, во една мошне видлива и недвосмислена форма, медитеранскиот дух во современото македонско сликарство, Оттука, потоа, ќе произлезе оној специфичен спој на занесот на празнувањето и трагичното претчувство на крвавата разврска на жртвувањето, опиеноста од сончевината и насетувањето на близината на подземните сили, Еросот и Танатосот кои се неразделно поврзани во ова сликарство.
#4 Оваа склоност кон античкото наследство на почвата некако природно преминува во желба за доближување кон наследството на Византија; сеќавањата за паганството на античките култови и сеќавањата за аскетската духовност на Византија без резок премин се надоврзуваат, во сликите на Чемерски, едни на други. Всушност, во ова сликарство тие се помируваат помеѓу себе, и ги наоѓаат своите допирни точки низ припадноста на иста почва и низ надоврзувањето на иста линија на духовен континуитет, во која потајно се пронаоѓаат Дионис, богот на виновата лоза и на виното, со нерешкиот свети Трифун, заштитник на лозјата. Ведриот и весел Икар на Чемерски и верзиите на ангелите од Света Софија, кон кои толку пати се навраќал овој сликар, летаат со ист вознес кон светлината.