Време на моментот

Време на моментот

За националниот театар
Не-професионалците на сцена
Модели
Кој го уби театарскиот критичар
Идеалниот актер

(избор на Мина Шпела Крстевска)

Во намерата да ја потенцира потребата од театарска естетика, која не ќе произлегува од беспрекорната дикција на актерите од страна, туку од актерите кои пелтечат но тоа го чинат на сопствен јазик, Аугусто Боал, бразилскиот театролог, вели:
„Во земјите во развој беше обичај да се земат како модел и цел, театрите престолници… На уметникот не му е дозволено да биде под влијание на оние кои се наспроти него: Тој сонува за друштво на т.н. учени гледачи. Тој настојува да ги интегрира туѓите традиции не искажувајќи ги своите. Ја зема културата како божја порака, а при тоа самиот не изговара ниту едно зборче.“
Понатаму, во објаснувањето дека театарот секогаш треба да одговара на естетските потреби на рецепторот, т.е. секоја публика сака претстави кои ја потврдуваат нејзината визија за светот, тој вели дека:
Колевката на епскиот театар би била незамислива без своите илјадници пролетери, а кастрацијата и антропофагијата на Тенеси Вилијамс, без Њујорк. Би било, исто така, апсурдно да се прикажува Брехтовата „Мајка“ на Бродвеј, како и „Ноќта на игуаната“ пред „Берлинскиот синдикат“.
Борис Зингерман во својата книга „Жан Вилар и други“, изнесува материјал што кореспондира со ставот на Боал. Зингерман вели:
Антоан, плашејќи се од експанзијата на рускиот театар во 1923 година, поточно плашејќи се од Камерниот театар на Мејерхолд и претставите на Таиров, рекол: Ако не го сопрете непријателот, тогаш ќе нема француски театар, а нашите претстави ќе бидат претворени во германски, руски, црнечки.“
Што ни кажува тоа? Гласно и јасно дека театарот не е само карневал и празник туку дека е и механизам. Механизам на драмскиот ритуал на кој можеме да му одредиме провениенција, национален хабитус, националност. Што значи тоа?
Значи дека треба постојано да му ја предочуваме неговата иманентна задача:
– да биде остров во архипелагот на острови;
– да одговара на домашната естетика на театар;
– да гради емоционален контакт со публиката.
Во книгата „Лавиринти“, Бора Драшковиќ вели: „Драмската ризница е генеалошко стебло на еден народ.“ Истото може да го кажеме и за театарот, а при тоа да додадеме дека: „театарските годови се размножуваат, ткивото созрева во просторот“. Созрева, а зошто? За народот, не сам, туку со својата тешкотија и со осаменоста да влезе во таа созреана клетка и да ја почувствува. Да ја чувствува како охрабрувачки топла, како дишењето на своите најблиски, а при тоа да молчи ама на свој мајчин јазик. Нема човек кој не ужива кога ќе го види својот двојник на сцената и кога не од друг туку од двојникот ќе го слушне своето име или својот прекар. Нема човек кој не ќе сака да ја доживее преку двојникот својата судбина.
Театарот може да има отворени прозорци кон светот, но тој мора да има свое огниште во кое пламенот ќе говори за специфичноста на материјата што ослободува топлина…
Во статијата за националниот театар, Џорџо Стрелер, вели дека создавањето на национален театар подлежи меѓу другото и на репертоарот. Што значи, театарот организирајќи се како национален, добива јасна претстава за што треба да постои и преку што треба да се изразува. Така тој императивно одговара на поставените задачи: Да се навраќа на класиката, да го користи современото, да се свртува кон себе си. Тргнувајќи во пресрет на драмската литература создава инструментариум на својата естетика и идејна ориентација, т.е. потпомага во непреченоста на диалектичките принципи.
Значи, што ни останува како заклучок во одредувањето на нациналниот идентитет на театарот?
Потенцирање на елементите што го чинат:
– театарската претстава мора да претставува механизам што ќе оди во прилог на доживувањето на театарот преку емоционален контакт;
– публиката која и во грубоста на јазикот ќе ја почувствува врската со своето;
– драмските автори кои конфликтот го градат врз националниот интерес.

АвторТрајче Кацаров
2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 26|