СИТЕ ЛИЦА НА ЧОВЕКОТ

/, Литература, Блесок бр. 129/СИТЕ ЛИЦА НА ЧОВЕКОТ

СИТЕ ЛИЦА НА ЧОВЕКОТ

(Кон поетската книга <i>Човек </i>на Јовица Ивановски, 2019)

Треба човек да се сокрие од човештвото
за да го пронајде човекот во себеси.

Ј. Ивановски

1.

Читајќи ја поетската книга Човек (2019)од Јовица Ивановски пред нас се простира слоевитоста на суштеството наречено човек. Во поетскиот портрет на човекот, но и во поетскиот автопортрет на поетот, во многуте пластови на човекот, секоја песна од 14-те поетски циклуси истовремено ни загатнува и ни открива различен аспект на човековото суштество: сите тие лица, сите тие визури и варијанти, табиети и судбини на човекот, сите тие приказни и насоки на оцртување на човечките контури ги обединува токму човекот сфатен како homo poeticus, како творечко суштество.

Уште во предсократовската философија се велело дека човекот е мера за сè. Веројатно во светогледот на оваа возбудлива поетска книга тоа би значело дека секој човек, секој уметник има право да се определи низ која мера, низ која „оптика”, низ кој „кантар” би го опишал, би го набљудувал, би го мерел, би го скицирал човекот.

Поетската homo mensura на Јовица Ивановски во оваа книга нè води низ паноптикум од 15 битни аспекти на човекот: ако се има предвид и воведната песна во која човекот е акцентиран како 1) суштество кое наследува многу работи од предците и претходниците не само во генетскиот пакет туку и многу пошироко, во истиот број циклуси (14), човекот во оваа слоевита, палимпсестна книга е доживеан и насликан како: 2) суштество кое постојано и неизбежно зависи од воздухот (човекот дишач), 3) како мислечко суштество (човекот мислител), 4) како суштество кое е уникатна, различна и неповторлива единка – иддивидуа (особен човек), 5) како суштество кое постојано живее во сооднос со Другите, 6) како суштество кое во огромна мера и процент е сочинето од вода (воден човек), 7) како иманентно социјално суштество, зоон политикон во Аристотеловска смисла (уличен човек), 8) како алтеритет во однос на другите, но и во однос на себе (како Другиот), 9) како суштество кое живее ограничено време и затоа е омеѓено од времето (времен човек), 10) како внимателен опсерватор на животот (човек набљудувач), 11) како страствено суштество, homo eroticus (Развратен човек), 12) како агонистично и бунтовно суштество (борбен човек), 13) како суштество што љуби и сака да биде љубено (љубовен човек), 14) како суштество кое, иако живее во различни заедници (од брак до држава), постојано се соочува со осаменоста (сам човек) и 15) како суштество кое и во животот и во смртта е поврзано со земјата (земјен човек).

 

2.

Дека овие аспекти се преплетуваат во неразделно единство упатува метафората на килимот од песната со која се отвора стихозбирката Човек од Јовица Ивановски, која се закити со најпрестижната македонска награда за поезија, признанието „Браќа Миладиновци” во 2019 година. Во оваа песна-врата, имено, човекот се споредува со килим од гени. Уште во древна Индија се сметало дека секој човек е сочинет од три нишки (сатва, раџа и тама, симболизирани низ трите бои: белата, црвената и црната), кои можат да прават безброј комбинации, а во поетската визија на Јовица Ивановски секој човек е еден вид комплексен текст, ткаеж, килим, јаболлија, черга, како милувате:

Скап е животот
како персиски килим
од неколку милиони јазли
      врз кој гази кој ќе стигне.
Шарен, уникатен, дизајниран
од пар вредни ткајачи.

Вредноста на книгата Човекот се навестува уште во оваа раскошна, длабоко симболична поетска слика, во која се отсликува поетската свест за драгоценоста, уникатноста и неповторливоста на секој човечки живот, но и свеста за постоењето на законитости кои ги тангираат сите луѓе и одние современите и оние некогашите, а и идните. Па затоа, соочен со неизбежноста (а и товарот) на наследството, во оваа едновремено едноставна но и длабока песна (каква што е поезијата од целата книга), поетот вели дека секој човек се соочува со:

Наследство од кое не можеш
                  да се откажеш.
Го наследуваат и твоите деца,
и многу ти пречи кога кај нив ги
забележуваш своите недостатоци.

Затоа, во оваа песна се нуди една од многуте поетски дефиниции на човекот:

Килим си, сткаен од милиони гени,
чии јазли ќе ги расплетуваат
дури и внуците на твоите правнуци.

3.

Од оваа визура, би можело да се укаже дека поетската авантура на Јовица Ивановски во книгата Човек не е нималку лесна: низ песни кои течат и се читаат лесно да се промисли и сопствениот, но и животот на човекот воопшто. Ова не се претенциозни и учени философски или научни трактати, ами топли и човечни, подеднакво едноставни и сложени, но секогаш искрени обиди да се споделат вредни уметнички сознанија за човекот. Во песните од циклусот „Дишач”, поетот со право тргнува од најосновното, но најнеопходното за човекот – потребата за постојана размена на воздухот со околниот свет. Да се дише, има ли нешто поубаво? – ретко кој би можел и би умеел да го постави толку шармантно и толку точно ова (реторичко) прашање како поет кој токму вдахновен од воздухот ја пушта својата песна како авион од хартија да лета во нашите внатрешни неба. Бегај од небото на кое не виреат птици! – ни покажуваат овие песни како со само еден стих може да се биде и природен и доволно поетичен и ненападно еколошки ангажиран.

Насловот на песната „Попросто, здравје” е речит за потходот на поетот во оваа книга: тој се одлучил (а и му успеало да) пее за работите кои ни се пред очи, а најчесто не ги гледаме, ги дишиме и ги живееме без да ги забележиме. Поетот успева само со два стиха до го долови односот меѓу животот и смртта: Учиме сè додека дишиме. / А потоа ќе научиме да не дишиме, но и фактот дека животот продолжува за оние кои продолжуваат да дишат, да вежбаат и да учат: Сè е вежбање. Да се биде / со некого е истовремено и / вежбање да се биде без него.

АвторВладимир Мартиновски
2019-12-27T12:02:36+00:00 декември 18th, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 129|Tags: |