СИТЕ ЛИЦА НА ЧОВЕКОТ

/, Литература, Блесок бр. 129/СИТЕ ЛИЦА НА ЧОВЕКОТ

СИТЕ ЛИЦА НА ЧОВЕКОТ

Иако на едно место во афористичен стил вели дека уметноста започнува онаму / каде што завршува умивањето автентичната мисловната насоченост на поезијата на Јовица Ивановски е присутна во сите песни од сите циклуси, што секако важи и за песните од циклусот со епитетот „мислечки”. Но рефлексивноста за овој поет секако значи да се одбегне самоумислената самобендисаност и млатењето празна слама околу клишеа. Сосема е разбирливо што во мисловниот опсег на поетот влегува и самата поезија, парадоксално дефинирана како: Бегство од себе, тоа е поезијата / Во меѓувреме се бараш – и тоа е поезија (…) Пренакитените песни се ко упадливо / нашминкани курви и ко силувани елки. – Ете затоа поетите (и непоетите) почнаа / да се палат на едноставноста. Јовица Ивановски е поет кој не сака да чекори по разгазен снег и по предвидливи патеки. Во неговите песни зад секој агол се појавува ново изненадување и нов парадокс. Дури и кога некој стих или некои стихови ни заличуваат на инстант мудрост спакувана во поговорка, поетот умее да ни покаже сосема неочекуван, нов и свеж аспект, како на пример: Животот без промашувања / излетува надвор од целта.

Многупати е кажано дека поезијата, а и уметноста, воопшто се занимава со тоа што е особено, различно, автентично кај секој творец, па затоа Рилке рекол дека „поетот се раѓа во осама”. Песните од циклусот „Особен” неретко ја допираат темата на врската меѓу самотијата и уметноста на зборот: Самотијата не е казна, ни награда, / туку само интензивна дружба со / твојата најверна другарка, поезијата. Како еден вид контрапункт, во песните од циклусот „Другите” во поетскиот фокус се другите луѓе, а особено хипокризијата која уште Молиер ја нарече „помоден порок”. Секој човек во интеракција со другите открива или препознава различни аспекти од себеси. Во песната „Единки на мама и тато” вешто е загатнат еден од најпротивречните феномени на човекот, исконската потреба да се биде различен, единствен, но и удобноста од идентификацијата со некаква заедница: Нема двајца исти, ниту две исти приказни / (близнаците знаат да бидат најразлични). / Милијарди единки почестени со инаквост. / Зошто тогаш секој од нив се чувствува / најсигурно кога е во толпа?

За примордијалниот воден елемент, Ивановски на едно место вели Вода, од неа сме составени / (ние сме подвижни базени), па затоа не е воопшто изненадувачки што еден од епитетите за човекот е и „воден”. Без неа ќе нè испие жедта – се поентира во песната „Некои лица на водата”, а во песната „Некои други лица на водата” низ поетски слики се укажува на дихотомичноста на водата (но и на целата природа) како извор на живот, но и потенцијален предизвикувач на смрт: Знае да биде и најпивка и најсурова (…) Во спротивно, ќе нè испие / како жеден вода.

4.

Уште од првата поетска книга па сè до денес, поезијата на Јовица Ивановски е тесно поврзана со урбаното, со ритамот и здивот на улицата и градот, па неслучајно во неговата визура човекот е неразделен од улицата, како во песните од циклусот „Уличен”. Песните под отворено небо во оваа книга ги тематизираат и промените во градскиот пејсаж со промената на годишните доба (како пролетта во песната „Дрска кучка”) и постепеното исчезнување на флората од градот (Пролет без јоргован е како зима без јорган) и непроменливоста на скопската иконографија по прашањето на загадениот воздух, но и промените на навиките на градските жители, како во песната „На кејот”: Тренерки трчаат по кондиција (…) Два стента се разминаа со пет бајпаса.

Поезијата овозможува за себе да се говори како за некој друг, а кога се говори за другите да се алудира и на себе си. Јовица Ивановски е поет кој вешто и неусилено ја ползува оваа можност на поетските преобразби. Па така, во песните од циклусот „Другиот”, небаре говори за некој друг, вели: Не се плаши од министерот за култура, туку од некултура. Па така, во песната „Спомени, небаре туѓи” се загатнува темата на океанот од спомени од некое друго, различно, попитомо време, кое прават и тој што сега се сеќава да се чувствува себеси како некој друг. Таа парадоксалност на човекот во времето и времето во човекот е оркестрирана и во песните од циклусот „Време(н)”. Јаболко што јаде црви (…) Вечно дете постаро од сите – тоа се некои од поетските слики со кои е доловено времето во овие песни, времето кое неумоливо и непогрешно јаде сè, сешто и секого, времето кое никој не може да го победи: Сè што е изградено / ќе биде уништено. Но иако на едно место вели дека време има сè помалку и помалкуа / а вистински луѓе / уште помалку, во ова memento mori на Јовица Ивановски има простор и за човечка надеж: Само крајот може да роди / нов почеток.

Јовица Ивановски е поет кој е буден и луциден набљудувач на стварноста, поет кој знае и умее да биде брутално искрен и отворен со себе и со другите, поет кој со рокенрол бунтовност ги одбива конформизмот, лажниот сјај и помодниот опортунизам кои доминираат во денешното време. Тие одлики на неговата поезија струјат низ сите негови книги и низ целата книга Човекот, а доаѓаат во полн израз во песните од циклусите „Набљудувач”, „Развратен” и „Борбен”: не прифаќајќи ги пропагандните демагогии, не прифаќајќи ни розови очила, ни подбутнување на ужасите под тепих, ни хипокризија, но ни молчење пред цунамито од лажни вредности, поезијата на Јовица Ивановски во овие песни е напати отворено бунтовна и ангажирана, напати (само)иронична и саркастична, напати шокантна и ласцивна, но секогаш искрена и човечна. Во овие песни, кои воопшто не се лесни, поетот се осмелува да ги каже дијагнозите за болестите на нашево време, дијагнози кои сите ги знаеме, ама ретко кој се осмелува да ги шепне или да ги напише, на пример, комбинацијата на апатија и воајеризам во која тоне денешниот свет: Никого ништо не го интересира, а секој / знае сè за секого () На човештвото отсекогаш на прво место / му бил човекот, / а истовремено и на последно.

5.

Во еден таков дехуманизиран свет последните три циклуси од стихозбирката (именувани „Љубовен”, „Сам” и „Земјен”) како своевиден триптих се занимаваат со љубовта, спокојот и прифаќањето. Во една песна наидуваме на една од најубавите поетски „дефинирања” на љубовта: Што е љубовта ако не безумие, / нелогичност, лудост… / Натчовечност што ги погаѓа и нелуѓето.Токму оваа (2019) година во целиот свет се чествува јубилејот 2.500 години од раѓањето на античкиот философ Протагора, познат по синтагмата „Човекот како мера”.

Како најубава коинциденција, стихозбирката Човек од Јовица Ивановски, во која секој циклус, ама и секоја песна ни загатнува едно од многуте лица на човекот, ни ја нуди поезијата како „мера” на човекот.

 

АвторВладимир Мартиновски
2019-12-27T12:02:36+00:00 декември 18th, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 129|Tags: |