Време на моментот

Време на моментот

За националниот театар
Не-професионалците на сцена
Модели
Кој го уби театарскиот критичар
Идеалниот актер

Умберто Еко, големиот ерудит, писател и интелектуалец, во своите дневнички белешки вели: „Пародијата најмногу ми одговара и не морам да се плашам дека ќе претерам“.
Даниел Хармс сигурно претерал во својата пародија, затоа можеби загинал во сталинистичките затвори, но Еко живее во друго време. Во време во кое ироничноста и циничноста во изразот повеќе забавуваат отколку што плашат. Затоа јас, а и многу други, со задоволство ги читаме и ќе ги читаме, дневничките записи на човекот обдарен со остар ум и рентгенски поглед. Она што Еко го забележува е она што му се случува, што ни се случува, во ежедневниот живот. Значи темите се различни, но тонот на кој ги артикулира е идентичен, остар и циничен.
Во белешката насловена: „Како да се организира јавната библиотека“, дава модел на идеален библиотекар. Според него, идеалниот библиотекар треба да поткривнува за подолго да трае процесот на отварање на картонот со списокот на книгите, слегувањето во подрумот и враќањето назад. На оние пак, на кои работата им е да стигнат до полиците повисоки од осум метра им препорачува раката што им недостасува да ја заменат со протеза или со кука. Оние пак, што немаат два горни екстремитети им препорачува доставувањето на книгите да го вршат со забите.
Забавниот пристап на обработка на темите кај Еко, ме наведе да си поставам слично прашање. Прашањето гласи: Каков треба да биде идеалниот актер денес?
На вакво прашање, избегнувајќи ја духовитоста во одговорот, непознавачот на театарските прилики би рекол: Идеалниот актер треба да биде пред сè: дрзок како што бил Михаил Чехов, во 1912 година кога се јавил на аудиција пред Станиславски. Во него немало ништо актерско. Бил низок по раст, премногу слаб, бил глув, а и имал рапав глас. Имал многу недостатоци, ама имал храброст (дрскост) да застане пред великиот Станиславски. Истиот тој непознавач на приликите би рекол Идеалниот актер треба да биде непокорен и постојано ќе се држи за својот збор во театарската уметност. Тој треба да е полемичар, човек кој не признава друг вид на дијалог за време на репетициите.
Но, познавачите на театарските прилики, оние што денешново време во театарот го карактеризираат како она што Горки го кажал за своето: „Сите до последниот човек се вовлечени во вртлогот на стварноста збркана така како што никогаш до сега не била збркана.“, идеалниот актер го гледаат како хендикепирана личност. Тој мора да е хендикепиран, а неговиот хендикеп да се одгледа преку несакањето на публиката, преку запирањето на секаквата комуникација со неа. Ако не е така тогаш како ќе ги оправдаме актерите што земаат плата, а со години не се појавуваат на сцената, со години не воспоставуваат комуникациски односи со публиката.
Хендикепот на денешниов актер се одгледа и во работните часови. Неговото работно време е блиско или идентично, дури и пократко од работното време на хендикепираните лица.
Хендикепот му се одгледа и во односот со Министерството за култура, со претпоставените. Поради своите очевидни недостатоци ја ведат главата, ја криват кичмата, така што стануваат обезглавени и безрбетни. Инаку, како ќе го сфатиме нивниот индолентен став по однос националната програма за театрите, во која е направена таква какофонија каква досега театрите во Македонија не знаат. Нашиот народ би рекол и магаре се смее. Од една страна се зборува за демократизација, децентрализација во културата, од друга сите национални театри се затвораат во град од триста илјади жители, (ако не ми веруваат скопјаните, нека се пребројат).
Нивниот хендикеп се одгледа и во тоа што за нивното поткривнување на сцената, за нивното рапаво говорење, за нивниот мал раст, никаков талент ги окривуваат секогаш другите, најмалку судбината, најмногу режисерите, драматурзите и публиката која во секој случај не знае што сака.

АвторТрајче Кацаров
2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 26|