(извадок)
Виктор беше повеќе изненаден отколку воодушевен од гласот, но и од стиховите на Султана, па ја замоли некои од нив повторно да ги каже, за тој да може да ги запише. Тежината беше во тоа за кои песни да се одлучи, бидејќи ги сакаше сите. Песните ја опишуваа топлината, радоста, љубовта, но во сите тие работи, најмногу наѕираше маката, преку која им даваше посебна мелодичност, развлекувајќи ги во еден специфичен и редок седумосмински такт. „А зошто да запише господинот Григорович само неколку, кога може ние сите да му ги запишеме и да собереме уште многу?“ на изненадување на сите го праша Митра, занесена од пријатната атмосфера, песните и виното. „Пред некој ден од Јанинка и Трајанка слушнав уште еден куп стихови и приказни од кои срцето на човека затреперува и трпки од нивните зборови низ кожата поминуваат. Можеме да ги собереме сите што ги знам јас, мајка Султана, Јанинка и Трајанка и останатите перачки и слугинки, и да направиме книга. Да направиме наша книга со сите песни и да ја пуштиме по светот да ѝ се воодушевуваат…“ „Не!“ згрме Димитар со истата боја на гласот кој беше причина претходната вечер Митра да си замине од дома. „Не, и идејата веднаш да ти излезе од глава!“ „Мислам дека тоа е убава идеја“, се вмеша Виктор. „Би било навистина голема штета песните што ги знае мајка ти, жена ти и сите жени овде да не бидат поштедени од заборавот. Впрочем, што е тоа што те плаши? Кому песна му нанела зло?! Еве, првите неколку песни нека бидат запишани од мене. Би можело да се направи една навистина убава книга, која ќе содржи собрани песни од повеќе краишта, а извор ќе бидат перачките кои ги спомна Митра дека знаеле многу песни. Таа книга ќе има големо значење и за вашата долгогодишна традиција, но и за вашата култура и постоење. Ако има песни од еден народ, значи и дека тој народ постоел. Еве, јас уште сега ви ја нудам и ја гарантирам мојата поддршка, која ќе ви биде потребна во тој процес на подготвување на книгата. Можеби работата во пракса би била потешка и покомплицирана отколку што можеме да претпоставиме бидејќи првпат ќе се направи книга од таков вид овде кај вас, но убеден сум дека тоа нема да биде пречка за откажување или непотребно одолговлекување. Вашата работа ќе биде да ги соберете песните во што поголем број и разновидност и да ги запишете на едно место. Мојата ќе биде да се ангажирам да се отпечати книгата и, како што рече Митра, да се пушти низ светот. Тој свет не само што ќе биде воодушевен од книгата, туку и ќе се разбуди од стиховите кои ќе бидат содржани во неа. Оваа вечерна гозба, нека ни биде предвремена прослава за успехот и значењето што ќе го постигне книгата.“ Фигурата на Виктор му даваше некаква сигурност на Димитар, па така зборовите кои ги кажа тој не звучеа толку страшно како што звучеа од устата на Митра. „Уште поубаво би било кога песните наместо со грчко писмо, си ги запишете со вашето писмо, со овдешниот јазик кој го зборувате.“ „Јазикот што го зборуваме овде нема своја граматика, тој си е нашки и за нас, не да се шета по светот, како што сакате со нашите песни да направите“, рече Димитар. „Нема граматика, учителе? Па тоа е Вашата работа, да ги устоичите правилата, не да си ги валкате рацете со кал и глина. Јас би сакал да го научам јазикот што го зборувате овде, но по кои правила? Како да го научам?“ „Јас можам да Ве подучувам со некои правила кои самата ги срочив по долго гледање во зборовите и патот како настануваат и се менуваат. Имам и еден буквар – Абецедар, но неговата содржина е едноставна и за деца и иако е напишан на лерински говор, сепак е напишан со латинично писмо, па затоа лекциите ќе бидат по граматиката која јас ја изнајдов“, се вмеша повторно Митра, како воопшто да не ја исплаши повишениот тон на Димитар со кој претходно ја опомена и како да сакаше да му покаже дека ниту еден висок тон или што и да е нема да ја исплаши или обесхрабри. „Можете да бидете мој ученик, бидејќи јас секако барам ученици. Можете да престојувате кај нас, за што ќе си плаќате, ќе ги плаќате трошоците за јадење, доколку овде сакате да јадете и секако, ќе ги плаќате часовите, кои ќе ги следите со уште неколку мои ученици. Бидејќи Вие сте возрасен и потешко отколку кај децата ќе се задржуваат кажаните работи во главата, цената за Вас ќе биде малку повисока, но верувам дека еден доцент на универзитет ќе може да си ја дозволи. Тоа се моите услови, дали ги прифаќате?“