Секој што се занимава со театар, во главата има некаков модел. Така вели еден театарски директор во една во соседните земји.
Уште поексплицитно би било кажаното, ако додадеме, секој што се занимава со театар, но и што има оформен карактер, лични квалитети и интелект што го одликува од другите. Инаку бавењето со театар би било еквивалент на лиење крокодилски солзи и ефтино печалење пари.
Вака дополнетата дефиниција ми дава за право стонасто да поверувам дека повеќето нашите театарџии во главата имаат театарски модел.
Дека е така ме уверуваат многу прочитани, слушнати, директно кажани нешта што се однесуваат за битот на нашиот театар.
Значи сигурно имале во главата театарски модел, еден директор на театар и еден владин функционер, кога на една голема сценографка, одкако разбрале дека работи во мал театар, т.е. во провинцијата, и рекле: „Знаеш што работиш, односно, зошто работиш со тие идиоти?“
Сценографката останала зачудена од лелекот на двајцата театарски адоранти и почнала да се извинува дека таа воопшто не била со намера да им истури врела вода во вратот.
Одкако добила и прекорувачки погледи, големата сценографка сфатила дека во земјата во која работи, малите театри по секоја цена, особено, по она што ја одредуваат лажно големите, треба да останат мали и неуспешни.
На навредените од малиот театар сакам да им кажам дека не се виновни тие што ја нанеле навредата, туку нивниот модел во главата и дека треба да си ја повторат лекцијата во која се вели: „Само исклучително подготвен и исклучително вљубен човек може да издржи во театарот.“
Дека секој има свој модел во главата, зборува и тоа што многу наши битни театарски вождови (било на институции било на генерации театарџии) дремат во некоја од политичките стреи и чекаат политичка закрила за да ја изразат својата загриженост за театарот и да понудат модели што никој, од страв не од друго, не ќе посака да им ги сруши.
Театарски модел во главата имаат и тие што во театарот имаат статус на лебарки, се кријат, глава кршат, штом се запали светлото, па затоа никој со години не може да ги види освен во деновите кога со своите лебарски амплоа не дојдат да си земат: плата, додаток за топол оброк и патарина.
Се разбира дека театарски модел во главата имаат и актерите кои јавно, преку говорница, во театарски или градски превоз, ќе кажат или ќе напишат: Со години по осамостојувањето на Македонија, актерот блазирано набљудува како министрите за култура понатаму монотоно се менуваат без да остават никакви траги зад себе, директорите на театрите и понатаму се назначуваат од страна на политичките партии на власт, театрите и понатаму продаваат карти на синдикалните организации и училишта како модус за нивен опстанок, а професорите на факултетите и понатаму имаат високи примања, без да преземат никаква одговорност за тоа што нивните бивши студенти во театрите заработуваат десет пати помалку.
Театарски модел има и театрологот Ристо Стефановски, кој во еден разговор ќе рече: „Во Македонија не се проблем театрите во внатрешноста, туку театрите во Скопје“. На театрите во внатрешноста треба да им се помогне (само не на начин на двајцата театарски функционери кои се огледа во реченицата – Зошто работиш со тие идиоти?), а театрите во Скопје да се рационализират.
Што знам, би рекол Јиржи Менцел.
Не знам дали јас би требало да речам „што знам“, наместо да го изнесам својот театарски модел, за кој немам ниту капка крокодилски солзи како поткрепа.
Време на моментот
За националниот театар
Не-професионалците на сцена
Модели
Кој го уби театарскиот критичар
Идеалниот актер
Не-професионалците на сцена
Модели
Кој го уби театарскиот критичар
Идеалниот актер
АвторТрајче Кацаров