Буре барут

Буре барут

Сцена 1
Сцена 2

За арно, за убаво

(Кафеана. Речиси празна. На една маса седи Анѓеле. Средни години. Пие пиво. Влегува Димитрија. Стар е. Сакат е. Оди со патерици. Тешко седнува на другата маса. Анѓеле го гледа. Го испива пивото. Оди кон него.)

АНЃЕЛЕ: Како си, чичко Димитрија?
ДИМИТРИЈА: Сполај му на Бога.
АНЃЕЛЕ: Ќе се напиеш нешто?
ДИМИТРИЈА: Пиво.
АНЃЕЛЕ: Ме памтиш?
ДИМИТРИЈА: Не.
(Се гледаат. Анѓеле станува. Носи две пива. Седнува.)

АНЃЕЛЕ: Што наваму?
ДИМИТРИЈА: Помини, замини.
(Пауза.)

АНЃЕЛЕ: Ти се случило нешто?
ДИМИТРИЈА. Остај. Не прашувај.
АНЃЕЛЕ: Некоја несреќа?
ДИМИТРИЈА: Не прашувај.
АНЃЕЛЕ (Наздравува): Ајде за арно, за убаво.
ДИМИТРИЈА: За арно, за убаво.
(Пијат.)

АНЃЕЛЕ: Сообраќајка?
ДИМИТРИЈА: Арно да беше.
АНЃЕЛЕ: Аман,бре?
(Пауза)

Си паднал?
ДИМИТРИЈА: Не.
АНЃЕЛЕ: Те тепал некој?
(Пауза.)

ДИМИТРИЈА: Да.
АНЃЕЛЕ: Кој?
ДИМИТРИЈА: Кој?
АНЃЕЛЕ: Не памтиш?
ДИМИТРИЈ А: Не го видов.
АНЃЕЛЕ: Совреќа?
(Пауза.)

Некој борч си имал? Си му згрешил на некого?
(Пауза)

Добро те суредил.
ДИМИТРИЈ А: Како ти беше името тебе?
АНЃЕЛЕ: Анѓеле.
ДИМИТРИЈА: Анѓеле?
АНЃЕЛЕ: Не ме памтиш?
ДИМИТРИЈА: Старост.
(Пауза.)

АНЃЕЛЕ: Баеги те закачил. Те здробил.
ДИМИТРИЈА (Го испива пивото): Со хебла.
АНЃЕЛЕ: Со хебла, а?
ДИМИТРИЈА: Со чекич.
(Пауза.)

Со хебла и со чекич. Чекич, седум, осум кила. Најмалку. Коска по коска. Секоја набашка. Фрактура на дваесет и седум коски. Три пукнати. Прелом на ребрата. Прелом на черепот. ’Рбетот. Оштетена кичмена срж.
(Пауза.)

Имам проблеми со главата. Стално ме боли. Да ѝ ебам мамата. Левата нога ми е четири прста пократка. Три прсти отидоа. Ме крпеа, ме правеа, ама не ја бидува. Деснава рака не работи. Хеми… пу, да ти ебам мамата, хемипареза на целата десна страна. Тешка моторна афазија. Мускулен тонус и … хипертонија. Кочење на вилицата. Се изместила некоја коска. Едниот бубрег ми го извадија. И другиот не е добар. Не смеам да пијам. Ама пијам. Навечер ич не додржувам. Заспи, измокри се. Тешко дишам. Да му ебам мамата. Поарно камион да ме удреше.
(Пауза.)

Предвремена пензија. Без заслуги и посебни додатоци. Повреда на работно место.
(Пауза.)

Добро е. Не се жалам. Сум го поминал ја моето. Не треба повеќе. Старост, грдост. Да прашаш за Димитрија Жандарот. Што жени имам превртено. Не се добројува. Уште бодам, да си ебам мамата. Старата вика, аман бре Димитрија, ем криво ем клоцливо.
(Пауза.)

АНЃЕЛЕ: Така било пишано.
ДИМИТРИЈА: Да сме живи здрави. Ај, за арно убаво.
АНЃЕЛЕ: За арно, за убаво.
(Пијат. Анѓеле го гледа Димитрија.)

Знаеш ли кој те тепаше?
(Пауза.)

ДИМИТРИЈА: Кој?
АНЃЕЛЕ: Јас.
(Пауза.)

Со хебла и чекич. Девет кила. Мислев сум ти скршил триесет и две коски. Толку сакав. Не се бранеше, да си ебеш мамата. Не можеше. Како да удирав во полумртва бала месо. Бревташе како свиња.
(Пауза.)

Ме памтиш? Возев нов црвен форд ескорт. Сите тогаш возеа канти. Ми го удри пикот. Бев со девојка. Сакав да бидам фраер. Ме извади надвор. Ме растури. Мама ми еба. За џабе. За курташак. Со пендрек меѓу нозе. Меѓу нозе, чичко Димитрија. Уште ме боли. Што ти згрешив толку, да си ебеш мамата? Те тужев. Џабе. Кадија те тужи, кадија те суди. Голем фраер беше. Јас бев никој и ништо. Два дена не станав од кревет. Третиот ден станав. Пак се вратив во кревет. Тестисите ми беа потечени како балони. Место јајца, лубеници. Две операции. Неуспешни. Долго време не смеев да погледнам во жена. Ме болеше кога ќе ми се дигне. Немам деца. Ебам ретко, ама лошо.
(Пауза.)

Сакаш пиво?
(Пауза.)

ДИМИТРИЈА: Мене ми е редот.
(Станува. Незабележливо ги брише очите. Носи две пива.)
АНЃЕЛЕ: Зошто бе, чичко Димитрија?
ДИМИТРИЈА: Зошто?
АНЃЕЛЕ: Како сакати пци.
ДИМИТРИЈА: Ќе пројде како на кутре.
АНЃЕЛЕ: Ама не проаѓа.
ДИМИТРИЈА: Не проаѓа.
(Пауза. Се прегрнуваат. Седат така некое време.)

АНЃЕЛЕ (Наздравува): За арно, за убаво.
ДИМИТРИЈА: За арно, за убаво.
(Пијат.)

2018-08-21T17:21:44+00:00 март 1st, 2003|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 31|