Сакам многу кратко да проговорам за односот меѓу поезијата и сликарството, поконкретно за односот меѓо поезијата на нашиот истакнат македонски писател, Михаил Ренџов и и она што јас се трудам да го создадам.
Секогаш кога размислувам за поезијата во сите нејзини форми и значења, знам длабоко во себе дека таа е уметност, стара и нова, колку што е старо и ново човештвото. Таа чудесна игра со зборови ги изразува чувствата. Или, поинаку речено, постојано е во потрага по внатрешниот човек. За поезијата не постојат пишани закони и правила. Нејзината мистериозност може рамноправно да се мери со онаа на музиката, сликарството, литературата во целина, скулптурата и архитектурата. Сликарската уметност во себе ја содржи поезијата и тоа во сите фундаментални, онтолошки, елементи на својата структура. Тоа значи, во композицијата, бојата, цртежот, просторот и во звукот на хроматскиот знак. И сликарството е игра – чудесна игра, но како и поезијата тоа ги признава само законите на битието творечко и на неговиот најголем идеал: слободата во изразот. Еден, единствен и неповторлив. Како и поезијата, и сликарството е во потрага по оној внатрешниот човек што живее во сите нас без исклучок. Така, поезијата и сликарската уметност ја пресоздаваат природата низ игра што е силно и мошне сериозно озаконета од личноста на творецот. За создавање песна е потребно пред сѐ дарба и искреност, а не некоја академска ученост. – запишал во една прилика Борхес. Тоа истото, важи и за сликата. Ако во песната и сликата нема дарба и искреност, тогаш нема ниту песна, ниту слика. Поезијата е вистинска вера и магија. Пишувањето на една песна е религиозен и магиски чин во кој учествуваат духот и фантазијата на читателот и на нејзиниот творец. И сликата е на потполно исто рамниште. Таа не е на платното, туку во оној чудесен меѓупростор што го создава творецот, а го одредува гледачот и неговиот дух. Поезијата не може да се избере и не може да биде професија. Ниту сликарството може да биде професија и избор.
Тоа се темелните врски меѓу живата лирска експресија во поезијата на современиот македонски поет Михаил Ренџов и сликарството што јас го создавам. Благодарејќи на тие идејно-естетски определби и значења, некои мои слики излегоа од поезијата на Ренџов и некои негови песни излегоа од моите слики. За жал, времево што го живееме и потполно урнатиот систем на вековните човекови вредности, не е во состојба вистински да ги издвои и процени живите знаци на творечкиот чин кој е единствено моќен да ги воскресне и преобрази сите наши темници. Само низ него ќе ја допреме нашата внатрешна светлина, а со неа ќе го огрееме и светот. Осаменоста во која е изгубен таканаречениот современ човек е сѐ подлабока и апсурдноста со која тој денес се судира во сите простори на неговото живеење го нагризува јадрото на неговото битие. Тој просто е присилен да го слави пророкот како вредност и слобода. Денес, патот кон неговата голгота е исто толку драматичен и крвав како и оној на учителот од Назарет. До крстот и на него. Но, има ли надеж за воскресение? Темнината, ми се чини дека станува сѐ подлабока и погуста, како да нема разденување. Којзнае? Можеби единствено творецот е во постојана битка со таа светска ноќ. Тој сѐ уште верува во своите божествени можности да создава убавина што ќе ја одбрани човековата внатрешна и надворешна светлина. Оваа ноќ, посветена на поезијата на современиот македонски писател, Михаил Ренџов, а проследена со дел од моето сликарство, јас лично, а верувам и вие ќе ја доживеете како мал, но мошне значаен прилог во победата над адот што постојано се заканува да нѐ проголта.
Обраќање на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово, 2004 година
АвторВладимир Георгиевски